Преподобен Макариј Велики - Духовни беседи за совршенството 

БЕСЕДА 7

За Христовото снисходење кон човекот. Исто така, беседава во себе содржи неколку прашања и одговори.

1. Замисли си дека некој влегува во царските одаи, гледа таму историски претстави и украси, на друго место разни изложени богатства, а на друго - нешто друго, и седнува заедно со царот на трпеза, и ставаат пред него најслатки јадења и пиења, и тој целосно се насладува и со изгледот и со уредноста. А потоа го извлекуваат оттаму и го одведуваат на смрдливи места. Или замисли си дека некоја девојка, што сите ги надминува со убавината, мудроста и богатството, си избира за маж човек неугледен, непознат, неубав, облечен во партали, па ги симнува од него нечистите облеки и го облекува во царска риза, става на него венец и му станува сопруга. На крајот сиромашкиот почнува да се чуди и вели: Зар мене, бедниот, сиромашниот, смирениот и унижениот, ми е дадена таква сопруга? Исто така постапи и Бог со бедниот и унижениот човек. Му даде да вкуси еден друг век, една друга најслатка храна. Му ја покажа славата и неизречените царски небесни убавини. И човекот, кога ќе ги спореди оние духовни богатства со богатствата на овој век, ако види потоа цар, управници, муцреци, се отфрла, имајќи го пред очите небесното богатство. Зашто Бог е љубов, а тој во себе го примил небесниот божествен оган Христов, па се насладува, се радува и приврзан е кон тоа.


2. Прашање: Дали сатаната се наоѓа заедно со Бога, дали во воздухот, или во луѓето?
Одговор: Ако ова сонце, кое е создание, ги осветлува нечистите места и од тоа не трпи никаква штета, уште повеќе Божеството, престојувајќи и таму каде што е сатаната, не се оцрнува и не се осквернува. Му допуштило Тоа на злото да го има заради вежбање на луѓето. Но злото се помрачува и се ослепува и не може да ја види чистотата и префинетоста на Божеството. А ако некој каже дека сатаната си има свое место, а и Бог свое, тогаш тој со ова наведува на мисла дека Бог се опишува со местото во коешто живее лукавиот. А како велиме дека доброто е неописливо и неопфатливо, дека се во него живее и дека доброто не се осквернува од злото? Дали во таа смисла дека, бидејќи небото, сонцето и планините пребиваат во самиот Бог и преку Него постојат, и тие самите станале Бог? - Созданијата се поставени во својот сопствен ред (чин); а Создателот, што пребива со созданијата, е Бог.


3. Прашање: Со оглед на тоа што гревот се претвора во светол ангел и знае да се направи многу сличен на благодатта, како може човекот да ги препознае ѓаволските сплетки, и како да се разликува и прима тоа што е од благодатта?
Одговор: Во она што е од благодатта има радост, има мир, има љубов, има вистина. Вистината самата го поттикнува човекот да ја бара вистината. А секој вид на гревот е полн со збрканост. Во него нема љубов и радост пред Бога. Така, цикоријата личи на салата, ама едната е горчлива, а другата слатка. И во самата благодат има нешто што е слично на вистината, а ја има и самата суштина на вистината, како што, на пример, постои сончев зрак и постои самиот круг на сонцето, и едно нешто е зракот, а друго светлината што се наоѓа во самиот круг. Кај ламбата што гори во домот едно нешто е зракот кој сјае насекаде од неа, а друго - поблескавата и јасна светлина во самата ламба. Така, има нешто од благодатта кога човек гледа далеку од себе како некакви виденија, и им се радува на овие виденија. А друга работа е кога во човекот влегува силата Божја, ќе ги опфати неговите членови и неговото срце, и му го заробува умот во љубовта Божја. Кога Петар го фатија и го фрлија в затвор, кај него, додека бил затворен, дошол ангел, ги раскинал неговите окови и го извадил од затворот, и Петар, како да се наоѓал во привидение, „си мислеше оти привид гледа" (Дела 12, 9).


4. Прашање: Како тоа паѓаат и тие во коишто почнала да дејствува Божјата благодат?
Одговор: И најчистите по својата природа мисли се искушувани и паѓаат. Човек почнува да се издига самиот, го осудува другиот и вели:  Ти си грешник - а за себе мисли дека е праведен. Нели знаеш што вели Павле? „Во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам" (2. Кор. 12, 7). И во чистата природа постои можност да се превознесува.


5. Прашање: Може ли некој да си ја види душата со помош на светлината, бидејќи некои го отфрлаат откровението и велат дека до видение се доаѓа преку знаењето и чувствата?
Одговор: Постои чувствување, постои видение, а постои и озарување. И кој има озарување, тој е повисоко од тој што има чувствување. Кај него озарен е умот. Ова значи дека стекнал некаква предност пред тој што има чувствување, зашто во себе осознал некаква несомненост на видението. Но откровението е нешто друго, кога на душата ќе и се откријат големи дела и Божјите тајни.


6. Прашање: Ја гледа ли некој душата со помош на откровението и на Божјата светлина?
Одговор: Како што телесните очи го гледаат сонцето, така и очите осветлени со Божјата светлина го гледаат образот на душата; но малку христијани стигнуваат до ова видение.


7. Прашање: Има ли душата обличје?
Одговор: Има образ и обличје, слично на ангел. Како што ангелите имаат образ и обличје, и како што надворешниот човек има образ, така и внатрешниот има образ сличен на ангел, и обличје слично на надворешниот човек.


8. Прашање: Дали е умот едно нешто, а душата друго нешто?
Одговор: Како што има многу телесни членови, а сите се нарекуваат еден човек, така и во душата има многу членови: ум, совест, волја, мисли што осудуваат и што оправдуваат, ама сето тоа е сврзано во едно мислење, се се тоа членови на душата, а душата е една. И тоа е - внатрешниот човек. И како што надворешните очи уште оддалеку ќе го видат трњето, стрмнините и бездните, така и умот, според брзината на своето гледање, однапред ги забележува сплетките и нападите на противничката сила и, бидејќи е нешто како око на душата, ја чува душата. Затоа, да му оддадеме слава на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите на вековите. Амин.

Издавач: ЃаконијА

Друго:

 

Посети:{moshits}