БЕСЕДА 11

За тоа дека силата на Светиот Дух во човечкото срце е слична на оган; уште за тоа, од што имаме потреба за да ги разликуваме мислите што ни се појавуваат во срцето; исто така, за мртвата змија што Мојсеј ја закова на врвот од дрвото и служеше како образ на Христа. Во оваа беседа содржани се два разговора: еден на Христа со лукавиот сатана, а другиот на грешниците исто со сатаната.

konak.star.jpg1. Оној небесен оган на Божеството, што христијаните го примаат во себе, во срцето, уште сега, во овој век, и кој дејствува во нивните срца, кога ќе се разурне телото, ќе почне да дејствува однадвор и одново ќе ги состави членовите, ќе го изврши воскресението на разурнатите членови на телото. Како што огнот во Ерусалим, што служел на жртвеникот, за време на заробеништвото бил закопан во јама, а кога настанал мир и кога заробениците се вратиле истиот тој оган како да се обновил и почнал да служи како порано, така и сега небесниот оган повторно ќе го произведе и ќе го обнови нашиот ближен, т.е. телото, коешто по распаѓањето се претвора во кал. Тој оган ќе ги воскресне изгниените тела. И внатрешниот оган, што сега престојува во срцето, тогаш ќе дејствува однадвор и ќе го изврши воскресението на телото.

2. За време на Навуходоносор огнот во печката не бил божествен, туку материјален оган. Но трите момчиња, коишто поради својата праведност биле ставени во видливиот оган, во своите срца го имале небесниот, божествен оган, кој им служел во мислите и дејствувал во нив. И истиот тој оган се појавил надвор од момчињата. Застанал среде нив и му пречел на видливиот оган да ги гори праведниците и да им наштети. Слично било и со Израилците. Кога нивниот ум и нивната мисла имале намера да се оддалечат од живиот Бог и да се свртат кон идолослужење, Арон бил принуден да им рече да ги донесат златните садови и украси. Тогаш златото и садовите, фрлени в оган, станале идол и огнот како да ја подражавал нивната волја. Нешто навистина чудно! Со оглед на тоа што во намерата, потајно и во своите мисли, тие биле решени на идолослужење, и огнот ги претворил фрлените садови во идол, и Израилците, тогаш веќе јавно, почнале да се поклонуваат на идолот. Според тоа, како што трите момчиња, насочени кон праведноста, го примиле во себе Божјиот оган и Му се поклониле на Господа преку вистината, така и сега верните души, уште во овој век, тајно го примаат во себе оној божествен и небесен оган. И истиот тој оган во човегатвото го произведува небесниот образ.

3. Како што огнот им дал лик на златните садови и тие станале идол, така и Господ, сообразно со слободната волја на верните и добри души, уште сега во душата го произведува ликот што при воскресението ќе се појави надвор од нив и ќе им ги прослави телата и однатре и однадвор. Но како што се нивните тела во ова време се уште распадливи, смртни и подложни на разурнување, така и мислите на некои, расипани од сатаната, се мртви за животот и погребани во калта и земјата; зашто душата им загинала. Според тоа, како што Израилците ги фрлија златните садови в оган и тие станаа идол, така и сега човекот му ги предал на порокот чистите и прекрасни мисли и тие се погребани во гревовната кал и станале идол. И како сега човекот да ги разликува и да ги издвои од сопствениот оган? Овде на душата и е потребен божествениот светилник, Духот Свет, Кој го благоустројува овој помрачен дом. Потребно е светлото Сонце на вистината, коешто блеснува во срцето и го просветува. Потребно е оружје, што победува во битка.

4. И таму (Лука 15, 8) вдовицата, кога ја изгуби драхмата, најпрвин ја запали ламбата, а потоа го среди домот. И кога домот бил среден и ламбата запалена, тогаш се нашла драхмата, фрлена во ѓубрето, во нечистота, во земја. И душата сега не може самата да ги пронаоѓа и разликува сопствените мисли. Но кога ќе биде запален божествениот светилник и светлината ќе влезе во помрачениот дом, тогаш душата ќе увиди дека најзините мисли се погребани во гревовна нечистота и кал. Блеснува сонцето, и тогаш душата ја гледа својата погибел, и почнува да си ги собира мислите, помешани со ѓубре и секаква нечистотија; зашто душата, откако ја престапила заповедта, го загубила својот лик (го загубила образот).

5. Замисли си еден цар, кој е многу почитуван и неговите потчинети слуги се подготвени да го услужат. И се случило непријателите да го фатат и да го одведат во заробеништво. Штом го фатат и одведат, неопходно е и неговите слуги и помошници да го следат. Така и Адам е создаден од Бога чист, за да Му служи, и дадени му се на Адама овие созданија, за да се служи со нив; зашто тој е поставен за господар и цар на сите созданија. Но кога лукавото слово нашло пристап до него и позборувало со него, Адам отпрвин го примил со надворешниот слух, потоа тоа проникнало во неговото срце и го обзело целото негово битие. А на тој начин, преку неговото заробување, заедно со него е заробено и созданието, коешто му служело и му се покорувало. Преку него смртта се зацари над секоја душа и, како последица од неговата непослушност, толку го избриша Адамовиот образ, така што луѓето се изменија и дојдоа до тоа да им се поклонуваат на демоните. Зашто, еве, и земните плодови, на прекрасен начин од Бога создадени, им се принесуваат на демоните. На нивните олтари се ставаат леб, вино и елеј, и животни. А некои дури и своите синови и ќерки ги принесувале како жртви на демоните.

6. Затоа, Оној, Кој Самиот ги создаде телото и душата, Самиот сега доаѓа и го разурнува секое безредие, произведено од лукавиот, и сите дела негови, коишто се извршуваат во мислите, го обновува, одново го произведува небесниот образ, ја создава нова душата, за да стане Адам одново цар над смртта и господар на созданието. И во законската сенка Мојсеј се нарекувал спасител на Израилот, зашто го изведе народот од Египет. Така и сега вистинскиот избавител - Христос, доаѓа во најинтимните длабочини на душата и ја изведува од мрачниот Египет, од најтешкиот јарем, од горкото ропство. Затоа ни заповеда да излеземе од светот, да осиротиме во се што е видливо, да немаме грижа за земното, дење и ноќе да стоиме пред вратите и да чекаме Господ да ги отвори заклучените срца и врз нас да го излее дарот на Светиот Дух.

7. Затоа Тој заповеда да го оставиме златото, среброто, роднините, да го продадеме имотот, да го раздадеме на сиромашните, да го ставиме тоа во ризница и истото да го бараме на небесата: „зашто, каде што е богатството" твое, „таму ќе биде и срцето" твое (Мат. 6, 21). Господ знаел дека сатаната преку тоа ја добива силата над помислите и ги воведува во грижа за материјалното и земното. Затоа Бог, промислувајќи за твојата душа, заповедал да се одречеш од се, па и поради неволјата да почнеш да го бараш небесното богатство и да го обратиш своето срце кон Бога. Зашто и ако посакаш да им се вратиш на тварите, ќе се покаже дека немаш ништо од она што е видливо, и тогаш, сакал или не, ќе бидеш принуден својот ум да го обрнеш кон небото, каде што се си собрал и си ставил во ризница: „зашто, каде што е богатството" твое, „таму ќе биде и срцето" твое.

8. Во Законот Бог му заповедал на Мојсеј да направи бакарца змија, да ја крене и закове на врвот од едно дрво. И сите, што биле каснати од змија, кога ќе погледнеле на бакарната змија, се исцелувале. Ова било направено со особен план, зафатените со земни грижи, идолослужење, сатански задоволства и секаква нечесност, поттикнати од оваа слика, барем малку да го подигнат погледот свој нагоре и, откако се отрезнат од долното, да го обрнат своето внимание на повисокото, а оттука, пак, да се пружат кон највисокото, а на тој начин, преку постепено пружање кон повисокото и горното, да познаат дека постои Оној што ги надминува сите твари. Така и тебе Бог ти заповедал да осиромашиш и, откако ќе продадеш се, да им го раздадеш тоа на сиромашните, па и да посакаш да се фрлиш долу, на земјата, тоа веќе да ти биде невозможно. Според тоа, откако ќе си го преслушаш срцето, почни да расудуваш со свои мисли: На земјата ништо свое немаме, а да се обрнеме кон небото, каде што си имаме ризница, каде што сме си купиле свое? И твојот ум ќе почне да го подига погледот во височина, да го бара горното и да напредува во тоа.

9. Што значи тоа што мртвата змија, закована на врвот од дрвото, ги исцелувала каснатите? Мртвата змија ги победувала живите змии, затоа што била образ на Господовото тело. Зашто Господ Своето тело, што го прими од Марија, го издигна на крст, го простре и го прикова на дрвото, и мртвото тело ја победи и ја усмрти змијата, којашто живее и ползи во срцата. Големо чудо е ова! Како мртвата змија ја усмрти живата? Но како што Мојсеј направи ново дело, кога направи слика на живата змија, така Господ направи ново дело од Марија (Јерем. 31, 22) и се облече во него, а не го донесе телото од небото. Тој произведе небесен дух, којшто влезе во Адама, и го соедини него со Божеството, ја образува човечката плот во мајчината утроба и се облече во неа. Така, како што Господ пред Мојсеј немал заповедано во светот да има бакарна змија, исто така пред Господовото доаѓање во светот не се имало појавено новото и безгрешно тело, бидејќи по престапувањето на заповедта од страна на првиот Адам, над сите негови чеда царувала смртта. И така, мртвото тело ја победило живата змија.

10. А ова чудо - „е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство". Но што вели апостолот? „Ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство", а за нас Оној што спасува - „Христа како Божја сила и Божја премудрост" (1. Кор. 1,23 и 24), зашто животот е во мртвото тело. Овде е избавувањето, овде е светлината, овде Господ и пристапува на смртта, разговара со неа и и заповеда да ги исфрли душите од адот и смртта, и да Му ги врати Нему. И ете, смртта, збунета од ова, доаѓа кај своите слуги, ги собира сите сили, и лукавиот кнез ги донесува белешките и вели: Еве, овие се покорија на моето слово и еве како ни се поклонуваа луѓето. Но Бог, праведниот судија, и овде ја покажува Својата правда и му вели: Тебе ти се покори Адам и ти завладеа со целото негово срце; тебе ти се покори човештвото. А што прави овде Моето тело? Тоа е безгрешно. Телото на првиот Адам ти остана должно и со право ја држиш неговата белешка. А за Мене сите сведочат дека не згрешив. Ништо не ти должам. Сите сведочат дека Јас сум Божји Син. Глас, што од висините на небото дојде на земјата, посведочи: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го" (Мат. 17, 5). Јован сведочи: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот " (Јован 1, 29), а исто така и Писмото: „Он не направи грев, ниту, пак", во Него „се најде измама" (1. Петр. 2, 22) и: „иде кнезот од овој свет, и во Мене" нема да најде „ништо" (Јован 14,30) И ти, сатано, и самиот сведочиш за Мене, кога говориш: „ Те знам Кој си Ти... Син Божји" (Марко 1,24 и З, 11 ) и уште: „Што имаш со нас Ти, Исусе" Назарејче! „ Зар си дошол тука предвреме да не мачиш" (Мат. 8, 29).Тројца сведоци имам. Едниот - Оној Кој од височината на небесата го испраќа гласот, вториот - оние што се на земјата, третиот - ти самиот. Затоа, го искупувам телото, коешто ти го продаде првиот Адам, ги поништувам твоите белешки. Јас го вратив долгот на Адам со тоа што сум распнат и слегов во адот. И ти заповедам, тебе аду, темнино и смрт, ослободи ја заробената душа на Адама." И на тој начин лукавите сили, откако затреперија, го предаваат, нај-после, заробениот Адам.

11. Но кога слушаш дека Господ во она време ги избавил душите од адот и темнината, дека слегол во адот и го извршил славното дело - не мисли дека е тоа далеку од твојата душа. Човекот лесно го прима и го сместува во себе лукавото, затоа што смртта ја владее душата на Адама и мислите на душата се затворени во темнината. И кога слушаш за гробови, не си ги замислувај само видливите гробови, зашто гроб и могила за тебе е - твоето срце. Кога таму се вгнездуваат кнезот на лукавството и неговите ангели, кога си пробиваат таму патишта, по коишто сатанските сили би поминувале во твојот ум и во твоите мисли, тогаш не си ли ти ад, не си ли гроб, не си ли могила, не си ли мртовец пред Бога? Сатаната таму го втиснал својот печат врз непровереното сребро. Посеал во таа душа горчливи семиња и, откако скиснал таму стариот квасец, оттаму истекува извор со нечиста вода. Затоа Господ доаѓа во душите што Го побарале, во длабочината на адот на срцето, и таму и заповеда на смртта, велејќи: Ослободи ја заробената душа, којашто Ме побара и ти насила ја држиш. И ги разурнува Тој тешките камења што ја притиснале душата, го отвора гробот, го воскреснува вистинскиот мртовец, ја ослободува затворената душа од мрачниот затвор.

12. Исто како што, ако на некој човек му се врзани рацете и нозете со окови, доаѓа некој да му ги симне оковите и го пушта на слобода на отворено место, и на душата, врзана со оковите на смртта, Господ и ги симнува оковите, ја пушта, го ослободува умот лесно и спокојно да се движи во божествениот воздух. Замисли си дека некој човек потонал во средината на надојдена река, па се удавил и лежи мртов меѓу страшни ѕверки, а некој друг човек, неискусен во пливањето, сака да го спаси паднатиот во вода, па и самиот се дави и погинува. Значи, овде е потребен добар и искусен пливач, кој, кога ќе дојде до длабоката вода, ќе се нурне во водата и оттаму ќе го извлече потонатиот, што лежи меѓу ѕверките. Во таков случај, кога водата гледа човек искусен, што знае да плива, и таа самата му помага и го исфрла на површината. Исто така и душата, што се нурнала во бездната на темнината и во длабочината на смртта, го загубила здивот и, наоѓајќи се меѓу страшни ѕверки, мртва е за Бога. А кој може да слезе во тие скривалишта и длабочини на адот и смртта, ако не самиот Уметник, што го произведе телото? Тој доаѓа во две области, во длабочината на адот, а исто така и во најдлабоката внатрешност на срцето, каде што душата со своите мисли се помирува со смртта, и го изнесува умртвениот Адам од длабочината на темнината. И самата смрт, поучена, се обраќа да му помогне на човекот, исто како водата на пливачот.

13. Што е тешко за Бога да слезе во смртта, а и во длабоката внатрешност на срцето, и оттаму да го повика умртвениот Адам? Во видливиов век постојат живеалишта и домови во коишто живеат луѓето, а има и живеалишта каде што живеат ѕверовите, лавовите, змиите и другите опасни животни. Значи, ако сонцето, коешто е создание, низ прозорците и вратите влегува секаде, и во лавовската пештера, и во дувлата на влекачите, и излегува оттаму и тоа воопшто да не му штети, тогаш колку повеќе Бог и Владиката на се влегува во гнездата и живеалиштата, каде што демнее смртта, и во душите и, откако ќе го ослободи оттаму Адама, смртта нема ништо да Му наштети. И дождот, слегувајќи од небото, проникнува во пониските слоеви на земјата, ги навлажнува и обновува корењата што се исушиле таму и произведува нови корења и нов род.

14. Друг, пак, води борба со сатаната, кој го ставил во мака, душата негова е понизна, загрижен е, плаче и пролева солзи. Таквиот човек во себе како да има две лица. Затоа, ако издржи во таквото дело, тогаш во борбата со него е Господ и го пази, зашто тој усрдно Го бара Господа и чука на вратата, чекајќи Господ да му отвори. Но, исто така, ако братот се покаже пред тебе доблесен во ова, тоа е зашто го поткрепува благодатта. А кај кого нема основа, кој нема таков страв Божји и срцето не му се понизува, не престојува во страв, не си го чува срцето и другите членови да не се движат без ред, кај него душата веќе загинала, зашто тој се уште не ни влегол во борба. Значи, некој се наоѓа среде битка и во мака, а друг не ни знае што е тоа борба. Зашто и семињата, кога ќе ги фрлат в земја, страдаат од сланата и студенилото; ама во одреденото време 'ркулецот оживува.

15. Се случува, пак, и тоа, сатаната да води со тебе разговор во срцето: Види колку лоши работи си направил. Види со каква жестина ти е полна душата. Толку си натоварен со гревови, што веќе не можеш да се спасиш. А ова го прави за да те фрли во очај, зашто непријатно му е твоето покајание. Зашто, штом гревот ќе влезе, преку престапот, тој секојдневно разговара со душата, како човек со човек. Одговарај му и ти: Имам сведоштва во Писмото Господово: неја сакам смртта на грешникот, туку покајанието, да се обрати од лукавиот пат и да биде жив (Језек. 33, 11). Зашто Тој затоа слегол, за да ги спаси грешните, да ги воскресне мртвите, да ги оживее умртвените, да ги просвети оние што се наоѓаат во темнина. И навистина, Тој, кога дојде, не повика во синовство, во град свет, спокоен, во живот што никогаш не умира, во слава негнилежна, само ние на нашиот почеток да му додадеме добар крај, да престојуваме во сиромаштво, туѓинување, злострадание, да не престануваме да Го молиме Бога, неотстапно да чукаме на вратата. Како што телото и е блиско на душата, така и Господ е близок и подготвен да дојде и да ја отвори заклучената врата на срцето и да ни го подари небесното богатство. Тој е благ и човекољубив и Неговите ветувања се вистинити, само ако со трпение Го бараме до крајот. Слава на штедроста на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите! Амин.

Издавач: ЃаконијА

Посети:{moshits}

Друго: