Svetlina.lit3.jpg


БЕСЕДА 14

За тоа дека оние што на Бога му ги посветуваат мислите и умот, го прават ова со надеж дека ќе им се просветат очите на нивните срца, и за тоа дека Бог ги удостојува таквите во светост и најголема чистота да пристапуваат кон Тајните и им ја дава Својата благодат; исто така, и за тоа што треба да правиме ние, кои сакаме да стекнеме некои од небесните богатства; најпосле, за тоа дека апостолите и пророците се слични на сончевите зраци што влегуваат низ прозорецот; и уште, беседата поучува што е тоа земјата сатанска, а што земјата ангелска - за неопфатливите и невидливите нешта.

1. Секое видливо дело во светот се прави со надеж дека ќе се има некаква полза од вложениот труд. И ако некој не е целосно уверен дека ќе има наслада од вложениот труд, тогаш тој труд за него е бесполезен. И земјоделецот сее со надеж дека ќе собере плодови, и додека ги очекува плодовите, не мисли многу на вложениот труд. Речено е: „Оној што ора, треба да ора со надеж" (1. Кор. 9, 10). И кој зема жена, ја зема со надеж дека ќе има наследници. Заради добивката и трговецот отпловува на море и се предава на смртна опасност. Исто така и во царството небесно, човекот, со надеж дека ќе му се просветат очите на срцето, се предава на тоа да се трга настрана од животните дела, времето го поминува во молитви и прозби, очекувајќи Го Господа да дојде и да му се јави и да го исчисти од гревот што живее во него.

2. Но тој не се надева на својот вложен труд и на својот живот додека не го добие тоа на што се надева, додека не дојде Господ и не почне да престојува во него, во секое чувство и дејство на Духот. А кога тој ќе ја вкуси благодатта Господова, ќе се наслади со духовните плодови, ќе биде симната покривката на темнината и Христовата светлина ќе заблеска и ќе почне да дејствува на негова неискажлива радост, тогаш тој ќе се увери во големата љубов, имајќи Го со себе Господа. Тој се радува исто како и трговецот што стекнал добивка, но истовремено се покајува и се плаши од нападите на разбојниците и лукавите духови, за да не му се случи да ослабне, па да му загине нешто од неговиот труд, додека не се удостои да влезе во небесното царство, во горниот Ерусалим.

3. Затоа, и ние да Го молиме Бога да го слече од нас стариот човек и уште сега да не облече во небесниот Христос, па на тој начин, радосни, водени по патот од Него, да останеме во една голема тишина. Зашто Господ, сакајќи ние целосно да го вкусиме царството, вели: „Без Мене не можете да направите ништо" (Јован 15, 5). Но Тој и преку апостолите просветил многумина. Тие, бидејќи се Божји созданија, ги воспитуваа слугите слични на себе, секој да Му стане брат и син на Христа, да направи нешто повеќе од сите други луѓе, т.е. да го освети самото срце, самиот ум, и да ги насочи мислите кон Бога. Така Бог, на таинствен начин, на срцето му дава живот и помош и му се доверува Самиот Себе. Зашто кога човекот она што му е интимно, т.е. умот и мислите, Му го предава на Бога, не занимавајќи се со ништо друго и не разонодувајќи се, туку воздржувајќи се со сите сили, тогаш Господ го удостојува да пристапува кон Тајните во светост и во многу поголема чистота и му се дава Самиот Себе како небесна храна и како духовно пиење.

4. Слично на човекот којшто стекнал поголем имот, па има слуги и деца, и една храна им дава на слугите, а друга на своите деца, родени од неговото семе - децата јадат заедно со него затоа што го наследуваат таткото и бидејќи се слични на него - така и Христос, вистинскиот Владика, Кој самиот се создал, ги храни лукавите и неблагодарните, а своите чеда, што ги родил од своето семе, на коишто им дал удел во својата благодат и во коишто се вообразил Господ, пред сите останати луѓе ги храни со Своето сопствено спокојство, со Својата храна и Своето јадење, со Своето пиење, и Себе Самиот им се предава, Тој, Кој заедничари со својот Отец, како што вели Господ: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него" (Јован 6, 56) и нема да види смрт. Зашто оние што имаат вистинско наследство, како синови, родени се од Отецот небесен и живеат во домот на својот Отец: „Робот не останува вечно дома; Синот останува вечно" (Јован 8, 35).

5. Затоа, ако и ние сакаме да бидеме родени од небесниот Отец, тогаш повеќе од сите останати луѓе треба да покажеме усрдност, усилба, ревност, љубов, добар живот, да остануваме во вера и во страв, како луѓе кои сакаат да дојдат до толку големи богатства и да станат Божји наследници. Зашто „Господ е дел на моето наследство и од чашата моја" (Псал. 15, 5). Во тој случај, Господ, кога ќе ја види добрата волја и трпението, ќе се смилува и ќе не очисти со небесното слово, ќе ги оживотвори умртвените и расипани мисли и повторно ќе не исправи преку. прекрасниот живот и учењето на апостолите. Една твар храни и оживува друга твар - како што пченичното или јачменовото семе се храни и се оживува, кога ќе му дојде времето, од облаците, дождот и сонцето, коишто се исто така твари. Но како што има светлина што влегува низ прозорецот, а пак сонцето ги фрла своите зраци на целата вселена, така пророците биле светила само за сопствениот дом - за Израилот, а апостолите послужиле како сонца што ги осветлуваат сите во сите делови на светот.

6. Постои земја на којашто живеат четвороножните животни и постои земја во воздухот по којашто одат и на којашто живеат птиците. И ако тие посакаат да стојат или да одат по оваа земја, тогаш се наоѓаат ловци што ги совладуваат. И постои земја за рибите - морската вода. И секое животно, на какво место и да се родило, дали на земјата или во воздухот, таму и си живее, се храни и си почива. Слично на ова, постои земја и област сатанска, каде што живеат, одат и почиваат темните сили и лукавите духови, и постои светлоносната земја на Божеството, каде што одат и почиваат војските на ангелите и на светите духови. И како што темната земја не може да биде видлива или да се дофати со очите на ова тело, исто така и светлоносната земја на Божеството е недофатлива и невидлива за плотските очи. А за духовните луѓе, за окото на срцето, видливи се и сатанската земја на темнината и светлоносната земја на Божеството.

7. Според раскажувањето на светските мудреци, постојат огнени планини, зашто во нив има оган, а таму пак, животни слични на овците. И за да ги фатат, прават нешто слично на врчви од железо и во огнот фрлаат и спуштаат јадици. И бидејќи на овие животни огнот им дава храна, пиење, почивка, раст, живот и се им заменува, ако ги извлечеш во поинаков воздух, тие умираат. И кога им е извалкана облеката, тие не ја мијат во вода, туку ја мијат во оган и огнот ја прави почиста и побела. Исто така и христијаните, како храна за себе го имаат оној небесен оган. Тој е за нив почивка, тој ги исчистува и измива, им го осветува срцето, тој им овозможува да растат, тој е за нив и воздух и живот. А штом ќе излезат од него, загинуваат од лукавите духови. И како што умираат тамошните животни кога излегуваат од огнот, како што гинат рибите извлечени од водата, како што се удавува добитокот фрлен в море и како што птиците, одејќи по земјата, им паѓаат в раце на ловците, така и душата, којашто нема да остане на онаа земја, се задушува и гине. И ако таа не си ја надоместува со оној божествен оган храната и пиењето и облеката и исчистувањето на срцето и осветувањето на душата, тогаш неа ќе ја уловат и ќе ја осквернат лукавите духови. Да испитаме, пак, и ние вни-мателно, дали сме посеани на онаа невидлива земја и дали сме насадени во небесното лозје? Слава на штедроста Божја! Амин.

Издавач: ЃаконијА

Посети:68

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg