Bogorodica.akatistRozdestvo.jpg
ТРЕТ ДЕЛ

ПОЧИТУВАЊЕТО НА БОЖЈАТА МАЈКА

1

Убеден сум дека не само верните, но и неверните знаат, колку огромно и сосема особено место зазема во верата и во животот на Црквата почитувањето на Марија, Мајката на Исуса Христа. Од најдревните времиња црковното предание ја нарекува Неа Божја Мајка, Богородица, Пречиста, Сесвета... А една од најраспространетите, почесто од сите црковни молитви кои ги повторуваме ја велича како “почесна од херувимите и пославна, без споредба, од серафимите”, то ест, укажува дека Неа и подобува поголема чест отколку на херувимите, и дека Таа е загрната со неизмерно поголема слава, отколку серафимите, како што Светото Писмо ги нарекува ангелите. Во Црквата нема служба, речиси да нема молитва, во која не се спомнува Нејзиното име.
Како да не си спомнеме за тоа дека со ништо друго така не е проникната христијанската уметност, како западната, така и источната, како со образот на Мајката со Божественото Дете на рацете. Овој образ ние го гледаме веднаш штом ќе влеземе во храмот - на почесното место околу царските двери на иконостасот. Пред нив, толку е вообичаено, да се видат многу свеќи кои горат, а ако се подигне погледот нагоре, тогаш во апсидата, над олтарот, во православните храмови често може да се види образот на Марија, кој стои во центарот, како срце на целиот свет, и натписот: “Заради Тебе, Благодатна, се радува секоја твар”.
Само во една Русија постоеле повеќе од триста, таканаречени, почитувани или чудотворни икони на Божјата Мајка, то ест икони опкружени со исклучително почитување. Кон неа, како неисцрпни бранови, се вознесувале молитви, слава, радост, прозби за помош, сосема посебна љубов. Но ете, во наши денови многумина, дури, како што се вели денес, “такви кои се интересираат” за религијата, кои од безбожност пристапуваат на верата, го поставуваат прашањето за смислата на почитувањето на Мајката на Исус Христос, тоа за нив не е самоочигледно и дури, како да предизвикува сомнеж.
Бог, Христос - тоа е сфатливо. Но ете - не се ли претерано многу места посветени на Марија, не го засолнил ли, во народната религија, Нејзиниот образ - образот на Нејзиниот Син, не е ли преувеличување таа слава, таа љубов? За неверните, за безбожниците, за оние кои се зафатени со активното развенчување на религијата - за нив јас не зборувам. За нив целиот овој култ, како што тие се изразуваат, е култ на Мајката, култ на Девата - едно непрекинато суеверие, траги од минатото, остатоци од древните религии со нивното почитување на Мајката-влажна земја и силите на раѓањето во природата. Затоа толку е потребно сега да се обидеме да ја објасниме вистинската смисла, вистинската содржина, вистинската усмереност на ова црковно прославување, кое доаѓа од древноста, на Онаа, која сама за себе рекла, според евангелскиот расказ -”отсега ќе ме ублажуваат сите родови”.
Јас ќе говорам - “ќе се обидам”, затоа што да се направи тоа, да се даде такво објаснување - не е лесно. Во едно од црковните песнопеења, посветени на Дева марија, вака е речено: “Âко одушевленному БожиÓ кивоту да никакоже коснетсÔ рука сквернìх”, што во слободен превод од црквено-словенски значи: “Нека не се допре рака нечиста до воодушевеното живеалиште Божјо”. Колку што е повозвишено, почисто, посвето, попрекрасно тоа за што сакаш да говориш, толку е потешко. И до крајот, ми се чини, невозможно е да се изрази со зборови она што го видело, осознало, возљубило, и кое - со таква радост, со таква љубов - го прославува во овој единствен образ црковното сознание на сите времиња.

2

Во Новиот Завет за Марија, мајката на Исуса Христа, се говори релативно малку. Од четирите евангелисти само двајца - Матеј и Лука - раскажуваат за раѓањето на Исуса Христа во Витлеем, и тоа значи - ја именуваат Неговата Мајка, зборуваат за надворешните околности на овој настан, и.т.н. Кај евангелистот Марко за Марија не се говори воопшто. Во Евангелието според Јован Таа се појавува два пати: на самиот почеток, во расказот за бракот во Кана Галилејска, каде Таа се застапува пред својот Син за организаторите на брачната трпеза, на кои им снемало вино. И на крајот, кога Мајката стои под Крстот, на кој е распнат Нејзиниот Син.
Во книгата на Делата Апостолски, посветени во својот прв дел, на животот на првата христијанска заедница во Ерусалим Марија се спомнува еднаш, во првата глава, каде што е речено дека учениците Христови престојувале заедно во молитва со жените и Марија, Мајката на Исус. Во сите други книги на Новиот Завет, посланијата на Павле и останатите апостоли - за Неа ништо не е речено. Оттука, од оваа околност, го изведуваат својот прв и главен аргумент сите оние кои во почитувањето на Божјата Мајка, кое /нешто/ во животот на Црквата зазема огромно, навистина централно место, гледаат нешто како “надонесено” во христијанството, туѓо на неговиот првобитен дух и учење. Таков бил веќе во ЏВИ век аргументот на протестантите, кои сметале дека поклонувањето и почитувањето, кое и се одава на Божјата Мајка, нема основа во Светото Писмо и претставува идолопоклонство. Ете, ни говорат, во Црквата се празнува празникот на Рождество на Божјата Мајка, Нејзиното Воведување во храмот, Нејзиното Успение. Но ете ни еден од овие настани дури и не е забележан во Светото Писмо, во Библијата, во Новиот Завет и, според тоа, ова се човечки измислици кои ја затемниле првобитната чистота и едноставност на христијанското учење.
И ете затоа што овој аргумент е навистина сериозен, одговарајќи на него, ни следува да почнеме со она што го нарековме “обид според силите” да ја објасниме содржината и смислата на почитувањето на Марија во Црквата и воопшто во христијанството.
Овој одговор ќе го започнам со неколку зборови за пристапот кон религиозните појави воопшто. Бидејќи кон овие појави постојат, и секогаш постоеле два пристапи. Едниот може да се нарече пристап однадвор, а другиот - пристап одвнатре. Со едноставното определување на пристапот однадвор се покажува неговото определување како пристап, целосно заснован на докази. Докажи дека постои Бог, докажи дека Христос е - Бог, докажи дека во христијанската тајна лебот станува Тело Христово, докажи дека постои друг свет... Докажи и јас ќе ти поверувам. Но додека не докажеш - не ќе ти поверувам. Но доволно е човек да се замисли над сите тие “докажи”, и очигледно станува дека овој пристап не само што не може да доведе до суштината на религиозните појави, но тој не пристапува кон животот воопшто, со исклучок на релативно тесната сфера на природните науки. Да се докаже дека водата врие на 100º - е можно. Но да се докаже дека Пушкин е - гениј, тоа не е можно. Како што не е можно да се докаже воопшто ништо што се однесува кон внатрешниот свет, внатрешниот живот на човекот, неговата радост и тага, неговиот восхит и вера. Да обрнеме внимание и на тоа дека Христос ништо не докажувал, а само ги повикувал луѓето да го видат, да го слушнат, да го примат она што не го виделе, не го слушнале, не го примиле, и денес се уште - во огромен број луѓето - не гледаат, не слушаат, не примаат. Со други зборови, колку што има повеќе вистина, добро, убавина - толку помалку тие можат да се докажат, толку помалку кај нив може да се примени пристап кој се содржи од докази.
И тоа не доведува кон втор метод, оној кој го нарекуваме метод или пристап одвнатре. Со овој метод, сами на себе не барајќи си објаснување, ние и се ползуваме во нашиот вистински, а не апстрактен живот. Имено, преку него и живееме. Така, на пример, кога љубиме некој човек, на нас во него ни се открива она, што оние кои не љубат, не можат да го видат. Ни се открива неговата внатрешна суштина, која е сокриена од надворешниот поглед, но која се открива на љубовта, на блискоста, непосредното знаење. И ете, наместо да пребројуваме “однадвор”, колку пати се спомнува името на Мајката на Исус во овој или оној текст, ќе се обидеме прашањето за Нејзиното почитување во христијанската вера да го поставиме сосема поинаку, да го поставиме според штотуку укажаниот метод “одвнатре”...
Јас ќе кажам вака: ако нашата вера во Христа ништо не знаеше за Неговата Мајка, освен тоа дека Таа постоела и дека ја викале Марија, тогаш наједноставното знаење ќе беше доволно, за да се узнае за Неа, да се види во Нејзиниот образ, да се најде во верата, да се најде, исто така, во нашето срце се она, што две илјади години гледала, слушала и распознавала во овој образ Црквата. На нас ни говорат - во Библијата ништо не е кажано за раѓањето на Марија и Нејзината смрт. Но бидејќи Таа постоела, живеела - значи, таа се родила и, значи, умрела. Така зарем нашата љубов кон Христа, нашата вера во Него е рамнодушна кон тоа што започнало во светот, кога во него се родила Онаа на која и било судено да постане Негова Мајка? Зарем - ако веруваме во апсолутната, божествена единственост на Христа и на она што Тој го извршил во светот - ние не ќе го сосредоточиме нашиот умствен, духовен поглед на жената која Му го дала Неговиот човечки живот?
Со други зборови, од љубов и од знаење, само од љубовта дарувано е - целото почитување на Божјата Мајка, целата љубов кон Неа, целото наше знаење за Неа. И навистина пред нас секогаш стои само една можност, само еден избор: пријдете, вкусете и сами решете дали тоа е - измислица и митологија или пак, вистина, живот, убавина, кои сами по себе ни се доказ - преку својата животност, длабочина и убавина.

3. Благовест

Blagovestenie4.jpgБлаговест! Некогаш тоа бил еден од најрадосните, најсветлите денови во годината, празник со кој не само во свеста но, јас би рекол - и во потсвеста, била поврзана некоја ликувачка интуиција, светло видување на светот и животот. Се разбира, за таканаречениот научно-атеистичен пристап на религијата во евангелскиот расказ за Благовеста, од каде произлегол празникот, ќе се најдат особено многу поводи, за да се говори за “митови и легенди”. Зарем се случува тоа, ќе речат луѓето кои позитивно мислат и кои се рационално настроени, ангелите да им се јавуваат на млади жени и со нив да водат разговор? Зарем верните се надеваат, дека луѓето на ЏЏ век, луѓето на техничката цивилизација и научната настроеност ќе поверуваат во тоа, зарем верните не сфаќаат колку се тоа е несериозно, ненаучно, неслично на вистината?
На овие прашалници, потсмевања, разобличувања верните можат секогаш да дадат само еден и ист одговор: да, за жал, да се вклучи тоа во вашето површно созерцување на светот навистина е невозможно; да, додека разговорот за Бога и за религијата се води во површноста на хемиските експерименти и математички пресметки - ќе победете вие и ќе торжествувате во лесната победа. Тука не е потребно да се докажува или да се одрекува дека тоа би било така без помош од хемијата и математиката. И на јазикот на вашата наука, се разбира, ништо не значат зборовите ангел, блага вест, радост, смирение. Но зошто човек да се ограничува со религијата? На тој ваш јазик ништо не значи добра половина од зборовите воопшто, и ете затоа и ви одговара да ја држите под страшен притисок и поезијата, и литературата, и философијата, и воопшто целата човечка мечта. Вие би сакале целиот свет да мисли како вас - за производството и економските закони, за колективите и програмите. Но светот така не мисли, и тој треба да се држи во железни нараквици, за тој да мисли така, или поточно, да се преправа дека така мисли. Вие говорите дека се тоа што е мечта е - невистина, затоа што тоа не постои. Но всушност, луѓето секогаш живееле, живеат и ќе живеат со мечта, и се најдлабоко, најпотребно за себе го изразуваат на јазикот на мечтата. Јас не знам што е тоа ангел, и не можам на вашиот јазик да објаснам, што се случило пред две илјади години во малечкото галилејско гратче и за што раскажува Евангелието според Лука. Јас мислам дека овој расказ човештвото никогаш не го заборавил, дека овие неколку редови се воплотиле во безброј слики, поеми, молитви, дека тие продолжиле и продолжуваат да вдахновуваат. А тоа, се разбира, значи дека луѓето во нив слушнале нешто бесконечно важно за себе, некаква вистина, која, според секоја веројатност, поинаку, освен на тој детски, радосен јазик не може да се изрази.
Во што се состои таа вистина? Што се случило, кога младата жена, речиси девојка, одеднаш го слушнала - од каква длабочина, од каква височина! - тој необичен поздрав: “Радувај се!” - Бидејќи ете што и рекол ангелот на Марија: “Радувај се!”
Светот е исполнет со томови книги за борба и натпревар, со нив сакаат да докажат, дека патот кон среќата лежи низ омразата. И во сите тие томови ни еднаш не е напишан зборот “радост”, и луѓето дури и не знаат, дека постои такво нешто. А ете таа радост, за која возвестил ангелот, продолжува да трепери во светот и толку ги возбудува, толку ги бранува човечките срца. Влезете во храмот вечерта пред Благовест. Дочекајте го тој момент во оваа долга служба, кога, по долго очекување, по долго време хорот ќе започне да пее, толку тивко и толку божествено-прекрасно: “Архангелскиот глас Ти извикува, Чиста - радувај се, и пак ќе речам - радувај се!” Поминале векови, а ние пак и пак го слушаме тој повик кон радоста, и радоста со топол бран го поплавува нашето срце. Но заради што е таа? Се разбира, и пред се, заради онаа жена, чиј образ со себе го исполнил светот, која не гледа од иконите, станал еден од највозвишените и најчисти воплотувања на човечката уметност, човечката мечта. Верност, чистота, целосност, сецело самопредавање, бесконечно смирение - се тоа што засекогаш прозвучува во одговорот на Марија на ангелот: “Ете ја слугинката Господова, нека ми биде според глаголот Твој”. Кажете, постои ли во светот - во целата негова богата и сложена историја - нешто повозвишено и попрекрасно од овој човечки образ. Навистина, како што пее Црквата, за Неа, за Пречистата и Благодатна, вечно “се радува секоја твар”. На лагата за човекот, на неговата редукција на земјата и на животот, на ниското и животинското, на неговото потчинување на минливите и безлични закони на природата Црквата одговара со образот на Марија, пречистата Богомајка, со Онаа кон Која, според зборовите на рускиот поет, секогаш се вознесуваат “од голема полнота најслатките човечки солзи”. Според тоа, радост за тоа дека тука се надминува таа невистина, таа лага за човекот, со која цело време се исполнува светот. Радоста на уживањето, радоста на поседувањето - бидејќи овој образ секогаш е со нас, како утеха и храброст, како вдахновение и помош. Радост за тоа што, гледајќи на него, толку лесно е да се верува во небесната синевина на светот, во небесниот повик на човекот. Радоста за Благовест - за благата вест, принесена од ангелите, дека луѓето се здобиле со благодат од Бога, и дека наскоро, наскоро - низ неа, низ таа на никого непозната галилејска жена, ќе започне да се извршува тајната на спасението на светот: кај неа ќе пријде Бог, и не ќе пријде со татнеж, не во страв, а во радост и полнотија на детството, и низ неа во светот ќе зацарува Детето, слабо и незаштитено, но кое засекогаш, за вечни векови ќе ги обесили сите сили на злото. Така ете тоа е она што ние го празнуваме на Благовест, ете зошто овој празник секогаш бил и засекогаш ќе остане таква радост, таква светлина. Уште еднаш - да се сфати и да се изрази тоа во нашите категории е невозможно, бидејќи целата ваша таканаречена безбожност и се сведува на тоа што вие своеволно, категорично сте ја прогласиле за несуштествена, непотребна и штетна целата мера на човечкиот опит, и сте ги прогласиле за несуштествени сите тие зборови и сфаќања, во кои тој бил изразен. За да се спори со вас на вашиот јазик, неопходно е претходно човек да се спушти во некој темен погреб, каде небото не се гледа - и затоа тоа се одрекува, каде не свети сонцето - и затоа тоа не постои, каде се е грдо, нечисто и темно, и затоа се одрекува убавината, каде е невозможна радоста, и затоа сите се - зли и тажни. Но ако човек излезе од погребот и се подигне, ќе падне во храм кој ликува од радост, и таму повторно ќе слушне: “Архангелскиот глас Ти извикува, Чиста, радувај се, и пак ќе речам: радувај се!”

4. Рождество на Богородица

Bogorodica.mala.vodno.jpgОсновното почитување на Марија во Црквата секогаш било Нејзиното послушание на Бога, слободната доверба, кое и било откриено со повик не од човек слушнат. Православната Црква воопшто секогаш ја нагласувала таа врска на Марија со човештвото, и ако може така да се изразиме, ја љубела како најчист, највозвишен плод на човечката историја, на човечкото трагање по Бога, и во Него - по последната смисла, последната содржина на човештвото. Ако на Запад, во западното христијанство, во центарот на почитувањето на Марија секогаш стоел Нејзиниот образ како Дева, девство кое не било нарушено со мајчинството, тогаш за православниот Исток таква срцевина на неговата љубов кон Марија, созерцувањето на Неа и - уште еднаш ќе повторам - радосната љубов кон Неа од самиот почеток била и останала усмерена кон нејзиното Мајчинство, Нејзината крвна врска со Исус Христос.
Православниот Исток, пред се, се радува на доаѓањето на Синот Божји на земјата, на спасителното јавување на Бога Кој станал човек, за човекот да го присоедини на Својот Божествен повик, во ова доаѓање да прими удел и самото човештво. Ако најрадосното и најдлабокото во христијанската вера е - оваа “соприродност” на Христа на нас, тоа што Тој е навистина човек, а не призрак, не таинствено јавување, дека Тој е - еден од нас, за вечност со нас поврзан со своето човештво, тогаш сфатливо станува и љубовното почитување на Онаа која тоа човештво, нашата плот и крв, Му го дала. Онаа благодарение на која Тој, Христос, можел да се нарекува себе така како што Тој секогаш се нарекувал: “Син Човечки”. Син Божји, Син Човечки...
Бог се спуштил до човекот, за човекот да го направи Божествен, или, како што говорат учителите на Црквата - да го обожи, да го направи причесник на Божеството. Тука, во ова многу силно откровение за вистинската природа, за вистинскиот повик на човекот е - изворот на благодарниот, љубовен однос кон Марија како наша врска со Христа, и во Неа - со Бога.
И никаде ова не се разоткрива со поголема јасност, отколку во празникот на Рождество на Богородица. За овој настан ништо не е кажано во Светото Писмо. Па и што особено може да се каже за раѓањето на детето, раѓање слично на секое раѓање. И ако Црквата започнала во посебен празник да си спомнува и да го празнува овој настан, тогаш тоа не е затоа што ова било нешто исклучително, чудесно, нешто што излегува од нормалата, не, а затоа што неговата обичност ја разоткрива новата и лачезарна смисла во се она што го нарекуваме “обично”, им дава нова длабочина на оние подробности на човечкиот живот, за кои толку често говориме, дека тие “со ништо не се забележливи”.
Но да погледнеме на иконата на овој празник, да се загледаме во неа со нашиот духовен поглед. Ете на постелата е - жена која штотуку родила ќерка. Црковното предание тврди дека носела име Ана. Покрај неа е  - таткото чие име, според истото предание, е - Јоаким. Покрај постелата жените го извршуваат првото миење на новороденото девојче. Најобичен, со ништо незабележителен настан. Но дали е тоа така? Не сака ли со оваа икона Црквата да ни каже, пред се, дека раѓањето во светот, во животот на ново човечко суштество - тоа е чудо над сите чуда, чудо кое ја разбива обичноста, бидејќи тука е почетокот, по кој веќе нема и не ќе има крај. Почеток на единствениот, неповторлив човечки живот, појава на нова личност, во чие појавување како повторно да се создава светот, и ете - му се дарува, му се дава на овој нов човек неговиот живот, неговиот пат, неговото творештво.
Значи, главното што ние го празнуваме во овој празник, тоа е доаѓањето во светот на самиот Човек, доаѓање за кое во Евангелието е речено, дека кога тоа ќе се случи, ние “веќе не ги помниме маките од радост што се родил човек на светот”. Второ: ние сега знаеме, чие раѓање, чие доаѓање празнуваме. Ние ја знаеме единственоста, убавината, благодатноста на ова дете, неговата судбина, неговото значење за нас и за целиот свет. И трето - ние го празнуваме и се она и сите оние кои некако ја подготвиле Марија, ја исполниле со оваа благодат и убавина. Ете, денес многу говорат за наследноста придавајќи и некаква ропска, детерминистичка смисла. Црквата, исто така, верува во наследноста, но духовна. Колку вера, колку добро, колку поколенија на луѓе кои живееле возвишено и небесно, на дрвото на човештвото да израсне овој прекрасен и благоухан цвет - пречистата Дева и сесветата Мајка! И затоа тоа, исто така, е празник на човештвото, верата во него, радоста за него. За жал, на нас ни е видлива и сфатлива наследноста на злото. И навистина, толку зло има околу нас, што таа вера во човекот, во неговата слобода, во неговата возможност за добра и светла наследност речиси исчезнала во нас и се заменила со скептицизам и недоверба. Меѓутоа, овој зол скептицизам, оваа мрачна недоверба не повикува да ја оттурнеме од себе Црквата на денот кога таа го празнува - и тоа со каква радост и вера - раѓањето на малечкото девојче, во кое како да се сосредоточило доброто, наравствената убавина, совршенството, кои ја составуваат вистинската човечка природа. Преку неа, преку ова девојче кое се родило, и во Неа, светот го пресретнува Христа кој доаѓа кон него. Таа е наш дар - на Него, наша средба со Бога. И ете, ние веќе сме на пат кон Витлеемската пештера, кон радосната тајна на Богомајчинството.

5

Приснодевството, то ест вечното Девство на Марија, Црквата го прославува секојдневно повторувајќи ја молитвата обрната кон неа: “Богородице, Дево, радувај се, Благодатна Марија, Господ е со Тебе...” Треба ли да се докажува дека оваа вера во непорочното зачнување, во девството на Марија за многу луѓе претставува еден вид на “камен на сопнување и соблазна”, предмет на недоумица и неразбирање, предлог за обвинување на христијанството за суеверие, и.т.н. На овие недоумици верните обично одговараат: тоа е чудо во кое ние веруваме, во кое треба да се верува, а не мора да се сфати...
Овој одговор, кој за верните е самоочигледен, сепак, треба да се уточни. Од една страна, само по себе се подразбира дека ако, како што веруваат верните, постои Бог - Творец на светот и животот и сите негови закони, тогаш Бог е сесилен тие закони да ги нарушува, то ест да го прави она што на обичниот човечки јазик се нарекува чудо. Чудото - тоа е нешто кое излегува од границите на законите на природата кои ние ги познаваме, она што е спротивно на “природното”, ние го чувствуваме како натприродно. Ако Бог е - Бог, тогаш Тој, очигледно, бесконечно се издигнува над “законите на природата”, сесилен е, семоќен и апсолутно слободен.
Се тоа е така, и верата која го одрекува чудото, то ест која го потчинува Бога на ограничените закони на природата - веќе, се разбира, не е вера. Но тоа не значи дека на нас - верните христијани - ни е забрането да се прашуваме себе, да ја прашуваме нашата вера - за смислата на чудото. Бидејќи во тоа и е работата, што христијанското сфаќање на чудото, сфаќање кое произлегува од Евангелието, од Христос - тоа е особено сфаќање, кое од нас бара продлабочено духовно внимание. Пред се, на образот на Христа. Евангелието го исклучува сфаќањето на чудото како доказ, како факт, кој го принудува човекот да поверува. Јас говорам - на образот на Христа... Навистина, ако нешто доминира во овој единствен образ, тоа никако не е желбата со помош на чудо да се “докаже” својата Божественост, а напротив - крајното смирение. Апостол Павле за Христа пишува извонредни зборови: “Он, бидејќи образ Божји, ...се понизил Себе, примајќи образ на слуга... се смирил Себе, станувајќи послушен дури до смрт, смрт крсна...”
Никаде, никогаш, ни еднаш Христос не кажал дека Тој се родил на чудесен начин - не го употребил тој “доказ”. И кога тој висел на Крстот, од сите оставен во својата страшна агонија, оние кои го опкружувале се потсмевале со Него, барајќи му токму чудо: “слези од крстот, и ќе поверуваме во Тебе”. Но Тој не слегол од крстот, и тие не поверувале во Него. Оние кои поверувале - поверувале затоа што Тој не слегол од крстот, бидејќи ја почувствувале целата Божественост, целата бесконечна височина на смирението, на сепростувањето, која засветлило од Крстот: “Оче, прости им, зашто не знаат што прават...”
Повторувам, нема во Евангелието, нема во вистинската христијанска вера, однос кон чудото како /еден вид на/ доказ. И нема затоа што таков доказ - со помош на чудо - го лишува човекот од она што христијанството во него го смета за најдрагоцено, го лишува од слободата. Христос сака луѓето во Него да веруваат слободно, а не принудени на вера преку “чудо”. “Ако Ме љубите - говори Тој - ќе ги чувате Моите заповеди...” И ние го љубиме Христа - за жал, во онаа слаба мера во која Го љубиме - за ништо, не заради сесилноста, не, а заради Неговата љубов, смирение, за тоа, говорејќи со зборовите на оние кои Го слушале, дека “никогаш човек не говорел така како овој Човек”.
Но Христос правел чудеса: Евангелието е исполнето со раскази за исцелувања на болни, оживување на мртви, и.т.н., кои Тој ги правел. И затоа умесно е да се запрашаме: во што тогаш, е нивната смисла, на овие чудеса кои Христос, сепак, ги пројавувал во светот? Ако Христос, според зборовите на евангелистите, не извршувал чуда таму каде што не верувале во Него, ако ги разобличувал луѓето за тоа дека тие чекаат и сакаат од Него чуда, тогаш зошто Тој правел чуда? Само одговарајќи на ова прашање, ние можеме, можеби, да го сфатиме и чудото над сите чуда - приснодевството на Марија, Неговата Мајка, и несоборливата вера на Црквата во ова чудо. Пред се, сите чудеса, за кои ние знаеме од Евангелието, Христос ги извршил според љубовта. “Тој се сожали над нас...” - говори евангелистот. Се сожали над родителите на умреното девојче, над вдовицата, која го загубила единствениот син, над оние кои празнувале и се радувале, на кои им снемало вино, над слепите, куците, оние кои страдат. И тоа значи дека извор на чудото била и останува љубовта. Тој не прави чудо за Себе, за Тој да се прослави себе, да се пројави Себе, својата Божественост, да им ја докаже на луѓето, а само затоа што љуби и, љубејќи, не може да ги поднесе страдањата на човекот безнадежно заробен со зло.
Меѓутоа, ова објаснување како да не се однесува на она чудо за кое станува збор: за раѓањето на Христа од Дева, за Нејзиното приснодевство... Тоа навистина е единствено чудо по својата суштина, ако може така да се изразиме, тајно, само на верата откриено и само преку верата потврдено. Свој извор во нашата вера има и тоа дека Христос е Бог Кој станал човек, примајќи го на Себе нашето човештво, за да го спаси. Да го спаси од што? Од потполното, безизлезно ропство на природата и нејзините неумоливи закони, кои не прават само дел од природата, само материја, само “плот и крв”. Но човекот - не е само од природата. Тој, пред се, е од Бога, од слободната Божја љубов, од Духот.
И ете само ова го тврди нашата вера: Христос е од Бога, Божји, Негов Отец е - самиот Бог, со Неговото раѓање, со Неговото доаѓање во светот започнува новото човештво, кое не е од плот и не е од похота, на кои ние сме се потчиниле себе, а од Бога. Бог се свршува со човештвото во лицето на Неговиот најдобар плод: пречистата Дева Марија, а низ Неа, низ Нејзината вера и послушание, ни го дава Својот Единороден Син. Во светот влегува, со нас се соединува Новиот Адам, и го воспоставува оној - првиот - кој не бил создаден “од природата”, а од Бога. Ете што - со трепет и радост - узнаваме ние, ако веруваме во Христа, ете зошто, примајќи Го како Бог и Спасител, ние во Неговата Мајка го узнаваме лачезарното приснодевство, и низ него - победата во светот на Духот и Љубовта над материјата и нејзините закони.

6. Покров

Pokrov.Bogorodicen.jpgЕсенскиот празник, празникот на Покровот на Божјата Мајка, кој кај нас е посебно сакан, иако не се појавил во Русија, а во Константинопол, и - колку и на нас денес да ни е чудно - се јавил како празник на победа на Византија над нашите претци, кои тогаш го опседнале престолниот град. Според преданието, во деновите на оваа опсада некои луѓе кои се молеле во храмот ја виделе Божјата Мајка, како држи покров над градот и како се моли за овој град. И бидејќи ова не се случило прв пат во историјата, локалниот настан, ограничен со локални околности, како да се надраснал себе, раширувајќи се до вселенски размери и до вселенско значење. Се заборавила историската врска на настаните, се заборавиле конкретните околности, но останал овој образ на Мајката, кој ги покрива, ги заштитува, ги утешува, своите деца  кои се нашле во мака.
Овој празник станал срцевина на восприемањето на Марија како Мајка, на која на крстот и било восиновено целото човештво, која како Мајка во срцето свое ги прима сите наши таги, сите страдања, целата незапирлива болка на нашето земно постоење. “А на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат помислите на многу срца...” Овие зборови на праведниот старец Симеон, кои и се кажани на денот кога Таа го принела Младенецот во Храмот за да Го посвети на Бога, длабоко проникнале во душата на верните. Мајката на Исуса Христа, која ја примила целата страшна болка на сострадување и жалост, кога Таа стоела под крстот на Синот - станала како дар на нас, луѓето, дар на мајчинска љубов, мајчинска жалост, мајчинско сострадување...
Со векови го чувствувале, со духовниот поглед го гледале луѓето овој светол покров над светот и му се радувале и во него наоѓале помош и утеха. “Денес ние, благоверните луѓе, светло празнуваме осенети со Твоето, Богомајко, доаѓање...” Оној кој го имал ова видување, јуродивиот беден Андреј, раскажувал дека ја видел Божјата Мајка, како плаче за светот. “Богомајката - говорел тој - коленопреклоно се молеше. Госпоѓата и Царицата на светот плачеше за нас...”
По многу векови, на прашањето за смислата на овие солзи, вака во својата проповед на овој празник одговара о. Сергеј Булгаков, големиот руски философ и богослов, кој во младоста ја оставил христијанската вера и станал марксист, но се вратил во домот на татка си и во страшните години, во годините на отстапување од верата на милиони луѓе, станал сведок на религиозното повикување на својот народ. Отец Сергеј говори: “...Не само што пред 1000 години Богородица се молела со солзи, но се моли и сега и овде, и секогаш, и секаде, и до крајот на векот. И не само над оние кои присуствувале тогаш... се простира нејзиниот покров, но и над целиот род човечки, и над целиот свет и над нас, грешните, светли осенувачкиот и спасувачки покров на Богомајката, иако немаме очи достојни да го видат ова. Божјата Мајка посредува меѓу земјата и небото. Таа е посредничка за светот, молителка пред престолот на Славата Божја. Таа е љубов и милосрдие, милост и жалост, простување и застапување. Таа не суди, но сите ги жали. Таа - не е вистината на судот и не е суд на вистината, но мајчинско застапништво. И на страшниот суд на Синот свој Таа Го моли праведниот Судија за опростување. Гревот на светот и тагата на светот го рануваат сељубечкото срце, на злобата и гревот таа одговара со љубов и солзи, мечот и денес го прободува срцето нејзино. Богомајката плаче за светот. Каква е тоа тајна? Самиот свет плаче за себе низ Нејзините солзи. Неговите страдања и скрб се и Нејзини таги, неговите ридања се и Нејзини солзи... Таа е - мајка! Таа е - срце. Таа е - земја неизорана... Кога човечките очи би ја виделе светлината на Богомајката во светот, тие би го знаеле преобразувањето кое тајно се извршува во светот. Кога би ги виделе Нејзините солзи, би затрепериле и би се растопиле жестоките срца. Бидејќи не може да има такво скаменето срце, кое не би се растопило пред оваа љубов, која за него моли милост. На злобата - љубов, на гревот - солзи, на хулата - простување, на непријателството - благослов”.
И о. Сергеј продолжува: “Светот не е оставен во тагата своја, човекот не е само во печалта. Рането е и се раскинува мајчинското срце, заедно со нас плаче и Богомајката. Треба да знаеме - чие срце го рануваме со гревовите, со чии солзи се измиваат нашите падови... Го засакала Руската земја денот на Покровот на Божјата Мајка, кој се пројавил во далечниот Цариград. Но не таму, а во далечна земја на полноќ започнале радосно да го воспеваат и да го блажат осенувањето на светот од страна на Богомајката. Со душата народот наш се приклонил кон оваа прекрасно пројавување, се подигнувале храмови по целата земја наша во име на Покровот на Богомајката, и тој ги преклонил колената на срцето свое заедно со Богородица која коленопреклоно се моли. И денес, во големата тага своја народот наш се осенува себе со Нејзиниот Покров. И денес - во маките и скорбите зарем Таа не ги слуша лелеците и воздишките, зарем не ги слуша плачот и ридањето?
Веруваме и знаеме, дека и денес Милосрдната претстои со молитва и плач за руската /недоле-не знам-нема во речник/. Го слуша ли нашето срце Нејзиниот плач? Ја знае ли Нејзината молитва и утеха? Го знае ли Нејзиниот покров над нашата земја? Да, слуша и знае, кога молитвено се преклонува пред Пречистата. Не ја оставила Таа нашата земја, иако на неа се допуштени сатански испитувања”.
Оваа проповед о. Сергеј Булгаков ја искажал на самиот почеток на безбожното, антирелигиозно беснеење во нашата земја. Но остануваат тие, овие зборови, со цела своја сила и сега. Бидејќи какви и нови форми да прима таа борба, таа останува борба - за усмереноста, за изборот на срцата човечки, и не само за поединечните срца, но и за народното срце, за неговиот избор, за неговата верност.
“Радувај се, радост наша! Заштити не од секое зло со Твојот свет Покров”. Со овој полет на пофалбата и радоста, со оваа молба за помош, заштита и утеха некогаш била определена нашата духовна судбина. И колку и да сме имале гревови и падови, колку и страшна да била темнината на животот - овој светол образ на Мајката, застапничка, утешителка, покров над светот - бил со нас, над нас, во нас... Празникот на Покров повторно не повикува да се вратиме на него, и со ова враќање - да се вратиме на исцелението и повторното раѓање.

7. Воведение во Храмот

Vovedenie.Presveta.jpgНекогаш, во времиња не толку дамнешни, но како што некогаш се вели, со илјадалетија оддалечени од нас, животот се мерел, како прво, преку духовните, религиозните празници. О, се разбира, далеку од тоа сите точно да ја знаеле нивната содржина, но сите оделе во Црква, за многумина, можеби дури и за повеќето од нив, празникот, пред се, бил можност да се наспијат, да се најдат, да се напијат, да се одморат. А сепак, се чини, секој чувствувал, дури иако не го сознавал тоа јасно, дека празникот - тоа е пробив во животот на нешто возвишено и светло, допир со свет на некои други реалности, напомнување на нешто што се заборава и заглушува од секојдневието, то ест од суетата и уморот на делничниот живот.
Дури и имињата на празниците: Воведение во Храмот, Рождество, Богојавление, Сретение, Преображение, дури и самите овие зборови - со својата торжественост, инаквост во однос на стварноста, со таинствената своја убавина за која напомнувале, кон нешто повикувале, на нешто укажувале... Празникот - тоа било како некоја воздишка на човекот за нешто загубено,  воздишка за можност на нешто друго.
Но денешниот свет станал делничен, непразничен - и дури и калемењето на државните, “социјални” празници не го отстрануваат тој нанос на пепел, тага и невосхитеност. Бидејќи, повторувам, суштината на празниците е во оној пробив, нагорнина - во друга реалност, во светот на духовна убавина и светлина.

Ете го празникот на Воведение во Храмот на Пресвета Богородица. На што се однесува тој? Неговата тема е едноставна: малечкото девојче родителите го приведуваат во храмот Ерусалимски. Ништо необично, во тоа време така постапувале многумина, тоа бил општоприфатен обичај. Бидејќи некој да се воведе во Храмот - тоа значи животот да се доведе во допир со Бога, на животот да му се даде крајна цел и назначение, тој да се освети одвнатре со светлината на повозвишениот опит.
Но ете, раскажува црковната служба за овој ден, дека Неа ја воведуваат тука, каде никој, освен свештениците, не смеел да влезе, ја воведуваат во местото кое се нарекува “светина на светиите”, во таинствената, свештена глубина /длабочина-мислам дека тука соодветствува и глубина/ на храмот. Името на ова девојче е - Марија. Тоа е идната мајка на Исуса Христа, т.е. Таа низ која, веруваат христијаните, самиот Бог доаѓа во светот, при луѓето, за да го сподели нивниот живот и да ја разоткрие неговата божествена содржина. Што се тоа - приказни? Или тука нешто е раскажано и откриено, за што инаку, со едноставни човечки зборови можеби не ќе го искажеш, она што директно, непосредно, се однесува на нашиот живот?
Ете, овој благолепен, тежок храм бил - слава на Ерусалим. И со векови луѓето верувале, дека само во него, зад тешките ѕидови човек може да се допре со Бога. Но свештеникот ја зел Марија и ја вовел во свештеното место, и ние и сега пееме: “пречистиот Храм Спасов се воведува во храмот Господов”. А потоа, Христос рекол: “Урнете го овој храм, и Јас за три дена ќе го подигнам”. Евангелистот додава: “а Он говореше за храмот на Своето тело”.
Смислата на сите овие настани, сите овие зборови, сите овие споменувања, е едноставен: од сега храм станува човекот, од сега не камењата и не олтарите, а човекот - неговата душа, неговото тело и целиот негов живот - ете го свештениот и божествен центар на светот, ете ја “светината на светите”. Еден храм - жив и човечки - влегува во друг, направен од камен, материјален, и одвнатре ја завршува неговата смисла и назначение.
Се преместува центарот на религијата, повеќе од тоа - се преместува центарот на тежината на животот. Во светот влегува учење кое не поставува ништо повисоко од човекот, бидејќи Самиот Бог го примил човечкиот образ, за да јави дека назначението на човекот, неговиот повик е - божествен. Од овој момент започнува слободата на човекот. Нема ништо над него, бидејќи светот за него е - дар Божји, кој му е даден за исполнување на неговата божествена судбина.
Оттогаш, од кога Дева Марија влегла во “светината на светите”, животот станал храм. И кога ние го празнуваме Воведувањето во Храмот, ние ја празнуваме оваа божествена смисла на човекот, возвишеноста и светлината на неговиот повик. Нив никој не ќе ги избрише, не ќе ги искорени од човековото сеќавање.

8 Vovedenie.Presveta2.jpg

Може без преувеличување да се каже дека црковното почитување на Дева Марија, Божјата Мајка, израснало како дрво од семе, од созерцувањето на Неа при јаслите, во Витлеем, во таа, за христијаните, единствена по своето значење, ноќ, кога се родил Исус Христос, кога образот на Марија со Младенецот во рацете станал - и засекогаш останал - главен, најдлабок, најрадосен, образец на нашата вера, нашата надеж, нашата љубов... Инаку говорејќи, сите празници, сите молитви, сета љубов, се усмерени на Божјата Мајка, се вкоренети во празникот на Раѓањето Христово.
Во древноста, кога се уште не бил развиен црковниот календар, единствен празник во чест на Дева Марија бил вториот ден од Рождество - 26 декември, денот кој и до сега се нарекува “Собор (то ест собрание) во чест на Пресвета Богородица”. Во празнувањето на христијанската Црква на Рождество Христово, то ест во молитвите и песнопеењата на овој ден, ние го наоѓаме најдлабокиот слој на богородични теми, својствени за христијанската вера, то ест за нашиот однос кон Марија, нашето восприемање како на Нејзиниот образ, на Нејзината личност, така и на Нејзиното место во нашиот религиозен живот.
Една тема, еден мотив, како светла нишка поминува низ целото празнување на Рождеството Христово: тоа е преживувањето на Мајката Христова како дар на светот, дар на човештвото, и значи - наш дар на Бог кој дошол во светот, при човекот. “Што да Ти принесеме Тебе, Христе” - прашува една од молитвите на Рождество. И одговара вака (јас ќе ја принесам оваа молитва на руски, а не во црквено-словенска форма): “Се создадено од Тебе, Те пресретнало Тебе со своите дарови. Небото Ти ја дарувало ѕвездата, ангелите - пеењето, мудреците - приносите, пастирите - својата радост, земјата - пештерата, пустината - јаслите. Ние пак, луѓето, Ти ја принесуваме како дар на Тебе Мајката Дева...”
Во што е длабоката смисла на ова зачудувачко песнопеење? Се разбира, во тоа што целата творба не само што жеднее за соединување со Бога, не само што Го очекува Неговото доаѓање при нас, туку и ја подготвува таа средба, така што средбата на Бога со човекот, слободна и љубовна, ја сочинува срцевината на христијанската вера. За современиот слух, исушен, пресечен од површноста на расудувањето, зборовите за небото - кое на Бога Кој доаѓа во светот му ја принесува - ѕвездата, или за земјата, која Му ја принесува пештерата и јаслите, звучат само како поетска метафора, како поезија, која нема, “како што на секого му е познато”, никакво “објективно” значење, никаков однос кон реалноста. Она што нашето разумско сознание не го прима, тоа на поезијата, и можеби само на неа, и е дадено да го види, слушне и да ни го пренесе и да ни ја покаже длабоката смисла, подобро речено, длабочината на секоја појава, секоја реалност, таа нивна скриена сила и вистина, која е сокриена од малечкиот, самодоволен разум, кој се занимава само со надворешноста на работите. Небото кое, како дар на Христа, Му принесува ѕвезда! Што значи ова, освен тоа дека се во светот, и пред се, самиот свет во својата целосност и хармонија, во својата природност, како да е предназначен, предопределен за појавување во него на повозвишената смисла, тоа дека самиот свет не е случаен, не е бесмислен, а обратно: светот е - и символ, и желба, и очекување на Бога.
“Небесата раскажуваат за славата Божја!” Тоа го знае поезијата, тоа го знае верата. И затоа во Рождеството Христово поезијата и верата не го гледаат само доаѓањето на Христа, но и движењето на средбата на светот со Него: ѕвездата, пустината, пештерата, јаслите. Ангелите, пастирите, мудреците. И како лачезарна срцевина, како раскрсница и полнота на сите овие движења - Марија, најдобриот, најпрекрасниот плод, божествениот цвет на создадениот свет. Ти, според љубовта Твоја, ни го даваш Синот Твој - како верата да му вели на Бога. Ние, во нашата љубов, ти ја даваме Марија, Девата-Мајка, за Синот Божји да може да стане Син Човечки, да биде еден од нас, и нас во себе да не соедини со Бога. Во лицето на Марија како да се извршува брак на Бога со светот, исполнување на нивната взаемна љубов. Евангелието вели: “Бог толку Го возљуби светот, што Го даде Синот Свој Единороден...” Црквата одговара: “Светот толку Го возљуби Бога, што Му ја даде Онаа, во чија убавина и чистота се разоткрива длабоката смисла, длабоката содржина на светот...” И затоа, пред човек да започне да ја узнава верата во Марија - Мајката и Застапничката, пред да ја пронајде својата полнота на почитување на Неа во безбројните молитви, празници, изобразби, дотогаш, како основа и извор на се тоа - ни е покажана Божествената полнота, Божествената убавина на таа ноќ, и во самата срж Нејзината заслепувачка светлина, која излегува од образот на Мајката со Младенецот во рацете. Се она што се распаднало во гревот, злобата, гордоста човечка - повторно е соединето: небото и земјата, Бог и човекот, природата и духот. Светот станува слава, зборовите - љубов и песна, материјата - дар, природата - јасли. Таа љубов со која Бог од вечност го возљубил светот и таа љубов која, во својата последна длабочина, од вечност го љуби светот на Бога, се соединиле и се исполниле и се зацариле во овој образ, во образот кој никој и никогаш не можел да го искорени од човечкото сеќавање, од човечкото сознание.
Загледувајќи се во овој образ, радувајќи му се, ние се загледуваме во единствениот вистински образ на светот, животот и човекот. И празнувајќи ја Мајката Дева, пред се, се радуваме на тоа што во неа сме разоткриени ние самите, Божествената длабочина, убавина, мудрост и светлина на светот, кога тој се соединува со Бог Кој Го создал и Го љуби.

9

Во светот е страшно и празно. Осамено. И бесконечно тешко да се живее. И затоа толку многу луѓе бараат само тоа, како да си заминат од таа лага, од тој безрадосен живот, и да се нурнат -  некој во тешко пијанство, некој - во бесмислена мечта. Но се тоа секогаш, порано или подоцна, се покажува како ќорсокак, и само уште пострашно станува разбудувањето и насилното враќање кон /постилој/ јаже. Не случајно, каква и област од животот да земеме, секоја денес ни станала “проблем”. Проблемот на општеството. Проблемот на трудот. Проблемот на полот. Проблемот на жената. Проблемот на среќата... И се тоа станало проблем затоа што, се разбира, од една страна, подготвените одговори и налози, кои ги дава државната пропаганда, веќе одамна се развенчани, разобличени во својата лага и празнина, престанале да бидат одговори, и затоа, од друга страна, што други одговори нема, и ние толку често не знаеме - каде и како да ги бараме. И во нашето сознание се зацарува празнината и цинизмот, и ете, нив и сакаме да ги заглушиме, од нив да побегнеме.
Многумина во наши денови започнуваат нејасно да сознаваат, дека вистинските одговори се невозможни, ако човек не се пробие кон возвишеното и вечното, не поверува. Но ете и во Бога може различно да се верува. Ете и верата може да биде само заминување, само бегство, еден вид на психолошко пијанство, то ест верата може да биде псевдо-вера, или лажна вера. За жал, и во име на верата, во име на Бога може да се мрази и да се твори зло, да се руши, а да не се гради. И не говорел ли самиот Христос, дека “многумина ќе дојдат во Негово име, и многумина ќе прелестат”, и не говорел ли Христос исто така, за тоа дека не секој кој Му говори “Господи, Господи” ќе влезе во Царството Божјо? Затоа од првите свои денови христијанството не прашувало - “веруваш ли?” - бидејќи знаело, дека и тие кои го распнувале и предавале Христа, исто така во нешто верувале; не, христијанството прашувало: како ти веруваш? И во што?
И ете овде, при обидот да се одговори на ова основно прашање за вистинската вера, и се појавува пред внатрешниот поглед речиси несвесно, речиси недоброволно, образот на Девата-Мајка. О, тоа сосема не значи, дека овој образ некако со себе го засолнува образот на Христа или пак, за верата претставува некаков втор објект, различен од Христа. Не, бидејќи од Христа, само од Него, ние го примаме овој образ како некој подарок за нас, како разоткривање на се она на што се однесува учењето, кон што се однесува - повикот на Христа. Така ете, да се прашаме себе - во што е Неговата сила, во што е Неговата помош за нас?
Мојот прв одговор, можеби, сите ќе ги зачуди. Тоа е: образот на жената. Првиот дар на Христа за нас, првото и најдлабоко разоткривање на Неговото учење и повик ни се дадени во образот на жената. Зошто тоа е толку важно, толку утешно, толку спасително? Затоа што нашиот свет станал до крај безнадежно машки свет. Во нашиот свет царува надменоста, агресивноста, во него се е сведено на орудијата на власт и владеење - на производството и на орудијата за производство, на сопарништво, насилие, несакање во нешто да се попушти, некаде човек да се смири, да занеми, да се нурне во тивката длабочина на животот. И на се тоа противстојат, се тоа го разобличуваат - само со своето присуство - образот на Дева Марија, Пречистата Мајка, образот на бесконечно смирение, образот на чистота - и нејзините сили и убавина, образот на љубовта - и победата на оваа љубов.
Дева Марија, Пречистата Мајка од ништо нема потреба - а се добива. За ништо не се бори - и со се владее. Во образот на Дева Марија е се она што речиси не останало во нашиот машки, горд и агресивен свет: сострадание, жалост, грижа, доверба; за себе таа говори: “еве ја слугинката Господова”, а ние ја нарекуваме Царица на небото и земјата, Владичица и Госпоѓа. Дева Марија на ништо не поучува, ништо не докажува - но ете самото нејзино присуство, светлината и радоста на тоа присуство единствено ги симина проблемите измислени, изнудени од нас. Како по долг, мачен, разбиен ден да сме се вратиле дома, и се повторно е јасно, и се е полно со среќа која со никакви зборови не може да се опише, кое и е единствената вистинска среќа. Христос говорел: “Барајте го, пред се, Царството Божјо”. Така ете, во оваа жена - Дева, Мајка, Застапничка - ние не со умот, а со срцето чувствуваме што значи да се бара и да се најде Царството, и што значи со него да се живее.

10. Успение

Uspenie.Bogorodica.jpgВо август Црквата го празнува крајот на земниот живот на Марија, нејзината смрт, која ја нарекуваат Успение: значи, во која се соединува сонот, блаженоството, мирот успокојувањето, радоста.
Ние ништо не знаеме за околностите на смртта на Марија, мајката на Исуса Христа. Од раното христијанство до нас дошле разни раскази за неа, украсени со детска љубов и нежност. Но затоа што овие раскази се различни, ние не треба да ја браниме “историчноста” на ни еден од нив. На денот на Успение сеќавањето и љубовта на Црквата не се усмерени на таа фактичка ситуација, не се усмерени на датумот и на местото каде се завршил земниот живот на оваа мајка над сите мајки, на оваа единствена жена. А на она што ја чини суштината и смислата на таа смрт, било каде и било кога таа да настапила. Црквата си спомнува за смртта на онаа чиј Син, според нашата вера, ја победил смртта, воскреснал од мртвите и ни дарувал ветување на последното воскресение и торжество на животот кој не умира. И ете суштината и смислата на оваа смрт, можеби, подобро од се се предадени на онаа икона која на денот на празникот на Успение се става во центарот на храмот и како да ја чини сржта на целото празнување. На оваа икона е изобразена Божјата Мајка на смртниот одар, мртва. Околу неа стојат апостолите Христови, а над неа - Христос Кој во рацете свои ја држи Мајката Своја жива и засекогаш соединета со Него. На тој начин, ние ја гледаме смртта и тоа што веќе се извршило со оваа смрт: не разделба, а соединување, не тага, а радост, а во последната длабочина - не смрт, а живот. “По раѓањето Дева, а по смртта - жива” - пее Црквата, гледајќи на оваа икона, и додава: “во раѓањето Ти си го сочувала девството, а во успението светот не си го оставила...”
И ете ни доаѓаат во сеќавање зборовите на една од најдлабоките и најпрекрасни молитви, обратени кон Марија. Молитви, во кои Марија се нарекува “лач на таинствениот ден”. “Радувај се, лачу на таинствениот ден!” Како светлината на тој лач да се излева од празникот Успение, како ние да сфаќаме, созерцувајќи ја оваа смрт, стоејќи крај овој смртен одар - дека смрт повеќе нема, дека умирањето на човекот станало акт на живот, негово влегување во подобар живот, во живот вечен. Таа која целата себе се предала на Христа, до крај Го возљубила, Тој ја пресретнува при овие светли двери на умирањето - и ете, смртта станува радосна средба, и ете животот победува, и ете над се зацарува радоста и љубовта. Таа е - Марија, Дева, Мајка - една од нас.
Со векови се загледувала, се замислувала, се соживувала Црквата во смртта на онаа која била Мајка на Исус, која му го дала животот на нашиот Спасител и Господ, целата себе - се до стоењето под крстот - Му се предала. И во ова созерцување Црквата не гледала, не наоѓала, не чувствувала страв, ужас, крај, а лачезарна, вистинска пасхална радост. “На твоето бесмртно успение се собравме ние” - пее Црквата во првото песнопеење на овој празник, и веднаш, во овие први, почетни, зборови ја изразува суштината на оваа радост. “Бесмртното успение”. “Бесмртната смрт”.
Што значи оваа, на прв поглед, противречна, апсурдна, синтагма? На празникот Успение - целата радосна тајна на оваа смрт која ние ја разоткриваме, станува наша радост... Бидејќи ако смртта е - ужас и тага на разделбата, слегување во страшна осаменост и темнина, се ова го нема во смртта на Дева Марија. Бидејќи Нејзината смрт, како и целиот живот е - само средба, само љубов, само приближување кон незгасливата, невечерна, светлина на вечноста и влегување во неа. “Совршената љубов го победува стравот” - говори апостолот на љубовта Јован Богослов. И затоа нема страв во бесмртното успение на Дева Марија. Смртта овде е победена одвнатре, ослободена е од она што исполнува и со ужас и со безнадежност. Може да се каже: смртта станува живот и торжество на животот. Смртта станува “лач на таинствениот ден”. И затоа во овој празник нема тага, нема надгробно ридање, нема болка: само светлина, само радост. Како за секој од нас, кој се приближува на овој неизбежен праг - веќе да му се отвора вратата и од неа да паѓаат, да светлат зраците на победата, на Царството Божјо кое ќе настапи.
Во овие августовски денови, кога природниот свет ја достигнува границата на убавината, и како самиот да станува пофалба, надеж, знак на друг свет, во оваа особена празнична светлина прозвучуваат зборовите на молитвата: “Во молитвите /неусипајушчују/ Богородица смртта и усмртувањето не ја задржале. Зашто во живот преминала Мајката на животот...” Смртта престанува да биде смрт. Смртта - не е разделба, а соединување. Не е тага, а радост. Не е пораз, а победа. Ете што празнуваме ние на денот на успение на Пречистата Мајка, предчуствувајќи го, предвидувајќи го, утврдувајќи го лачот на таинствениот ден.

 Uspenskisobor.Kremlj.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Друго:  Од Православен календар- Воведение на Пресвета Богородица 

 

Посети: {moshits}