БЕСЕДА 19

Христијаните, кои сакаат да напредуваат и да растат, треба да се поттикнуваат себеси на секое добро, за да се избават од гревот, кој живее во нив, и да се исполнат со Дух Свети.

1Lak.svetlina.jpg. Оној кој сака да пријде кон Господа, да се удостои за вечен живот, да стане престојувалиште Христово, да се исполни со Светиот Дух, за да дојде до состојба да принесува плодови на Духот, чисто и беспрекорно да ги исполнува Христовите заповеди, треба, пред се, да започне со тоа што цврсто ќе поверува во Господа и целосно ќе се предаде на тоа да ги објавува заповедите Негови, во се ќе се откаже од светот, за да не биде умот негов зафатен со ништо видливо. Тој треба непрестајно да престојува во молитва, со вера, очекувајќи Го Господа, постојано да чека Тој да го посети и да му помогне, во секој миг само ова да го има како цел на својот ум. Потоа, поради гревот кој живее во него, тој треба да се поттикнува на секое добро дело, да ги исполнува сите Господови заповеди. Така, на пример, треба да се поттикнува на смиреномудрие пред секој човек, да се смета себеси за понизок и полош од секого и од никого да не бара да го почитува, фали или слави, како што е напишано во Евангелието, туку постојано пред очите да Го има само Господа и Неговите заповеди и само Нему да сака да Му угоди во кроткоста на срцето, како што вели Господ: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Мат. 11, 29).
2. Освен ова, да се труди да се научи, колку што е можно, да биде милостив, добар, милосрден, благ, како што вели Господ: бидете добри и благи „како што е мислостив вашиот Отец“ небесен (Лука 6, 36); и уште вели: „ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14,15); и уште: „потрудете се да влезете низ тесната врата“ (Лука 13, 24). Најмногу од се, никогаш да не заборава, како на образец, на смирението на Господа и на Неговиот живот, кроткоста, однесувањето со луѓето, да престојува во молитви, постојано да верува и да проси Господ да дојде и да се всели во него, да го усовршува и зацврстува во исполнувањето на сите Негови заповеди и самиот Господ да стане престојувалиште на неговата душа. И на тој начин, она што сега го прави принудувајќи си го неволното срце, некогаш ќе го прави доброволно, постојано учејќи се на доброто, секогаш сеќавајќи се на Господа и непрестајно очекувајќи Го со голема љубов. Тогаш Господ, гледајќи ја таквата негова волја и добрата грижа, гледајќи го како се принудува да се сеќава на Господа и како своето срце, дури и против иеговата волја, без престан го води кон доброто, кон смиреномудрието, кон кроткоста, љубовта, и тоа го води, колку што е тоа можно за него, со сиот свој напор, тогаш, велам, Господ ја покажува милоста Своја кон него, го избавува од неговите непријатели и од гревот кој живее во него и го исполнува со Духот Свет. Тогаш тој почнува да ги извршува сите заповеди Господови веќе без напор и труд, во сета вистина, или, подобро е да се каже, сам Господ ги извршува во него Своите заповеди и тој тогаш во чистота ги принесува плодовите на Духот.
3. Но оној кој приоѓа кон Господа, треба, пред се, дури и против волјата на срцето, да се принудува себеси на добро, постојано со несомнена вера да ја очекува милоста Господова. Ако нема љубов, треба да се принуцува на љубов. Ако нема кроткост, да се принудува на кроткост. Да се принудува да биде милосрден и да има милостиво срце. Да се принудува да трпи потценување и кога го потценуваат да биде великодушен, кога го понижуваат или му се потсмеваат да не негодува, според кажаното: „Не одмаздувајте се, возљубени“ (Рим. 12, 19). Ако нема духовна молитва, треба да се принудува на молитва. Во таков случај, Бог, гледајќи дека човекот толку се подвизува и против волјата на срцето со напор се зауздува себеси, ќе му даде вистинска духовна молитва, вистинска љубов, вистинска кроткост, штедрост внатрешна, вистинска добрина, со еден збор, ќе го исполни со духовен плод.
4. А ако некој, немајќи молитва, се принудува само на молитва, за да има молитвена благодат, но не се принудува на кроткост, на смиреномудрие, на љубов, на исполнување на останатите Господови заповеди, и не се грижи, не вложува труд и напор да напредува во нив, тогаш, според мерката на неговата изразена слободна волја, согласно со неговото барање, му се дава понекогаш делумно молитвена благодат во спокојство и веселост на духот, но според наравта тој останува ист каков што бил и претходно. Тој нема кроткост, зашто не вложил труд и не се подготвил да стане кроток. Нема смиреномудрие, зашто не го барал и не се принудувал на тоа. Нема љубов кон сите, затоа што, барајќи молитва, не се погрижил за ова и не покажал напор. Кога го прави самото дело, нема вера и надеж во Бога, затоа што се знаел себеси, па сепак не забележал дека тоа го нема во себе, и не се потрудил со напор да побара од Господа цврста вера и вистинска надеж во Него.
5. Секој треба да се присилува и принудува, дури и против желбата на своето срце, како на молитва, така и на надеж, и на смиреномудрие, и на љубов, и на кроткост, и на искреност и простосрдечност, и на секое трпение, дури и на долготрпение, според напишаното, со радост (1. Сол. 5,16). А исто така да се принудува на самопонижување, на тоа да се смета себеси беден и последен од сите, а и на тоа да не зборува за ништо бесполезно, туку да размислува, и со срцето и устата постојано да го искажува тоа што е Божјо, како и на тоа да не се раздразнува и да не вика, според кажаното: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба“ (Ефес. 4, 31). Исто така, да се принудува на тоа во наравта во се да се уподобува на Господа. Да се принудува на секој добродетелен подвиг, на добар и прекрасен живот, на секоја добрина во однесувањето (со луѓето), на секоја смиреномудреност, на кроткоста, на тоа да не се превознесува, да не шпекулира со умот, да не биде надмен и да не зборува лошо за никого.
6. Оној кој сака да има добро искуство и да Му благоугоди на Христа, треба да се принудува на сево ова, па Господ, гледајќи ја неговата срдечност и волност во се, и како тој се принудува и со напор се поттикнува на секоја добрина, едноставност, благост, на смиреномудрие, на љубов, на молитва, да му се даде Себеси целосно. Тогаш самиот Господ во сета чистота и вистина, без труд и напор, ќе го извршува во него сето она коешто порано, поради гревот кој живеел во него, тој не можел да го запази, па дури и при сиот напор. Тогаш секоја вежба во добродетелта се претвора за него како во природа. Доаѓа, најпосле, Господ, престојува во него, и тој престојува во Господа, и Господ самиот, без труд, ги извршува во него Своите сопствени заповеди, исполнувајќи го со духовен плод. А ако некој се принудува само на молитва, се дури не ги прими даровите од Бога, ама не се присилува, не се принудува и не се учи исто така и на другите добродетели што ги кажавме погоре, тогаш тој не може истите вистински да ги извршува чисто и беспрекорно. Потребно е, колку што е можно, да се подготвуваме себеси за доброто. Зашто понекогаш благодатта Божја доаѓа кај него, според неговото барање и молење, затоа што Бог е благ и милостив и на оние кои бараат нешто од Него им го подарува тоа што го бараат. Но сепак, оној кој ги нема добродетелите што ги спомнавме погоре, не се поучил на нив и не се подготвил себеси за нив, тој и да ја прими благодатта, откако ќе ја прими ја губи и паѓа поради високоумието или не напредува и не расте во благодатта што му е подарена, затоа што не се предава на исполнувањето на Господовите заповеди со сета своја доброволност. Зашто, како престојувалиште и почивалиште на Духот служат смиреномудреноста, љубовта, кроткоста и останатите Господови заповеди.
7. Затоа, оној кој сака вистински да Му благоугодува на Бога, да ја добие од Него небесната благодат на Духот, да расте и да се усовршува во Светиот Дух, треба да се принудува на исполнување на сите Божји заповеди и да си го покорува срцето, дури и против неговата волја, според кажаното: „Затоа се управував според сите Твои заповеди и патот на неправдата го замразив“ (Псал. 118, 128). Како што некој се присилува и принудува да останува во молитвата, се дури не напредне во тоа, слично на ова, ако посака да се присилува и принудува на сите вежби во добродетелта, се обучува во добра навика и на тој начин, непрестајно просејќи од Господа и молејќи Го и добивајќи го она што го барал, вкусувајќи ја сладоста Божја и станувајќи причесник на Светиот Дух, прави да расте и расцветува дарот кој му е даден, да почива во него смиреномудреноста, љубовта и кроткоста.
8. Самиот Дух му го подарува ова и го научува на вистинска молитва, вистинска љубов, вистинска кроткост, на кои тој претходно се принудувал, кои ги барал, за кои се грижел и размислувал, и кои, најпосле, му се дадени. И на тој начин, откако ќе израсне и ќе се усоврши во Бога, тој се удостојува да биде наследник на царството; затоа што смирениот никогаш не паѓа. А каде и да падне тој кој е подолу од сите? Високомудреноста (шпекулирањето) е големо понижување. А смиреномудреноста е голема височина, чест и достоинство. Затоа и ние, макар и против волјата на срцето, да се присилуваме и принудуваме на смиреномудрие, на кроткост и љубов, просејќи од Бога и молејќи Го непрестајно со вера, надеж и љубов, во тоа очекување и со таа мисла дека ќе го испрати Духот Свој во нашите срца и тогаш ќе Му се молиме и поклонуваме на Бога во дух и вистина.
9. И самиот Дух ќе не научи на вистинска молитва, којашто сега не можеме да ја вршиме ниту со напор, ќе не научи на штедроста внатрешна, на добрината и на тоа вистински, безгрижно и непринудено да ги исполнуваме Господовите заповеди како што самиот Дух знае да не исполнува со Своите плодови. На тој начин, кога ќе ги исполниме   сите   Божји  заповеди  преку  Духот  Божји, којшто единствен ја знае волјата Господова, и кога Духот ќе не усоврши во Себеси и совршен (потполн) ќе биде во нас, кои сме се исчистиле од секаква скверност и гревовна нечистотија тогаш Духот нашите души, како прекрасни невести, ќе Му ги доведе на Христа чисти и беспрекорни и ние ќе се успокојуваме во Бога, во Неговото царство, и Бог ќе почива во нас во бесконечните векови. Слава на Неговите штедрости, милосрдието и љубовта, затоа што го удостоил родот човечки со таква чест и слава, ги удостоил луѓето да бидат синови на Отецот небесен и ги нарекол Свои браќа! Слава Му во вековите! Амин.

Издавач: ЃаконијА

Посети: {moshits}

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg