slika3.jpg


БЕСЕДА 9

За тоа дека Божјите  ветувања и пророштва се исполнуваат по различни испитувања и искушенија, и дека од искушенијата на лукавиот се избавуваат приврзаните кон единствениот Бог.

1. Духовното дејство на Божјата благодат во душата се извршува преку големо долготрпение, премудрост и таинствено гледање на умот, кога и човекот, со големо трпение, се подвизува подолго време, со години. И делото на благодатта во него дури тогаш се покажува совршено, кога неговата слободна волја, по многукратни испитувања, ќе се покаже благоугодна на Духот и, со текот на времето, ќе покаже опитност и трпение. Да претставиме некои јасни обрасци на овој поредок од боговдахновените Писма.


2. Тоа што јас го тврдам е слично на она што му се случи на Јосиф. По толку време и по колку години се оствари определбата на Божјата волја за него и се исполнија виденијата! А пред тоа, низ колку напори, маки и неволји беше испитан Јосиф! И кога се претрпе машки, во се се покажа благоискусен и верен слуга Божји, дури тогаш стана цар на Египет и го нахрани својот род, и се исполни пророштвото за невидливото, како и онаа волја Божја што беше одамна претскажана, според далекувидото предвидување.


3. Слично беше и со Давид. Бог го помаза за цар преку пророкот Самуил. А откако го помаза, тој, гонет од Саул, требаше со бегство да се спасува од смртта. И каде е Божјото помазание? Каде е скорото исполнување на ветеното? Зашто, штом беше помазан, веднаш беше ста-вен на жестоки маки, се повлече во пустина, без да го има дури ниту насушниот леб, и се спасуваше од Сауловата зла намисла против него со бегство меѓу незнабошците. Ете, во такви маки се најде оној, кого Бог го помаза за цар! Најпосле, волјата Божја се изврши, поради големото долготрпение, но дури отпосле, откако долги години беше испитуван и искушуван, трпеше маки и ги поднесуваше великодушно и решително Му се беше поверил на Бога и сам себеси се уверуваше: Тоа што го направи Бог со мене со пророчкото помазување и што ми кажа дека ќе биде со мене, тоа несомнено ќе се исполни. И, по многу испитувања, Давид стана цар. Тогаш Божјото слово стана јасно и помазанието, коешто го изврши пророкот, се покажа цврсто и вистинито.


4. Слично беше и со Мојсеј. Бог, откако однапред извести дека тој ќе биде водач и избавител на народот и го предодреди за тоа, направи да стане син на ќерката на фараонот, да израсне во царско богатство, во слава и раскош, научен на целата египетска мудрост. А кога Мојсеј стана маж и кога стана голем според верата, се одрече од сето тоа и ги засака злостраданијата и понижувањата Христови повеќе, „отколку да има преодна гревовна наслада", како што вели апостолот (Евр. 11, 25). И откако избега од Египет, колку време овој царски син, воспитан во такви задоволства и во царска раскош, помина во пастирски занимања? Најпосле, по сево ова, откако преку големото долготрпение се најде дека е благоискусен и верен на Бога, бидејќи поднесе многу искушенија, тој стана избавител, водач и цар на Израилот и Бог самиот го нарече „бог на фараонот" (2. Мој. 7, 1). Зашто преку него Бог го казнуваше Египет, преку него на фараонот му покажа дела големи и чудни и, најпосле, ги потопи Египќаните во морето. Гледаш ли по истекот на колку години се открија и по колку испитувања и маки се исполнија Божјата волја и Божјата намера?


5. Слично беше и со Авраам. Пред колку време Бог му вети дека ќе му даде син, но не му го даде веднаш, и колку години продолжуваа испитувањата и искушенијата со Авраам додека не се случи тоа! И тој - откако великодушно претрпе се што го пресретна и се утврди преку верата во мислата дека Оној што вети е вистинит и ќе си го исполни Својот збор, а на тој начин се покажа верен - го доби ветеното.


6. А исто беше и со Ное. Во петстотата година од неговиот живот Бог му заповеда да го направи ковчегот, соопштувајќи му дека на вселената ќе наведе потоп, а тоа и се случи во шестотата година од неговиот живот. Сто години Ное помина во големо трпение, ни најмалку не колебајќи се во мислата дали Бог ќе го изврши или не тоа што го кажал, и решително се утврди преку верата во тоа дека, ако Бог го рекол тоа, тоа несомнено и ќе се исполни. И на тој начин, кога се покажа дека неговата слободна волја е благоискусна во верата, трпението и великодушноста, и откако тој ги запази заповедите во сета чистота, само тој се спаси, заедно со неговото семејство.


7. Овие примери ги наведовме од Писмото како доказ дека дејството на Божјата благодат се открива во човекот и тој го прима дарот на Духот Свет, за кој дар се удостоила верната душа, дури по една долготрајна борба, откако тој ќе искуси големо трпение и великодушност и ќе поднесе многу испитувања и искушенија, кога слободната волја негова ќе биде испитана преку секаква болка. И кога слободната волја на човекот во ништо нема да Го нажали Духот, туку во соработка со благодатта во се ќе биде согласна со заповедите, тогаш таа се удостојува - да ја достигне слободата од страстите, да ја прими полнотата на духовното усвојување, како и духовното богатство, а и едно такво разбирање на нештата, коешто не е од овој свет и коешто им паѓа во удел само на вистинските христијани. Зашто таквите луѓе во се се разликуваат од сите благоразумни, упатени и муцри луѓе, коишто во себе го имаат духот на светот.


8. Таквиот, според напишаното (1.Кор. 2,14), го испитува секој човек. Тој за секого знае од кој извор го зема словото, каде застанал и на кој степен се наоѓа. А за него никој од луѓето, што во себе го имаат духот на светот, не може да знае и да суди. Само тој што во себе има дух сличен на небесниот Божји Дух, само тој го знае она што му е слично, како што вели апостолот: „Толкувајќи го она што е духовно на духовни луѓе. Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство... Духовниот, пак, човек испитува се, а него никој не го испитува" (1. Кор. 2, 13-15). Таквиот човек се гнаси и одвраќа од се што е славно во светот - богатството, раскошот и сите наслади, дури и од самото знаење, и од се што е во овој век.


9. Како што човек, кој има температура и го тресе треска, ако му се понуди најслатката храна или најслаткото пиење, се гнаси од тоа и го одбива, зашто гори од температурата и во него болеста дејствува силно; слично на тоа, оние што се разгоруваат со небесната, свештена и чесна духовна желба, жегнати во душата од ревноста за љубовта Божја, кога оној божествен и небесен оган, што Господ дојде да го фрли на земјата и сака „да се беше веќе разгорел" (Лука 12, 49), ќе почне силно да дејствува во нив, ќе ги распали со небесната приврзаност кон Христа, како што рековме погоре, се што е славно и високо ценето во овој век го презираат и замразуваат, бидејќи огнот на љубовта Христова ги опфаќа, разгорува и распалува со верноста кон Бога и со небесните богатства на љубовта и ништо небесно, земно и подземно не е во состојба да ги одвои од оваа љубов, како што посведочи апостолот Павле: „Кој ќе не одвои од љубовта" Христова, итн. (Рим. 8, 35)?


10. За човекот е невозможно да ја стекне својата душа и небесната духовна љубов, ако не му стане туѓ на се што е во овој век и не се посвети на барањето на љубовта Христова, и ако умот негов не се постави надвор од секакво занимавање со материјалното и земното, за да може целосно да се зафати со достигнувањето на единствената цел, стремејќи се кон неа по сите заповеди; за да може сета грижа, целата потрага, занимавањето и вежбањето на душата да се состои од истражување на духовната суштина, т.е. дека душата треба да е украсена со добродетелите определени во заповедите, со небесната убавина на Духот, со општење во чистотата и светињата Христова; за да може човекот, откако се одрекол од се, ја отсекол од себе секоја материјална и земна пречка, се откажал од плотската љубов или од приврзаноста кон родителите и роднините, да не му дозволува на својот ум да се занимава со што и да било друго - како на пример власт, слава, почести, плотско дружење во светот, или со некои други земни грижи - туку целиот негов ум, без остаток, да ја преземе на себе грижата и трудот за трагање по духовната суштина на душата и целосно и со трпение да опстојува во надежта и очекувањето на слегувањето на Духот, како што вели Господ: „со трпение спасувајте си ги душите" (Лука 21, 19); и уште: „барајте го најнапред царството на Бога... и се ова ќе ви се придаде" (Мат. 6, 33).


11. Тоа е потребно за да може човекот - подвизувајќи се на тој начин и непрестајно внимавајќи на себе, дали во молитвата, или во послушноста, или во кое и да било друго дело, што по Бога се извршува - да го избегне мракот на лукавите демони. Зашто умот кој постојано проникнува во себе и Го бара Господа може да си ја стекне душата, па макар таа да се наоѓа во погибелта на страстите, ако секогаш дозволува да биде пленуван од поттикот и ревноста да се стреми кон Господа и само за Него да се прилепува, според кажаното: „поробуваме секој разум, за да Му биде покорен на Христа" (2. Кор. 10, 5), па, како последица на еден таков подвиг, една таква желба и трагање, да се удостои да биде заедно со Господа во единствениот дух на дарот и благодатта Христова, почивајќи во садот на душата, која си се направила подготвена на секое добро дело и не Го нажалува Духот Господов со своите сопствени произволности и со расеаноста на овој век, или со грижа за слава, за власт, или со своеволни мислења, или со плотски задоволства и дружење и општење со лукави луѓе.


12. Убаво е ако душата - откако целосно Му се посветила на Господа, се залепила само за Него и без заборав останува во Неговите заповеди, и откако на достоен начин Го испочитувала Христовиот Дух, Кој дошол врз неа и ја осенил - е удостоена да биде во еден дух со Христа, како срасната со Него, како што вели апостолот: „Кој се соединува со Господа, еден дух е со Него" (1. Кор. 6, 17). А ако некој се предал на грижите, или на славата, или на властољубието, или се грижи за почестите што ги даваат луѓето и се труди да дојде до нив, и душата негова се возбудува и се помрачува од земните помисли, му се предава на нешто од овој век и паѓа под негова власт, тогаш ваквата душа, и кога би посакала да ја надмине темнината на страстите, во којашто ја држат лукавите сили, или да побегне од неа и да ја истера од себе, не може да го направи тоа, бидејќи ја љуби и ја твори волјата на темнината и не ги замразила целосно пороците.


13. Затоа, да се подготвиме, активирајќи ја сета своја слободна волја и сета своја намереност, да одиме кон Господа и да станеме Христови следбеници, заради исполнување на волјата Христова и заради паметење и запазување на сите Христови заповеди, откако целосно ќе се оддалечиме од љубовта кон светот, да Му ги предадеме своите души на единствениот Христос, во умот да го имаме тоа - само со Него да се занимаваме, само за Него да се грижиме, само Него да Го бараме. А ако, поради телото, не го вложиме потребниот труд за исполнување на заповедите и за послушност на Бога, тогаш барем нашиот ум да не се оддалечува од љубовта кон Господа, т.е. од тоа Него да Го бара и кон Него да се стреми. А подвизувајќи се со таков ум, со правилен начин на мислење движејќи се по патот на вистината и секогаш внимавајќи на себе, да го здобиеме ветувањето на Неговиот Дух и по благодатта да се избавиме од гибелта во темнината на страстите, што ја обзеле душата, а преку ова да се направиме достојни за вечното царство и да се удостоиме да блаженствуваме со Христа низ сите векови, прославувајќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите. Амин.

Издавач: ЃаконијА

Друго:

Посети: {moshits}