Митрополит Антониј Сурожски
РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Секој празник на Mајката Божја е чиста радост; тоа е радост не само заради љубовта Божја кон нас, туку и радост заради тоа што земјата – нашата едноставна, родна, обична земја – може на тој начин да одговори на љубовта Господова. Во тој чин за нас има особена радост.
Кога од Бога примаме милост – нашето срце се радува; но понекогаш се растажуваме: со што и како да возвратиме со љубов за љубовта, каде да ја најдеме онаа светост, онаа чистота, онаа способност да одговараме со восклик, со целото наше битие на Божјата милост? И тогаш, иако знаеме, дека секој од нас е слаб и сиромашен во љубовта, треба да се сетиме на Мајката Божја. Таа за сите нас одговорила со совршена вера, никогаш неколебајќи се во надежта и љубовта, толку широка, што Таа успеала со таа љубов да ги опфати и небото и земјата, да се открие со љубов кон луѓето на тој начин, што преку неа се воплоти Синот Божји, така што сите, и најгрешните, можат да дојдат при Неа и да добијат милост. Таа е одговорот на целата земја, Таа е одговорот на целата Вселена, на љубовта Господова.

И ете, да се радуваме и да ја понесеме оваа радост со нас и надвор од храмот – не само на еден момент: да ја пазиме од ден на ден, да заблескаме со таа радост, да ликуваме и да ја пренесуваме оваа радост на луѓето, та секое срце да возликува и да се утеши и просветли со таа радост, со тоа дека земјата може да го прими небото, дека човекот може да Му одговори на Бога така, што Бог би станал човек.
И сега, и во сите векови, додека постои светот, Бог е со нас, Христос е исто така со нас, во сите денови. И кога ќе биде пројавена, откриена славата на небото и на земјата, Господ Исус Христос, вистинскиот Бог, но и вистински човек, ќе пребива со нас заради Божјата Мајка, Која Му ја дала својата плот, со љубов, вера, светост, со благоговение.

Да ја пазиме, заштитуваме, негуваме оваа радост и да живееме со неа во денови на мака, на тага, во денови кога ни се чини дека за ништо не сме способни, дека земјата со ништо не може да одговори на љубовта Божја.
Но, земјата одговорила, и тој Одговор ќе стои во сите векови, со подигнати раце, молејќи се за сите нас, за добрите и злите, не оставајќи никого сам низ патот на спасението, проштевајќи им на сите – а Таа има што да простува: та нели луѓето Го убија Нејзиниот Син. Кон Неа прибегнуваме, зашто ако Таа ни прости, тогаш никој нема да не осуди... Со каква вера и приоѓаме ние на Божјата Мајка, колку длабока треба да биде таа, та секој од нас кој со своите гревови и своето недостоинство учествува во смртта Господова, би можел да каже: Мајко, јас Го погубив Твојот Син, но Те молам, прости ми. И Таа ќе се застапува за нас, ќе не помилува, ќе не спасува и ќе ни помага да возрастеме до полната мера на љубовта Господова.

Слава Му на Бога за ова, слава И на Мајката Божја за оваа Нејзина љубов. Амин!