логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


sv.efrem.sirin1b.jpg

ВЕЛИКОПОСНАТА МОЛИТВА НА СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН

1

За големото мнозинство на верни луѓе Великиот Пост - тоа, пред се, е кратката молитва, позната под името молитва на Ефрем Сирин, еден од источните христијански учители од ИВ век на нашата ера. Оваа молитва се повторува на крајот на секоја великопосна богослужба, верните ја читаат дома, во својата поединечна молитва. За неа може да се каже дека таа подобро, поедноставно и пократко од се ја изразува смислата и духот на она што христијаните, ете, веќе со векови го нарекуваат Велики Пост.


“Господи и Владико на животот мој! Дух на безделничење, униние, властољубие и празнословие не давај ми. Дух на целомудрие, смиреномудрие, трпение и љубов дај ми на мене, слугата Твој. Господи Цару, дај ми да си ги согледам прегрешенијата и да не го осудувам братот свој, зашто си благословен во вечни векови. Амин”.


Стари зборови. Древни словенски форми. Но да се обидеме да пробиеме низ овој пласт на древноста, да се обидеме да се пробиеме кон смислата и кон суштината. Така ете, пред 50-60 години научниците-специјалисти научиле како да ги симнуваат пластовите на прав и саѓи од древните руски икони. И тоа што се чинело темно, толку темно, заради што знаменитиот руски писател Розанов дури и една своја книга за православието ја нарекол “Темен лик” - одеднаш засветлело и запламтело со толку необични бои, со таква радост, со таква светлина, што сите наши претстави не само за иконите, но и за духовниот стил и тон на православието, на целата древноруска религиозност се изменило на коренит начин. “Игра на боите” - така бил определен овој стил.


Истото тоа може и треба да се направи не само со иконите, но и со други основни изрази на верата и религијата. Непријателите сакаат да ја изгонат во музејите, во сознанието на луѓето да ја поистоветат со древноста, со изживеани идеи и чувства, да ја покажат нејзината непотребност. Но така ли е? Да се вратиме на молитвата на свети Ефрем Сирин. Да се задлабочиме во оваа наједноставна прозба на човекот, кој одеднаш ја спознал неправдата на својот живот и тоа што оваа неправда ја сочинува: “Духот на безделничење, униние, властољубие и празнословие не давај ми”. Ете го првото - не давај ми, огради ме, заштити ме, избави ме. Од што? Од таквите, навидум, едноставни недостатоци, од таквите, би се рекло, ситници. Дух на безделничење. Какво безделничење имаме ние, ќе рече современиот човек, кога секој од нас се исцрпува од работа, кога ритамот и темпото на животот се забрзува, кога малку безделничење, би се рекло, и е тоа што ни треба повеќе од се. Но зборот “безделничење” сосема не означува човек да не работи и физички да се одмора. Зборот “безделничење”, пред се, означува, празнина. Од духот на празнотијата избави ме. И ете, одеднаш, ни е укажана најстрашната болест на човечкиот дух: празнината. Да, ние работиме, ние брзаме, трчкаме горе-долу дење и ноќе, но во што е суштината, во што е смислата на цело ова брзање и трчкање? Не ни се случува ли некогаш, одненадеж, за еден миг некако да се запреме, и ете - тишината е околу нас, и толку јасна станува празнината и бесмисленоста на нашиот живот. Страшен е во својата вистинитост и едноставност стихот на поетот: “Животот зашуми и си отиде”. И можеби затоа се задушуваме од работа, можеби целиот свет околу нас така шуми и татни, што сите сакаат да ја скријат од себе, од другите оваа празнина без дно. Во име на што? Каде? За што? “Животот прошуми и си замина...” И ете, задлабочувајќи се во себе и загледувајќи се во овој - толку краток - дар на животот, ние Го молиме да не спаси и да не заштити, да не избави од првоосновата на секое зло: од празнината, бесмислата, од страшната опустошеност на душата, во која толку често пребиваме...


“Од духот на безделничење, униние...” По безделничењето и празнината, како неизбежен резултат, следува унинието. Зошто сите учители на духовниот живот, сите мудреци, кои се замислиле над природата на човечкиот дух и сознание, за најстрашен грев, најнепоправливо зло во човекот секогаш го сметале токму унинието? Што е унинието? Зарем секому од нас не му е познато ова чудно паѓање на душевната енергија, таа необјаснива тага, која одненадеж не проникнува и најсветлиот и лачезарен ден ни станува непотребен, празен, безвреден? Ние тогаш велиме: “Рацете ми се спуштаат...” Во душата се зацарува квечерината. Тоа и е унинието. Добро е, ако навреме се сетиме да собереме сила. А тогаш едноставно да го задушиме тоа униние кое не снашло - со работа, со опиеност, на било кој начин... Но тоа ќе се врати, тоа секогаш е некаде овде, го очекува погодниот момент, се заканува од зад аголот. Тоа ќе се врати, затоа што секој човек со последниот, скриен дел од својата душа ја знае, макар и да го крие тоа од себе - бесмисленоста на животот кој се противи на смртта. “Ние се се прашуваме, се прашуваме - пишувал Хајне - додека камен земен не ни го затне грлото - но зарем тоа не е одговор? И кога ова знаење се пробива на видело - низ шумот и суетата на животот - колку бесмислено ни станува се околу нас, колку суетно - непотребно и бесплодно. И ете, оттука е таа молба: избави не од униние. И тоа не е беспомошност, не е страв, како што мислат непријателите на религијата - тоа е единственото достоинство на човекот: да му погледне на ова униние право в очи, да не се крие од него, но да бара начин да го надвладее...


“Од духот на безделничење, униние, властољубие...” Молитвата преминува кон другото ниво на човечкото постоење, кон другиот “клуч” на неговата трагичност. Властољубието - тоа не е едноставно љубов кон власта, кон владеењето над другите. Во таков - едноставен и чист - облик властољубието, можеби, не се сретнува толку често. Но во друга, многу подлабока форма, тоа му е својствено на секој од нас и е извор на страшна неправда на човечкиот живот. Властољубието - тоа е однос кон другиот човек од точка на гледање на користење на него. Со други зборови, тоа е внатрешно потчинување на сите и се на себе, разгледување на сите и се само од точка на гледање на мојата корист, моите интереси, на мене - како повисока и поединствена вредност.


2

Празнословието може да се покаже како толку малечок, толку незначителен недостаток. Но што има толку страшно во тоа? Дрдорење, убав муабет, празнословие... Сите сме луѓе, сите грешиме, и без сомнеж, има многу пострашни гревови. Така ни се чини, така сите сме се навикнале да мислиме. Но во Евангелието е речено: “За секој празен збор човекот ќе даде одговор”. И започнуваме да се замислуваме, дали е се толку едноставно и невино со ова “празнословие”? Секој од нас, само ако се задлабочи не во некоја апстракна теорија, а во сопствениот живот, ако добро се сеќава, веднаш ќе се убеди во тоа дека зборовите - зборовите, кои тој ги кажал или му ги кажале - навистина, повеќе од се, во животот му донеле страдања, повеќе од се, растуриле домови, повеќе од се, отруле минути, часови и денови. Клеветата, поткажувањето, предавството, изневерувањето, лагата, сплетките - се тоа се страшни појави, и сите тие се извршуваат преку зборовите и само преку зборовите и само ова е доволно за да се почувствува нивната страшна сила.


Навистина, со нив, со зборовите се изразува и се создава доброто, убавината, мудроста. Но со нив и се расипува доброто, убавината и мудроста. Зборот може да ја отруе душата, да ја исполни со сомнеж, страв, злоба, омраза, цинизам. И се разбира, не само во личниот, делумен живот. Ние живееме во епоха на навистина космичко празнословие. Весници, радио, книги, училишта - се тоа се орудија, се тоа - речиси се символи на едно грандиозно, непрекинато, “празнословие”, кое е задолжено да ги успие нашите глави, да ги исполни со туѓи идеи, да не натера да мислиме така како што тоа го сакаат таканаречените “властодршци на мислата”. Без никакво преувеличување може да се каже дека светот е болен, отруен со “празнословие” кое, на крајот на краиштата, секогаш е лага.
Христијанството го смета дарот на словото за возвишен, навистина божествен дар, даден на човекот. Тоа човекот како суштество словесно го спротиставува на - суштествата бесловесни. Тоа самиот Бог Го нарекува Слово и говори за Него во Евангелието: “На почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Словото беше Бог”. Но затоа што христијанството така високо го поставува словото, му доделува толку голема творечка сила, тоа со таков ужас го восприема празното слово - “празнословието” - тоа изневерување на словото на самото себе, кога од орудие на добро и светлина тоа станува орудие на зло и темнина... “За секое празно слово човекот ќе даде одговор”. И уште: “Преку зборовите свои ќе се оправдаш, и преку зборовите свои ќе бидеш осуден...”
Секој од нас не би прашал за цена, за ете овој збор, кој го отрул животот, никогаш да не беше кажан.
На се ова треба да си спомнеме и да го почувствуваме, за да сфатиме зошто - напоредно со безделничењето, унинието и властољубието, молитвата на свети Ефрем Сирин, како еден од четирите главни гревови, како едно од основните зла, го става - “празнословието”. “Дух на празнословие не давај ми...”
Со очистувањето на зборот, со негово воспоставување во првобитната сила започнува очистувањето и повторното раѓање на животот. Ние говориме: “се мери секој збор”. Да, се мери. Но не се мери само со мерата на внимателноста, ползата и сметката, но и со мерата, на правдата, доброто и вистината.

3

Со зборовите на молитвата на свети Ефрем Сирин ние молиме Бог да ни дарува дух на целомудрие, дух на смиреномудрие, дух на трпение и дух на љубов. Ќе се запреме на секое од овие сфаќања, во кои христијанскиот духовен опит, од древност, ја гледа првобитната основа и изворот на доброто, слично на тоа, како што во одречните прозби на великопосната молитва тој го гледа и знае, овој опит, основата на гревот и злото. Дух на целомудрие. Зборот “целомудрие” - еден од најдлабоките, најпрекрасни зборови на човечкиот јазик - по малку како да “издивнал” или во секој случај се стеснил во своето значење. За големото мнозинство тоа започнало да ја означува речиси исклучително половата чистота, станало спротивност на половата распуштеност, разврат. Но првобитната смисла на зборот “целомудрие” е неизмерно поширока и подлабока. Клучот на оваа смисла е во две сфаќања, соединети во едно: “целосност” и “мудрост” - “целомудрие”. Без никакво преувеличување, може да се каже дека зборот “целомудрие” е - еден од најхристијанските зборови, бидејќи во него е изразено нешто најглавно, најсуштествено за христијанството. Изразено е сфаќањето, опитот на доброто, на добриот, праведен и вистински живот, како целосност, и затоа мудрост. Целосност - тоа е она што му се спротиставува на злото, кое секогаш е распаѓање, разделување, разлагање на првобитната целосност, и затоа - повлекување на мудроста. Бидејќи духот на целомудрието - тоа е таа целосност надвор од која ништо останато не е можно. Тоа е враќање кон животот како целосност. Тоа е радост на повторно здобиената целосност, то ест мир и хармонија на душата, умот, срцето, телото, радост на мудроста, радост на “целомудрието”.


По целомудрието следува “смиреномудрието”. И повторно, ќе забележиме, не едноставно “смирение”, а “смиреномудрие”, бидејќи и зборот смирение, како и целомудрие, може да се сфати различно. Тој може да има нешто како “ропска нијанса”, да го изразува презирот на човекот кон самиот себе како кон човек, а според тоа и кон човекот воопшто. “Јас сум - мал, гаден, слаб...” Не, цело тоа самоунижување нема ништо заедничко со христијанското смирение. Христијанското смирение е вкоренето во сознанието, во чувствувањето на бесконечната длабочина на животот, тоа е смирение од трепет, од мудрост, од разбирање - вистински од Бога. Паднатиот човек постојано ја искусува потребата од надменост, самовоздигнување, самоувереност, потребата од нив, како од густа завеса од чад, која од другите луѓе и од него самиот ги крие неговите недостатоци. На вистинското добро, на вистинската мудрост, на вистинскиот живот - не му треба надменост, бидејќи немаат што да кријат, и затоа што се смирени. Христос, Синот Божји, говори: “Научете се од Мене, зашто Јас сум смирен по срце”. И затоа, исто како во целосноста, и во смирението се разоткрива, светли, победува, вистинската мудрост: смиреномудрието...


По целосноста и смирението е - духот на трпението. Зошто христијанството толку високо го цени, и во што е добродетелта на трпението? Овие прашања се важни, затоа што сите непријатели на христијанството и религијата, како нејзина вина, пред се, ја ставиле проповедта за трпение. Проповедајќи трпение, ветувајќи за трпението овде - награда таму, вие, религиозните, го одвлекувате човекот од борбата за свое ослободување, го помирувате човека со злото и неправедноста, го правите послушен роб. Се разбира, воопшто не станува збор за такво трпение во великопосните прозби. Тука трпението е - пројавување на верата, довербата, љубовта, тоа е трпение - обратно на она во кое човекот мавнува со раката на се и си вели: “Останува само да се трпи”. Не, трпението - тоа, пред се, е самиот Бог, кој “на нас не мавнал со раката”, но продолжува да ни верува, да верува во нас, и затоа трпението во нас - исто е само од верата, дека доброто е посилно од злото, љубовта посилна од омразата, и најпосле, животот посилен од смртта... Ете за оваа Божествена добродетел, Божествен дар на трпение ние и се молиме, да не се уплашиме во нашата доверба, внатре во себе да не се предадеме на рамнодушноста, презирот, “мафтањето со раката...”


Последниот дар - последната прозба е - дух на љубовта дарувај ми на мене, слугата твој. Во суштина, целата молитва доведува до оваа прозба и во неа како да се исполнува. Бидејќи, кога молиме за ослободување од безделничење, униние, властољубие и празнословие - се тоа е пречка за љубовта, тоа е она што не ја пропушта љубовта во нашето срце. А целомудрието, смиреномудрието, трпението - тоа е основа, тоа е корен, тоа е 'ртење на љубовта. И затоа, кога, најпосле како од небото да ни паѓа тој збор љубов, ние веќе знаеме, дека љубовта не е само од Бога, но љубовта - тоа е самиот Бог, Кој влегува во нашето срце, очистено, украсено со целомудрие, смиреномудрие и трпение, подготвено да стане храм, присуство, светлина на Божјата љубов, нејзина сила која се победува.

4

Го изговараш зборот “смиреномудрие” - и одеднаш чувствуваш, до каков степен тоа е туѓо на духот на современоста. Какво смиреномудрие има таму, какво смирение, кога целиот живот на денешницата е устроен единствено на непрестано самољубие и самопофалба, на патосот на надворешната сила, величина, моќ, и.т.н. Овој дух на самопофалба, од горе до долу, не го проникнува само политичкиот и државниот живот, но и личниот, професионалниот, општествениот, то ест буквално сите пројави на животот.
Ги учиме децата да се гордеат со нешто, но ретко и себе и нив ги повикуваме на смирение. Повеќе од тоа, едно од главните обвинувања, постојано изнесувани од страна на воинствената безбожност, е обвинувањето за тоа, дека религијата учи на смирение и повикува кон него како кон главна христијанска добродетел. Религијата - според тврдењата на безбожниците - проповеда ропство, покорност, го понижува и намалува човекот и неговото достоинство, бидејќи таа целата е устроена на смирението. Но зачудувачки е тоа, што во сите тие обвинувања никој и никогаш не објаснува - што е смирението? За што учи христијанството, кога говори за смирение? Зошто, во каква смисла смирението го понижува човекот? Ете Христос, за Себе говори: “Јас сум кроток и смирен по срце”. Сепак, тешко дека на некого ќе му дојде мисла да каже, дека ова е сведоштво на рамнодушност на Христа спрема злото, Негово слепо потчинување на кого било, страв пред силниците на овој свет. Бидејќи ете Тој стои пред Пилат и му вели - толку едноставно: “Ти над Мене немаш никаква власт”. Како што се гледа, постои смирение и смирение, и пред некој да го разобличува, треба да се договориме - за какво смирение станува збор.


Што е христијанското смирение? Пред се, тоа, се разбира, е чувство на вистина, и тоа вистина, најнапред - за самата себе. Вистината никогаш не понижува ниту намалува, а воздигнува и очистува. Понатаму, смирението е чесност во вистината. Тоа е - отказ од секакво украсување, тоа е одвратност од прашината која се фрла во туѓите очи... Смирението - најпосле, тоа е знаење на своето место, на своите можности и ограничувања, тоа е мажествено прифаќање на себе, таков каков што јас сум... Ете зошто, слично на целомудрието, смирението е почеток на мудроста. И ние во молитвите молиме за дар на смиреномудрие. Само оној кој не лаже, не преувеличува, не сака да се “покаже”, наместо да “биде”, а спокојно, трезвено и мажествено го прима и го создава своето дело, само тој ја поседува мудроста. И се разбира, од оваа точка на гледање христијанството, проповедајќи смирение, не намалува, а воздигнува и главно - го уважува човекот. Бидејќи само оној човек има потреба од самопофалба, на кого нешто не му довстасува, само изрод има потреба да се украсува себе, само слабиот постојано се фали со својата сила. Таму каде што постои слобода, таму нема потреба од пропаганда, каде што постои вистинска сила - таму нема потреба од закани, каде што постои вистинска убавина, таму не е потребен “бедниот раскош напоредно”. И затоа смиреномудрието - тоа е она кое толку му недостига на современиот свет и современиот човек, тоа е она по што, и самиот не знаејќи, но изнемоштувајќи се во морето на лаги и самопофалби, тој тагува повеќе од се...


По смиреномудрието во молитвата на свети Ефрем Сирин следува трпението. И повторно тука наидуваме на едно од главните обвинувања против религијата. Проповедајќи трпение, таа божем, во човекот, ја поткопува способноста за протест, за борба, за заштита на своите права, за стремеж кон подобар, посправедлив свет. Тука, се разбира, повторно подобро е да се обрнеме кон Христа. Да, Тој учи на трпение - “со трпение спасувајте ги душите свои”. Но тоа што Христос го нарекува трпение, толку е далеку од карикатурата на трпение во безбожните брошури, како што е христијанската љубов кон ближниот - од онаа љубов кон далечниот и безбожен колектив, во име на кого милиони луѓе денес се лишени од слобода. Во основата на христијанското трпение воопшто не е рамнодушноста кон злото, а колку и тоа да ни звучи туѓо - многу активното чувство на доверба кон човекот. Колку и човекот да паѓа, колку и да го издава најдоброто во себе, христијанството не повикува да веруваме, дека не е тоа - не е злото, не е падот - суштина на човекот. Тоа верува дека човекот секогаш може да стане, да се врати кон својата светла суштина...


На крајот на краиштата, трпението - тоа е вера во силата на доброто. И најпосле, во молитвата на свети Ефрем Сирин ние молиме за - дух на љубовта. Љубовта - тоа е завршниот акорд на молитвата. Таа истовремено е и скриен двигател на нашиот живот, и негова цел. Се живее преку неа, се е кон неа усмерено, и ние низ неа узнаваме дека Бог е Љубов.

  (Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго:

plaosnik.vecerna7.jpgПрот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7) 
Прот. Александар Шмеман: НОВА ГОДИНА- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (6)
 Прот. Александар Шмеман : ВОЗДВИЖЕНИЕ НА КРСТОТ - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (5)
Прот. Александар Шмеман - ЦРКОВНАТА ГОДИНА- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (4)
Прот. Александар Шмеман - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (3)
Прот. Александар Шмеман - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (2)
                                       Прот. Александар Шмеман - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (1) 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 723
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што...

« »