КРСТОПОКЛОНА НЕДЕЛА


Zrze.krst.jpgВо сабота во третата недела од Великиот Пост, од дамнешни времиња, на средина на црквата се изнесува крстот, и целата следна, четврта, недела се нарекува Крстопоклона. Ние знаеме дека Великиот Пост - тоа е подготовка за Страстната седмица, кога Црквата си спомнува за страдањата, распетието и смртта на крстот на Исус Христос. На тој начин, изнесувањето на крстот ни напомнува за целиот наш засилен, задлабочен религиозен живот во овие великопосни денови. Во врска со ова умесно е да си спомнеме за местото на крстот, овој главен, возвишен символ во христијанската вера.
Овој символ има две, тесно поврзани, значења. Од една страна - тоа е крстот Христов, тоа е оној решавачки настан, со кој се завршува земниот живот и служење на Исуса Христа. Овој расказ за туѓата и страшна омраза на луѓето кон Оној Кој цело свое учење го восредоточил на заповедта на љубовта, цела своја проповед - на повикот за самоодрекување и жртва во име на оваа љубов. Пилат, римскиот губернатор каде го привеле уапсениот, истепан, исплукан, Христос, говори: “Овој човек никакво зло не направил”. Но тоа предизвикува уште посилна бура: “Распни Го, распни Го!” - извикува толпата. Така ете, крстот Христов - тоа е вечно прашање, обрнато кон длабочината на нашето сознание: зошто доброто предизвикува не само спротиставување, но и омраза? Зошто тоа секогаш се распнува во светот? Ние обично го избегнуваме одговорот на ова прашање, полагајќи ја вината на некој друг. Ете, ако ние, ако јас бев таму во таа страшна ноќ, не ќе постапев така, како сите останати. Но некаде во длабочината на совеста ние знаеме дека тоа не е така. Ние знаеме дека Христа не го мачеле, распнале, мразеле, некои изроди, специјално, посебно од зло обземени луѓе. Не, во суштина, тоа биле луѓе, “како и сите”. Пилат дури и се обидел да го заштити Исуса, да ја наговори толпата.  Пилат дури и предложил на толпата, заради празникот, да го пушти Христа на слобода. Пилат, пред лицето на толпата, си ги измил рацете, со тоа покажувајќи дека тој не се согласува со ова убиство. Во неколку детаљи Евангелието ни го опишува овој беден Пилат - неговиот уплав, неговата чиновничка совест, неговиот страшлив отказ да постапи според совеста.
Но зарем не се извршува истото тоа и во нашиот живот, и во животот кој не опкружува? Зарем тоа не е најобичната, најтипичната од сите истории? Зарем Пилат не присуствува во нас цело време? Зарем кога доаѓа часот да се каже решителното, бесповратно не на невистината, неправдата, злото и омразата - ние не се предаваме ли на оваа соблазна “да си ги измиеме рацете”? По Пилат се - римските војници. Но ете и тие можат да кажат во своја заштита: ние само ја исполнивме наредбата на власта. На нас ни беше речено да го “направиме безопасен” некаков скитник кој дига бунтови и прави неред. За што има тука да се разговара? По Пилат, по војниците е - толпата, то ест, истите тие кои пред шест дена од тогаш торжествено го пресретнале Христа кој влегол во Ерусалим, и извикувале: “Осана...” А ете сега: “Распни Го!” Но зарем не и објасниле на оваа толпа, водачите, учителите, авторитетите, дека овој човек е - престапник, кој ги нарушува законите и обичаите, и затоа според законот (секогаш според законот, секогаш според соодветниот параграф) - треба да умре... Значи, секој од учесниците во ова страшно дело имал право “по-свое”, бидејќи имал оправдување. А сите заедно го убиле човекот, кој “ни едно зло не направил”.
И затоа првата смисла на крстот - тоа е неговата смисла како суд на злото, или уште поточно, над тоа псевдодобро, во кое во овој свет вечно се маскира злото и на истото му ја обезбедува неговата страшна победа на земјата.
Врз таа основа е - втората негова смисла. По крстот Христов е - нашиот, мојот крст, оној за кого Христос рекол: “Кој не го зема крстот свој секој ден...” Тоа значи дека изборот пред кој во таа ноќ стоеле сите: - и Пилат, и војниците, и водачите, и толпата, и секој човек во таа толпа - дека овој избор секогаш, секој ден се поставува пред секој од нас. Надворешно тоа може да биде нешто што на нас не ни се чини многу важно, што ни се чини второстепено. За совеста, се разбира, нема првостепено или второстепено. Постои само вистина и невистина, добро и зло. Да се зема секој ден својот крст - тоа не е едноставно да се трпи тежината, бремето на животот. Тоа, пред се, е живот во согласност со совеста, тоа е живот во светлината на судот на совеста.
Ете и сега - пред лицето на целиот свет го фаќаат човекот кој “ни едно зло не направил”, и го мачат, и го тепаат, и го фрлаат в затвор и го гонат. И се е според законот, се е според послушноста и дисциплината, се во име на поредокот, за доброто на сите. И колку пилатовци си ги мијат рацете, колку војници брзаат да ја исполнат воената дисциплина и колку луѓе послушно, понизно се успиваат, во најдобар случај молчејќи гледаат на ова торжество на злото.
Изнесувајќи го крстот, поклонувајќи му се, целувајќи го, да си спомнеме за што ни говори тој. На што не повикува? Да си спомнеме за крстот како за избор. За избор од кој се во светот зависи и без кого се во светот е - торжество на темнината и злото. “За суд дојдов Јас во овој свет” - рекол Христос. На овој суд - суд на распнатата љубов, вистина и добро - стои секој од нас.

ХРИСТИЈАНСКОТО УЧЕЊЕ ЗА СМРТТА

oplakuvanje.jpgВо деновите кога се приближува Велигден, мислата речиси несакано се сосредоточува на темата која толку упорно ја замолчува антирелигиозната пропаганда, но која не може, вака или инаку, да не стои во центарот на човечкото сознание - на темата на смртта. За христијаните Велигден - тоа е празник на победата над смртта. “Со смртта смртта ја победи”. Во епохата на надворешното торжество на христијанството, во епохата кога Велигден бил очигледно средиште на годината, а неговата радост и ликување - главна радост на луѓето, овој празник, неговата смисла, можел да не се објаснува. Но за современиот човек, кој не знае или лошо знае што се случува за време на велигденската ноќ, кој не го искусува овој чудесен, радосен удар во срцето, кога од темната длабочина се разнесува првото “Христос Воскресе”, Велигден, се разбира, престанал да биде она што бил со векови, а имено - доказ, сведоштво, символ на вистинско надвладување на темнината, тагата и безнадежноста на смртта.
Антирелигиозната пропаганда сака да тврди дека еден од изворите на религиите е стравот од смртта, дека плашејќи се од смртта луѓето ја измислиле идејата за бесмртноста на душата, задгробниот свет, вечноста и така натаму; всушност, се разбира, ништо од ова не е точно, и со физичката смрт човекот сосема, апсолутно, исчезнува, се претвора во ништо.
Секогаш ме зачудувала крајната упорност и необјаснивото вдаховение со кои антирелигиозната пропаганда, ако може така да се изразам, се бори за тоа ништо. Излегува дека е - многу добро, едноставно прекрасно, тоа што човекот се раствора во ништо, а спротивно на тоа, дека верата во вечноста и бесмртноста поради нешто се штетни и човек со нив треба со сите сили да се бори. Бидејќи, се чини, ако навистина може да се докаже дека смртта е апсолутен крај, дека по неа нема ништо и не може да биде - радост во ова, на крајот на краиштата, има малку. Ете човекот живеел, учел, страда, се вдаховувал, љубел - и се е завршено, како и да не било. И затоа, се чини, таа вечна, неискоренлива мечта на човекот по бесмртност, таа потреба за бесмртност е добра, возвишена, заслужува уважување. Но не! Ништо, како што се гледа, антирелигиозната пропаганда не мрази повеќе од идејата за бесмртноста, верата во вечноста на човекот.
Но да се замислиме на оваа тема суштински. Пред се, религијата црвенее од префрлање за тоа дека ја интересира смртта, и дури од обвинувањето дека се родила од страв од смрт. Смртта за човекот е премногу важна појава, за да може за неа да не се мисли, за човек да може да се преправа - како што тоа го прави антирелигиозната пропаганда - дека тука, божем, нема за што да се мисли, а многу се поважни прашањата на следната петолетка и стоките за широка потрошувачка. Стравот од смртта му е својствен на човекот, тој е дел од неговата човечност, затоа што човекот инстиктивно чувствува некоја страшна, дури може и да се каже - потресувачка несоодветност меѓу опитот на своето јас и сознанието дека тоа јас треба да умре, да се заврши. Бидејќи колку и да ми тврдат дека смртта е природна појава, самоочигледен закон на природата, моето јас чувствува дека смртта за него, за ова јас, не само што не е природна, но и противприродна, и оваа несоодветност го раѓа стравот. Страшно е се тоа што е необично и неприродно. И колку и да ни говорат за натуралноста на смртта, стравот поврзан со неа, подобро од се покажува, дека тука не е се така едноставно и не е се така јасно.
Се природно на човекот му е природно да го посакува. Но ете смртта, исчезнувањето, растворувањето во ништо - “црната парна бања со пајаци”, како што говорел Достоевски, бучавата на небитието - никој не ја сака. Смртта секогаш и секаде останува некоја тајна, во која човекот, бидејќи тој е - човек, а не машина, не е робот, не е мравка, не може да не се загледува и задлабочува. И обидите едноставно да се симне оваа тема, да се замени со економски или политички расудувања, не само што се неуспешни, но и сведочат за баналноста и ограниченоста. И кога пропагандата повикува стравот од смртта да се надмине со грижата за идните поколенија и за нивната среќа, таа како да не сфаќа дека овој повик е необично глупав. Бидејќи ако за извор на трагизмот во човекот го сметаме сознанието за својата смртност, овој трагизам ќе остане и во иднина, без разлика на тоа каква ќе биде надворешната материјална среќа на фамозните идни поколенија. Ако човекот е осуден на ништо, ако крајот на секој човек (а бидејќи не постои никакво човештво, постојат само луѓе), ако неговиот крај е - ништо, тогаш дозволете ми да прашам: зошто овој ужасен апсурд мене ми се чини поапсурден од тоа што ќе се случи во иднината, да допуштиме, повеќе праведност и подобро затоплување во домовите? А ете ништо друго не ветуваат сите философии, сите идеологии, засновани на одрекувањето на бесмртноста и вечноста.
Но тогаш многу подоследни и почесни се проповедниците на таканаречениот “егзистенцијализам”, кои толку едноставно и започнуваат со тврдењето за апсурдноста и бесмисленоста на човечкиот живот. Тогаш, се разбира, во зборовите на Лав Толстој - “и по глупавиот живот ќе настапи глупава смрт” - има повеќе вистина, отколку во бесконечната суета на ефтините идеологии за идна среќа.
Се ова не приведува кон едноставното тврдење: смртта за човекот - тоа е крајно важен предмет за размислување и осмислување. Во некоја длабока смисла целиот живот на човекот е - решавање на прашањето како животот се однесува кон смртта, за смислата на овој таинствен крај. И длабочината на религијата е во тоа што таа оваа тема не ја заобиколува. Но антирелигиозната пропаганда од луѓето го крие вистинското религиозно учење за смртта, особено христијанското учење. Таа го поистоветува со првобитниот и примитивен “анимизам” и главно крие дека вистинското христијанско вдахновение - не е во помирувањето со смртта, а во борбата со неа и победата над неа.

 

  (Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго:

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

plaosnik.vecerna7.jpgПрот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7) 
Прот. Александар Шмеман: НОВА ГОДИНА- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (6)
 Прот. Александар Шмеман : ВОЗДВИЖЕНИЕ НА КРСТОТ - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (5)
Прот. Александар Шмеман - ЦРКОВНАТА ГОДИНА- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (4)
Прот. Александар Шмеман - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (3)
Прот. Александар Шмеман - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (2)
                                       Прот. Александар Шмеман - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (1)