Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше - Премини во Македонија и помогни ни!  (Дела.16,9)

Во една од своите параболи за Царството Божјо нашиот единствен Учител, Спасител и Господ, совечниот Син на вечниот наш Отец небесен, Исус Христос, ни открива една толку суштинска вистина што ако истата не ја разбереме може целиот наш личен, семеен и општествен живот да пропадне во слепата улица на самозалажувањето и себеуништувањето. Параболата гласи вака:

Царството небесно прилега на трговец, кој бара убави бисери, па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава се што има и го купува. (Матеј. 13, 45)

Zlatko2b.jpgШто ни открива нашиот возљубен Учител во оваа парабола? Ни открива дека секој човек во овој свет е налик на трговец кој ги бара вистинските вредности, односно, го бара она најскапоценото, ја бара смислата на постоењето и вистината, љубовта, радоста и блаженството во тоа постоење.

Во својот живот секој човек се среќава со разни нешта кои му се наметнуваат како “вредности” и “вистини” кои му нудат успешно, брзо и особено - без промена и очистување на личноста од гревот и злото -напредување во личниот и општествениот живот. Но, за многу кратко време, човекот или човештвото, се соочува со ВИСТИНАТА дека многу од таканаречените “вредности” и “вистини” се нечија лага, измама, патолошки болен интерес, манипулација или едноставно кажано слепа улица која секогаш завршува со сознанието дека сме измамени и дека изминатиот период од нашиот живот бил чисто промашување.

А дека тоа е така најдобро ни сведочи РЕАЛНОСТА на секојдневното живеење. Во таа реалност на лагата и се кратки нозете, но додека трае нанесува страшни несреќи и страдања во многу животи. И затоа нашиот Господ ни препорачува да бидеме како трговци, да внимаваме што купуваме и што продаваме, односно, што примаме во себе и што даваме од себе. А кога ќе го пронајдеме скапоцениот бисер, односно,  ВИСТИНАТА таква - каква што таа е, тогаш треба да се ослободиме, да ги отстраниме од себе сите лажни вредности и вистини и да ја купиме, односно, да ја примиме (внедриме) во себе вистинската ВИСТИНА за совршениот и од злото, гревот и смртта ослободениот начин на постоење во Царството Божјо - кое започнува за времето на нашиот живот во овој свет и век.

Скапоцениот бисер - ВИСТИНА, во овој свет и век, во нас се остварува и внедрува преку следниот духовен процес, односно, преку следните духовни скалила (состојби и фази на нашата личност):

1. духовно/личносно будење (покајание) од состојбата на заробеност од гревот и злото и од состојбата на себе и Богонепознавање,
2. внатрешна потрага по Вистината, по скапоцениот бисер,
3. препознавање на Божјиот призив во нашиот внатрешен човек (Јован.35-40),
4. подготовка за учество во Христовата победа (искупителна жртва) над злото, гревот, смртта и ѓаволот преку Светите Тајни - Крштевање, Миропомазание (печат и дар на силата на Духот Свет и Причест (непрестано наше потврдување и сведочење за нашата заедница со Нашиот Спасител Исус Христос и со Неговата Црква, која е Негово Тело). Оние што се крстени како деца и до своето покајание (духовно будење) не живееле како активни членови на Црквата, во активниот и спасоносен живот на Црквата влегуваат прекуСветата тајна Исповед,
5. Градење на своето спасение преку осмислување на својот личен, семен, црковен и општествен живот во духот на Христовите заповеди (евангелие),
6. Духовен подвиг преку борба против злото и гревот во и надвор од себе - во силата и даровите на Светиот Дух,
7. Сведоштво на Вистината (евангелизација) и осетливост за страдањата на нашите ближни и мотивираност да им се помогне на сите што имаат потреба од помош,
8. живот по воља , водство и промисла на нашиот Небесен Отец преку неговиот Син во Светиот Дух,
9. осознавање на вистината за Вечноста,
10. самите ние стануваме скапоцен бисер, затоа што вистината за Царството Божјо не' овистинила, очистила, ољубовила, спасила,. . . . . . . . бескрај / полнота / вечност. . . .
 
Овој духовен закон (процес) важи и дава осмислување и плод како во личниот, така и во семејниот и општествениот живот. Ова пред се е многу важно и за нашето заедничко живеење и како Македонци и како народ Божји (Црква) на овие наши македонски простори. На голем број свесни, совесни и одговорни личности од нашиот род им е јасно дека кризата (на сите нивоа) во која се наоѓаме е плод од нашата заедничка лоша трговија или духовна слепост со лажните вредности и вистини. Затоа и многумина се прашуваат каде е излезот, вистината, скапоцениот бисер. И излезот и вистината, односно скапоцениот бисер, се тука кај нас и во нас. Ние често за да се самопофалиме велиме дека сме Библиски народ кој живее на оваа македонска Библиска земја. Наместо само декларативно да ги кажуваме овие зборови треба суштински да се нурнеме во нивната смисла. А во таа смисла, во таа од Бога откриена ВИСТИНА ќе го пронајдеме следното. Ќе пронајдеме дека ако сакаме да се нарекуваме Библиски народ (Црква на живиот Бог, новозаветен народ Божји на овие македонски простори) треба да бидеме:

1. чесни и со мирна совест, а не криминализирани и поткупливи  
2. љубовноискрени, а не полни со завист, гордост, подлост, ситнодушие и лична егоистична сметка;
3. единствени и обединети со иста визија и вредности на живеење, а не разединети и омеѓени со високите ѕидини на исплашеното болно суетливо его;  
4. чисти од злото и утврдени во вистинската од Бога откриена вера, а не извалкани со празноверие (бајачки, гатачки, окултизам), идолопоклонство, суетлива мрзеливост, егоистична простотија и садо - мазохистичка злоба;
5. вистинољубиви, а не свесно да се  спротиставуваме на Божјите заповеди и вистини во името на својата страст, лична корист и интерес;
6. човекољубиви патриоти - ДОМОЉУПЦИ и РОДОЉУПЦИ, а не алчнокрадливо настроени егоистични лицемери кои секоја позиција во општеството ја користат за да приграбат нешто што не им припаѓа и сето тоа на штете на својот народ кој секојдневно станува се посиромашен и побезнадежен;
7. добри и одговорни родители, кои не ги убиваат своите деца преку абортус и лошо воспитување, туку, сериозно се трудат своите од Бога дарени рожби да ги хранат со искрена љубов, нежност, внимение и со вистинските вредности: скромност, послушност, одговорност, искреност, чедност. . . .
8. послушни на Нашиот Отецот Небесен преку Неговиот Син  во Светиот Дух и во Светата Црква, а не на разни болни умозамрачени личности, алчни лицемери, секташки лидери и гуру заведувачи, идеолишко - религиозни трговци, мативоди и белосветски манипулатори кои продаваат отров како да е  лек.

Оваа македонска земја ја нарекуваме света и библиска не само затоа што е спомната во Светото Писмо, туку затоа што над двеилјади години таа е осветувана преку молитвите на Црквата и натопувана со солзите и крвта на вистинските Христови ученици. Во своите недра таа ги чува телата на неброени знаени и незнаени светии, наши духовни и телесни предци, кои го очекуваат повторното Христово доаѓање и нашето заедничко воскресение од мртвите и вселување во полнотата на совршеното постоењето во вечните перспективи на Царството Божјо.  

Во овој историски момент, иаку во сериозна криза, Македонија и Македонецот имаат голема шанса. Македонецот е веќе заситен, а и длабоко понижен, повреден и многупати излажан од лажните вредности и вистини на отпаднатиот од Бога начин на постоење во овој свет. Но пред да започне да менува нешто, во себе и со себе, а и надвор од себе, современиот Македонец треба длабоко во себе да се осведочи и да ја разбере и внедри вистинската вечна вредност и сила на скапоцениот бисер што му се наоѓа при рака, за потоа со достоинство и духовна сила да може да каже дека е член на Библиски народ кој живее на својата света Библиска земја во слава на Бога и за доброто на сите луѓе и народи.


презвитер Ивица Тодоров
одговорен за просвета и мисионерство
 на Скопската Епархија на МПЦ

 

Посети: {moshits}