логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


ВТОР ДЕЛ

ЦРКОВНАТА ГОДИНА

krst.zlaten1.jpg

ВОВЕД

1

Црковната година во древноста започнувала во септември. И иако денес, се разбира, речиси никој не знае и не се сеќава на ова, на почетокот на есента умесно е малку да размислиме за тој однос кон времето, кој е заложен во овие зборови: “црковна година”.

Антирелигозната пропаганда истрошила многу сили на борба со религиозните празници. Нив ги развенчуваат и ги разобличуваат како измислица, како лага, како древни и првобитни митови, кои во наше време немаат никаква смисла. Меѓутоа, количината на книшки и брошури, кои се посветени на борба со празниците, обемот на сите тие усилби красноречиво сведочи за тоа дека празниците се живи и дека да се уништат, да се отстранат од човечкиот живот е многу тешко. Колку и да се разобличува христијанството и евангелските раскази за раѓањето на Христа, колку и елката да се нарекува новогодишна, а ете сепак ќе се запали таа во темните декемвриски ноќи, и на неа ќе има ѕвезда - во сеќавање на онаа ѕвезда која светлела над Витлеемската пештера. И се тоа заедно: и ѕвездата, и елката, и запалените свеќи, кои се одразуваат во радоста на детските очи - сеедно никако не се сведуваат на дијалектичкиот материјализам и научно-атеистичниот поглед на свет. И зошто мора во таа единствена пролетна ноќ кога христијаните го празнуваат “празникот над празниците” и “торжеството над сите торжества”, да се мобилизираат толпи на космомолци, за да се обидуваат со извици и со погрдни зборови да ги задушат зборовите од кои подобри, попрекрасни нема на земјата: “Сега се се исполни со светлина, небото и земјата и пеколот, да го празнува целиот свет видлив и невидлив, воскресението Христово, во Него да се утврдува...” И ете се слушаат врева-викаат, а Велигден исто светли, исто радува, како пред илјада години.

Можеби, треба да се замислиме над смислата на овие празници, на оваа “црковна година”, кои со векови буквално го осмислувале и осветувале животот на милиони луѓе. Можеби, наместо да пишуваме банални брошури, од кои следува дека неколку века поради нешто најгруба лага владеела со животот на луѓето, треба да се погрижиме да го сфатиме ова восхитувачко, органско ткиво на празниците, кои на секое време од годината му даваат своја посебна боја, своја посебна длабочина.

Светлината на Рождеството, светлата тага на Постот, од која скриено, незабележливо расте радоста на Велигден, со лето и сонце исполнетите празници на Вознесение и Троица, агустовската, предесенска длабочина на Преображение и Успение. Измислици? Лага? Мит? Да дозволиме - Но зошто да не се обидеме да сфатиме, дека зад нив стои некој длабок пристап кон животот? Бидејќи едно е јасно - човекот не може да живее без празници и празнување.

Социолозите - и при тоа сосема нерелигиозните социолози, како на пример Диркем - одамна веќе научно и објективно докажале дека празникот припаѓа на најдлабоката, на најпрвобитната основа на човековиот живот и култура. Не постоело општество, не постоела цивилизација без празници. Бидејќи дури и во антирелигиозното, воинствено, безбожно, општество, празникот останува, и се создава свој, нека е и безбожен, но круг на празници: празник на трудот, денот на жените, празник на ова, празник на она. И останува празничниот обред или ритуал: процесија, парада, цвеќиња, пеење, музика, веселба, одмор, богата гозба. Затоа, повторувам, не треба да се развенчуваат и разобличуваат празниците како религиозна измислица и лага, а треба да се замислиме над фактот на празникот и празнувањето во човечкиот живот, над нивното значење за човекот. Може да се празнува ова или она, но останува непресушната потреба за празник. Па така, од каде е таа, што изразува, на што соодветствува, на што укажува во природата на човекот?

Како што веќе реков, ние не познаваме човечко општество, колку и тоа да било првобитно, без празници. Што знаеме за овие први празници? Две основни работи. Како прво, и тоа е самоочигледно, празникот соодветствува на ритамот на трудот и одморот неизбежен за човекот. За да живее, човекот треба да работи, но тој не може да работи без одмор; оттука, секаде и секогаш се раѓа ритам на трудот и одморот, при што одморот, можноста да не се работи секогаш се чувствува како радост. Тоа е првиот, самоочигледен корен на празникот. Но тоа не е единствениот корен, тоа фактички е помалку важниот фактор во создавањето на празникот како празник. Неговиот втор корен е - осмислувањето на самиот труд низ празникот и, според тоа, на целиот живот. И тука, во оваа апсолутна неискоренливост на потребата во човекот не само да се одмори, но да прими радост, да ја најде смислата на својот живот, во тоа се состои вистинскиот извор на празникот и неговата неискоренливост од животот на човечкото општество.

Животните исто така, живеат според ритамот на трудот и одморот, на нив исто така, физиолошки им е потребно здивнување, одмор, но тоа здивнување, тој одмор остануваат физиолошки појави, тие не прераснуваат во радоста на празникот. И од своја точка на гледање антирелигиозната пропаганда, заснована на материјалистичкиот поглед на свет, има право и е доследна, одрекувајќи ги религиозните празници, и нема право и не е доследна, заменувајќи ги со граѓански празници. Бидејќи во тоа сфаќање на човекот кое е неизбежно при материјалистичкиот поглед на свет, сфатлив, објаснив, неопходен е само овој животински, физиолошки ритам на трудот и одморот, одморот како полнење на организмот за нова работа. Секој ден се потребни толку и толку часови за сон, секоја недела е потребен еден ден, таканаречен “неработен” ден, секоја година се потребни толку и толку недели за одмор. Но се тоа е со утилитарна основа: на организмот да му се врати силата и неговиот, такаречено “производствен потенцијал”.
Сепак и првобитниот човек не дека само се одмарал. Тој и празнувал. Тоа значи дека деновите на усилба и труд не наидувале едноставно на сон и одмор, а како да процветувале во радосна можност да се увиди плодот на своите трудови, да се осмисли трудот, човек да се развесели за него. Низ празникот и празнувањето трудот престанувал да биде јамка, борба за опстанок, безрадосна низа на денот и ноќта - тој се осмислувал, станувал предмет на созерцување во своите резултати, се одухотворувал, се очовечувал. Колку и да му пееме химни на трудот, трудот - тоа секогаш е работа, усилба, замор. Но трудот и заморот човекот ги прима и ги надвладува, кога тие не се увенчуваат едноставно со материјален успех, но стануваат форма на слобода, радост и полнотија на животот. Ете, тоа и е празникот во неговата првобитна длабочина: ослободување на човекот, на самиот себе, од животот како една неопходност, како неповредлив закон.

И затоа човекот не дека само се одмора, но и празнува. И затоа во празникот и празнувањето тој вложува, во нив го изразува своето сфаќање на животот, неговата цел и смисла. И затоа, најпосле, низ празникот, поточно, низ човекот во празникот, низ човекот кој празнува, подобро од се, може да се сфати смислата на оваа или онаа вера, на овој или оној поглед на свет. Парафразирајќи, може да се каже: “Кажи ми што ти празнуваш, и јас ќе ти кажам кој си...

2

Што празнуваат христијаните? Бидејќи ако навистина човекот подобро од се и почисто од се се изразува себе во празнувањето, во радоста, ако навистина религијата, пред се, е радост во Бога и затоа - празник, тогаш и христијанството е полесно сфатливо низ неговата радост и празниците, отколку низ апстрактните догматски и богословски формули. Од одамнешни времиња христијанството, и особено православието, ја изразило и воплотило својата вера, своето сфаќање на светот и чувствување на животот во мрежата на празници, кои буквално со себе ја опфаќаат целата година. Може, без преувеличување да се рече, дека верниот живее од празник до празник, и овие празници за него го обојуваат целото време, целата последователност на времето на годината - есен, зима, пролет, лето.

Често се случува да се слушне за одречните страни на религиозните празници, луѓето тврдат дека тие се поминуваат во пијанство, безделничење, и.т.н. Но суштината на секоја појава не треба да се оценува по извртувањата, а по нејзината вистинска смисла и назначение. И за религиозните празници, се разбира, треба да се говори од точка на гледање на тоа, како тие се замислени, како би следувало да ги празнуваме, и тогаш веќе, во име на оваа потврдна смисла, да се критикуваат возможните извртувања и недостатоци.

Нема подобар вовед во христијанските празници, од оној празник кој православната Црква секогаш го нарекувала “празник над празниците” и кој секогаш бил исполнет со посебна и со неспоредлива радост за сите верни. Овој празник е - Велигден. Христијаните го примиле од древното еврејство, каде тој бил главниот религиозен настан во целата година. И повторно, ништо подобро на ја открива христијанската смисла на празникот, како неговата сврзка - и потврдна, и одречна - со еврејскиот праобраз. Од Евангелието знаеме дека Христос пострадал во деновите на еврејската Пасха, и дека ова совпаѓање, од точка на гледање на Евангелието, не било случајно. Во што е неговата смисла? Што празнувале Евреите, и зошто апостол Павле го нарекол Христа наша Пасха: “Зашто Пасхата наша, Христос - пишува тој - е заклан за нас”.

Одговарајќи на овие прашања, ние постепено стапуваме во целосно сфаќање на светот, кое, колку и тоа да му се чини архаично на современиот човек со неговата технологија и утилитарен, плиток пристап на животот, всушност, соодветствува на нешто вечно, неискоренливо и најважно и најдлабоко во човечката душа. Од оваа точка на гледање многу суштински се сфаќа постепениот развиток, нараснување и напластување на смисловноста во празнувањето на Велигден. Првата фаза е утврдена уште во номадскиот живот на евреите, кога тие не се занимавале со земјоделство, а со чување на стока. Пасхата се пројавува како радост за појавувањето на новите животни. Оттука најдревниот обред - принесувањето на жртва на младо јагне, е пројава на благодарност. Така се појавува првиот образ на еврејската Пасха - жртвопринесувањето на пасхалното јагне. Следната етапа е - освојувањето на земјата Ханаанска и почеток на земјоделството. Пасхата овде се здобива со нова смисла: како празник на пролетното обновување на природата, космичко торжество на животот. Но се тоа се уште е само природа и живот на човекот во природата и со природата. Потоа се појавува и разраснува третата - веќе историска мера на Пасхата. По природата - историја, бидејќи човекот не живее само во природното време, но и во историското време, во процес кој го осмислува минатото, сегашното, идното, исполнувајќи го животот со смисла веќе не само на посебниот човек, но и на човештвото. Неколку векови до Христа - празникот Пасха секоја година за Евреите станал спомен за Излезот од Египет, четириесет годишното странствување во пустината, ослободување од ропството, стапување, најпосле, во Ветената Земја. Но сите овие настани, постепено, во проповедта и учењето на пророците, ја надраснуваат својата првобитна и ограничена смисла, се рашируваат до границите на некое видување кое се однесува на целиот свет. Празникот Пасха станува празник, радост на човечката историја, нејзино движење - од ропство кон слобода, од тага кон радост, од горчливиот глад на пустината кон цветните плодови на Ветената Земја.

Така постепено се: и природата, и историјата, и најпосле, надежта за настапување на Царството Божјо, Царството на мирот и љубовта, слободата и среќата - се соединуваат во ова едно празнување, и Пасхата станува еден вид на символ на живот човечки во неговата усмереност кон благиот и радосен крај. Торжеството на пролетта е праобраз на крајното торжество на космосот, спомнувањето за ослободувањето во минатото прераснува во очекување на последната и потполна слобода, и заедно му ја откриваат, му ја јавуваат на човекот, крајната смисла на постоечкото. Се ова била, макар по замисла, макар по идеја, Пасхата во времето на Христа. И тогаш станува сфатливо, зошто Пасхата е во центарот на евангелската историја, зошто се она во што веруваме, кога говориме дека веруваме во Христа, така поврзано со пасхалните денови, својот клуч го наоѓа во Пасхата.

Христос проповедал за Царството Божјо, за Царството за кое, пред се, му предвозвестувала, му укажувала и му укажува на човекот убавината на создадениот свет и природата; во неа, во нејзината пролет, се заложени символот и ветувањето на некоја последна и крајна убавина. Тој го проповедал она Царство за кое мечтае и кон кое се стреми човекот во историјата. Најпосле, она Царство во кое се надвладува стравот и ужасот од смртта, раздвојувањето и распаѓањето. За себе Христос учел дека во Него, во Неговиот живот, особено во Неговата жртвена смрт, и се извршува овој премин, а на еврејски Пасха, кој го чека целиот свет, премин од ропството, од времето, од смртта - кон слободата, животот и љубовта. Затоа Христос и е наречен Пасха, затоа Неговата смрт во деновите на еврејската Пасха како да го исполнила овој празник, го наполнила со последна и веќе вселенска смисла, затоа Неговото воскресение - станало централен предмет на верата и радоста на христијанството. 

3

Според сведоштвото на Евангелието, Христос воскресна во првиот ден од неделата. Според тогашното мерење на времето во последниот ден од седмицата, нејзина круна била саботата, седмиот ден. Тоа истовремено бил ден на одмор, и ден на торжествено радосно прославување на Бога и Неговата творба, бидејќи, според расказот во првата глава од книгата Битие, во седмиот ден, завршувајќи ја творбата на светот Бог “отпочинал од сите дела свои”. Седмиот ден - и самиот број седум - во древната религиозна символика на броевите се здобил со значење на полнота, завршеност, совршенство. Бројот седум - а треба да се запомни дека за целиот древен свет броевите имале длабоко религиозно и символично значење - станале еден вид на символ на тој свет како космос, како свет за кој Бог Создателот рекол дека е “многу добар”. Затоа и времето на светот се брои со бројот седум, седмица /од седум дена/.

За нашето делнично и безрадосно сфаќање на светот и времето сите овие символи се чинат некако детски, наивни измислици. Но се разбира, овде не станува збор ние повторно во нив да поверуваме, туку да го сфатиме чувствувањето на светот изразено во нив. Бидејќи, ете, ние се уште продолжуваме да живееме во “седмичното” време, и сите обиди - најрационалните, се чини, најправилните - да го заменат седмичното броење никогаш не им се дало. Не значи ли тоа дека во древното, архаично сфаќање и броење на времето постои смисла, која ние не ја сфаќаме само затоа што во нашата рационалистичка гордост се откажуваме да ја признаеме целата сериозност и длабочина на древното сфаќање на светот? А тоа сфаќање на светот, во неговиот наједноставен облик, се сведува на два исконски, неискоренливи мерења или аспекти на човечкото преживување и восприемање на времето. Од една страна, времето со самата своја “цикличност”, вечното кружење затворено во него, вечното враќање - како да пројавува потполна изобразба, образ на светот, и неговото совршенство, неговата полнотија. Животот е затворен во времето и во него потполно, совршено се изразува себе: пролет, лето, есен, зима; утро, пладне, вечер, ноќ - се тоа се етапи на самиот живот, неопходни за негово самоисполнување. Тоа е потврдната или, говорејќи со религиозниот јазик, космичка смисла на тоа време, чиј символ за древниот човек бил бројот седум. Но од друга страна, времето е најочигледниот, неотстранлив образ на ропството и смртноста на човекот и се во светот. Да се излезе некаде од времето - тоа, рамномерно одбројувајќи ги своите срокови, се што постои го води кон неизбежна смрт. Тоа го изразил Владимир Соловјев, соединувајќи ги во својата знаменита строфа сфаќањето на времето и сфаќањето на смртта: “Смртта и времето, царуваат на земјата”. Таму каде што постои време, таму секогаш присуствува смртта. Но времето е насекаде, затоа и смртта со себе го проникнува целото негово ткиво. Времето е - образ на животот, и времето е - образ на смртта и пат кон смртта. Се тоа е содржано во она древно чувствување на светот, кое го изразило своето сфаќање на времето со бројот седум. Светот во неговото совршенство и светот во неговата ограниченост и смртност. Радоста на животот и тагата на смртта која расте во него.

Современите идеолози, развенчувајќи ги старите верувања, презирајќи ги од височината на своето псевдонаучно величие, сметаат дека нашле одговор на најдлабоките прашања на човекот: во што е смислата на оваа флуидност, зошто се дава радоста, ако по неа неизбежно следува разделба, распад, исчезнување, смрт. Но всушност, тие никаков одговор не даваат, и таа среќа која ја ветуваат, бездруго наидува на смртта.

Велигденската радост со која во зората на нашата ера христијанството ја победило смртта, пред се и над се, била одговор на вечната мака на човекот, на двојственоста на животот како радост и умирање. Само сега можеме да го дешифрираме навидум второстепениот, но за првите христијани најважен детал во Евангелието: “Христос воскресна во првиот ден од седмицата”, то ест денот кој следува по саботата и кој, многу подоцна, веќе при императорот Константин, во четвртиот век, го заменил официјалниот ден за одмор - саботата, то ест седмиот ден. Овој ден, првиот ден, станал ден на воскресението, и дури и на безбожниците не им се дало да го отстранат овој назив од нашиот јазик. Прв ден од новото време, новиот живот, е оној кој засветлел од гробот и над кој, според зборовите на апостолот, смртта веќе нема власт.  

Треба да се сфати и почувствува дека христијанството започнува со новото чувствување на времето, со чувствувањето во кое времето престанува да биде поврзано со смртта. “Смрт, каде ти е осилото?” “Аду, каде ти е победата?” Тука е целата срцевина, целиот оган на христијанската вера: смртта е победена, смртта престанала да биде безнадежна разделба, во светот започнало воскресението. Настапил новиот ден, првиот ден на новата творба, кој ја надвладеал ограниченоста на времето, внесувајќи ја во него радоста на вечноста и вечниот живот. Тоа и е христијанската основа на Велигден.


4

“Величај Го, душо моја...” Колку многу празнични песнопеења на православната Црква започнуваат со овие зборови, со овој восхитувачки призив: “Величај Го, душо моја...” Во овие зборови се разоткрива длабоката и прекрасна вистина, вистина, пред се - за самиот човек. Празнувањето - тоа секогаш е радост за некоја духовна вистина, за некоја таинствена реалност, која во врвулицата и грижите на животот воопшто не се гледа, сокриена е, и одненадеж - о ч удо! - се разоткрива и ја исполнува душата со радост. Може да се наведе ваква споредба: човекот речиси секогаш е со спуштена глава. Тој се вјаса, бега - мора да гледа под нозете, за да не се сопне, да не налета на некого, да не згреши. Човекот секогаш е зафатен, секогаш е проголтан од животот. Но одненадеж се случува - во оваа суета и зафатеност - случајно да ја кренеш главата и да го погледнеш небото. Да го погледнеш длабокиот син свод, светлината, торжественоста на белите облаци и да почувствуваш дека над светот се извршува некаков празник, во кој понекогаш стапуваме, во кој некогаш учествуваме. Нешто сосема друго, сосема неслично на нашиот обичен живот, а истовремено кон нас обрнато со целата своја светлина, целата своја радост. Така ете, верата - тоа пред се, е пробив во нешто друго, што е толку тешко да се искаже со обични зборови, но што го исполнува целото срце, целиот живот со неочекувана празнична радост.

“Величај Го, душо моја...” За трезвениот, рационален, позитивен човек овие зборови, најверојатно, ништо не означуваат, немаат никаква смисла. Неговата душа ништо и никогаш не велича, и затоа тој дури смета дека и никаква душа нема. Умот - да, тоа е сфатливо. Умот - тоа е она што  може да се пресмета, објасни, распредели, организира. Волјата исто така, не претставува посебна потешкотија. Но ете душата - што е таа? Не ќе објасниш поинаку, не ќе одговориш поинаку, освен вака: душата - тоа е способност овој таен празник да се почувствува и да се восприеме, во таа радост да се влезе и со неа да се освети целиот свој живот, целата негова тежина и намусеност. Душата - таа ете е ова “величај Го, душо моја...” Луѓето кој не ја сфаќаат и не ја чувствуваат религијата, сакаат да ја објаснат некако рационално, со желбата на човекот нешто да прими, од нешто да се заштити, на нешто да се потпре. На нив се им се чини дека тоа е некаква зависност, недостојна за човекот. И како да им се објасни дека тоа е недостаток на вера, а не нејзина суштина. Дека нејзината суштина е во нешто друго.

Ете илјада луѓе со часови стојат во храмот. Свеќите горат. Жешко, задушно. И се излева еден единствен призив, еден ликувачки поздрав: Радувај се! - “Радувај се, низ неа радоста ќе засветли, радувај се, низ неа тагата ќе исчезне, радувај, се зоро на таинствениот ден”. Ете тоа е таканаречениот “акатист”, една од најсаканите и најраспространетите служби на Православната Црква. Тука нема ни прозби, ни страв, ни молба за помош, а само едно чисто “радувај се”. Токму стојат сите тие луѓе пред нешто неискажливо прекрасно, чисто, светло, радосно, и љубено, не запирајќи се во таа љубов. Зборот “љубов”, можеби, подобро од се и поедноставно од се, го изразува најдлабокиот и најважен извор на верата. Неверниот, позитивниот, секојдневно-деловниот човек ништо не љуби, на ништо вистински не му се радува и во се го гледа, ако може така да се изразиме, само она што е видливо на земниот поглед. А верата започнува со чувствувањето, кое добро го изразил Владимир Соловјов во своите стихови:

Мил пријателу, зар ти не гледаш,
Што се ни е видливо на нас
Само одблесок, само сенки
Од невидливото за очите.

Во Евангелието Христос говори: ќе гледаат со очите и нема да видат. И колку, колку има такви луѓе, кои тврдат дека гледаат, кои измислиле илјадници најточни апарати, за се да видат и подобро да гледаат, а остануваат слепци. И не го гледаат и не го слушаат она што го побудува ова ликувачко повторување: Радувај се!

“Величај Го, душо моја...” Да, се разбира, и многумина се обидуваат да објаснат, зошто јас верувам и како верувам и во што верувам. Илјада богословски и философски книги се напишани за верата, и во нив има рационални дури и научни основи. Но никакво словесно објаснување не може да се спореди со овој момент на вечерната на  Благовест, кога по долго нараснување на службите најпосле се слуша таа долгоочекувана, восхитувачка песна: “Архангелскиот глас Ти извикува, Чиста, радувај се”. Токму целиот свет, со цела негова мака и страдање, со цела негова умореност и зло, со завист, малечкавост, суета - одеднаш се очистува, и во него започнува да светли некоја навистина неовдешна пролет! Што е тоа: емоција, напрегнатост, самовнеснување? Не, тоа е пробив во онаа вистина за светот, за животот и за човекот, која човекот ја заборава, пробив во вистината за чистотата и првосоздаденоста на душата, за возможноста да се вдиши со цели гради - небото, духот, љубовта. Она што во тој момент се открива со крајна несомнителност ме тера да речам: да, ете тоа е - вистина, ете тоа е - убавина, со кои во светот ништо и никогаш не може да се спореди. Небото слегува на земјата, душата го наоѓа она по што - слепо и мачно - жаднее и го бара.

Цело време на нас ни наложуваат дека светот се доловува со помош на науката, разумот, сметањето. И ние не спориме против тоа. На свое место, во своите граници науката е прекрасна и неопходна. Но ние говориме и сведочиме: постои и еден друг начин на постигнување на светот, или поточно, во светот и во животот постои нешто што науката не може да го долови и како таква е бессилна. Уште постои светот и животот како објект на љубов и празнување, благодарност и слава. И овој начин не е помалку реален и не е помалку неопходен од другиот - научниот. Зошто да го осиромашат човекот, зошто априори да го лишат од она што навистина го чини “она единственото потребно”? Во име на што? Неволно се прикрадува мислата дека ете тоа празнување и љубов, повеќе од се, го мразат непријателите на религијата, и не го мразат случајно, а затоа што човек кој е надарен - тоа, пред се и над се, е човек слободен. Оној кој без корист, од полнотата на љубовта и радоста, говори: “Радувај се”, оној кој се обрнува кон себе со овој восхитувачки призив - “Величај Го, душо моја...” Како да го натераш него да верува во таа досадна лага за животот, која со години ја плете државната идеологија?

“И радоста ваша никој не ќе ја одземе од вас” - рекол Христос. Во притеснетоста и тагата на светот тивко и невидливо се извршува празникот на верата. Трепери и блеска со светлина душата - и се исполнува со небесна радост. “Денес пролетта благоуха, и новата твар ликува” - се пее во Црквата. И кој и што во светот да го одземе и задуши ова ликување? Во него човекот се наоѓа себе и својата бесмртна душа, и никогаш за оној кој ја нашол душата своја “здодевните песни земни не можеле да ги заменат звуците небесни”.

5

Празникот - секој празник, а особено, се разбира, религиозниот - се раѓа од чувството на слобода и истовремено ја разоткрива, воплотува и изразува онаа длабочина на човеката жед за слобода. Не говорам само надворешна слобода - политичка или таму слобода на трудот, а за чувствување на самиот живот како слобода. Всушност, и тоа го чини првобитниот опит на човекот - се во светот, се во животот, вака или инаку не поврзува, не потчинува на нешто, не заковува. Човекот е - роб на времето, роб на просторот, роб на своето наследство, на својата физичка конституција, клима, услови во кои живее, роб, најпосле, на неуловливиот тек на животот кон неизбежниот крај. И колку подобро човекот живее, колку подалеку си заминува од детството, толку поочигледни му стануваат тие негови граници, кои го опкружуваат и заковуваат од сите страни. О, се разбира, во пределите на овие граници, во тесниот простор и време, со кои управува - тој некако е слободен. Но колку е повозвишено и попрефинето духовното устројство на човекот, толку е поочигледна за него призрачноста и ограниченоста на оваа слобода, толку подлабока е неговата тага, неговата воздишка за вистинска слобода. “Секогаш во темнина и секогаш во теснота, во таква теснота и таква темнина...” - напишал поетот за човечкиот живот. И само грубиот, примитивен, елементарен човек, човекот кој живее за моментот и се задоволува со минливите радости, не ја чувствува длабоката вистина на овие стихови.

Целата човечка култура, целата уметност, целата поезија, се проникнати со тага која, веројатно, го чини најчовечкото и највистинското чувство. Таа тага заради закованоста и ограниченоста на животот, заради распадливоста и кршливоста на се во светот. Да, само во детството човекот неа не ја познава, но затоа детството на возрасниот човек и му се претставува како непрекинат празник, дури и најбедното детство. Возрасен човек се станува тогаш, кога во него започнува да умира празникот, кога лесното и радосно чувствување на животот - како отворен прозорец во ликувачкото пролетно утро, како неограниченост на можностите - се сменува со чувствување на животот како затвор. Во човекот одненадеж влегува тагата. И колку и тој да се труди да ја задуши, ако тој е праведен и чесен со себе - тој секогаш ја чувствува во себе. И ете, само во однос кон оваа тага може навистина да се сфати последната суштина на христијанскиот опит на религиозната вера. Верата, имено, се раѓа во оваа длабока и првобитна, префинета и возвишена тага на човечката душа, тага без која човекот не би бил човек, а животно.

Православието оваа тага ја нарекува - “тага по Бога”. Бидејќи навистина, без разлика на целиот опит на својата ограниченост, кршливост и смртност, човекот сепак, жедува по нешто друго, со други зборови, ако овој опит тој никогаш не може да го признае за краен, од каде тогаш му се јавува тагата? Никој друг во светот освен човекот не ја познава. А ете човекот, колку и опитот да го уверува во спротивното, се тоа го повторува, како молба - бесмртност, вечност, дух, слобода, радост. И уметноста која ја одразува човечката тага, се јавува како носител и израз на мечтата за нешто неотстварливо, за пробивот во она за кое земниот опит нема ни најмалку претстава. “Не ќе се успокои срцето наше - говори блажени Августин - додека не Те најде Тебе”. Оваа тага и копнеж за слобода христијанството го нарекува тага за Бога.

Во некоја смисла христијанството е согласно со теориите во кои човекот се признава како ограничен, детерминиран. Да, се разбира, вистинска слобода во овој свет, таков каков што е, нема и прав е мудрецот кој се тоа го нарекува мечта. Си заминува детството, се завршува празникот, останува глувиот ѕид на секојдневната стварност. Но оваа слобода, говори христијанството, е празник возможен и веќе се празнува, и тагата ваша во радост ќе се претвори. Бидејќи таа е сведоштво за Бога, за светот на радоста, љубовта и слободата, за која е создаден човекот и кон која, често самиот не знаејќи, тој се стреми.

“Не ќе се успокои срцето наше...Ете ова неспокојство, кое со ништо не се гасне, ништо не го задоволува, и е за христијаните главното сведоштво за Бога. А колку се обидувале да го згаснат: нема век или епоха, во која некој не објавил крајно решение на сите проблеми, сите потраги на човекот. Ете ја вистината, и таа треба да даде потполна увереност, потполно спокојство. Но всушност, никогаш и ништо не го давало ова спокојство. И луѓето одамна тврдат: вистината е пронајдена, таа целата е во оваа теорија, во ова учење, ќе поминат уште толку години - и светот, општеството, системот, кои ќе му дадат потполна среќа на човекот, ќе биде изграден. Но поминуваат десетлетија - а ние духовно остануваме со празни раце: кој денес верува во тоа мртво учење? Никој.

Може спокојно и без преувеличување да се рече, дека никој и ништо, освен Бога, освен верата, не успеал се уште не само да му даде среќа на човекот, но вистински, длабоко да му одговори на исконската тага на човекот за вистинскиот живот. А Бог и верата одговориле и одговараат. Таму каде човекот го наоѓа Бога и кога во него се запалува светлината на верата, таму се враќа празникот, се воспоставува целокупноста, изгубена заедно со детството. За ова и рекол Христос: “Ако не го примите Царството Божјо како деца, не ќе влезете во него”. Да се биде како дете - тоа и означува враќање на животот како кон радост и слобода.

Погледнете ги светите - она што најмногу од се не погодува кај нив е радоста, потполното спокојство во таа радост и внатрешната слобода, која се дава само преку увереноста во здобиената вистина. И затоа Црквата секогаш празнува. Затоа целиот живот на верниот се определува со ритамот на внатрешната подготовка, со зголемување на празникот и самото празнување.

Тагата останува, но тоа е тага, бидејќи јас не можам целосно да се предадам на слободата и радоста. Премногу сум закован со себе, со суетата, малечкавоста, злото. Но тагата веќе не го одрекува празникот, а води кон него. Веќе ни злото, и ништо не може да победи и да ја уништи оваа таинствена светлина, која се запалила во душата со онаа радост која никој не ќе ја одземе. На крајот на краиштата, со оваа радост и слобода на празникот, со среќата на воспоставениот живот, верата ја победува и ќе ја победи едноличната, непразнична, здодевна идеологија и систем, со што ќе му даде нешто на човекот.

(Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго:plaosnik.vecerna7.jpg

 

Посети: {moshits}



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5832
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6644
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6438
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5629
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Беседи

БEСEДА  за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

БEСEДА за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

Прв нeпријатeл на чoвeкoт e ѓавoлoт, втoр e грeвoт, а трeт e смртта. Гoспoд Исус ги пoбeдил ситe oвиe три нeпријатeли на чoвeчкиoт рoд. Сo Свoeтo пoнижувањe гo пoбeдил гoрдeливиoт...

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

« »

Православен календар

 

24/04/2024 - среда

Велигденски пости; (строг пост)

Светиот свештеномаченик Антипа епископ Пергамски во Азија; Светите маченици Прокес и Мартинијан;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Антип Пергамски 11 април / 24 април 2024

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Антип Пергамски 11 април / 24 април 2024

Велик те направи Спасителот тебе Антипопомеѓу ѕвездите небесни,и возвишено стана името твое во Црквата,на која како семе одбрано и послужии...

Тропар на св. Христови мач.Терентиј, Африкан, Максим, Помпиј, Зинон, Александар, Теодор, и др.33 со нив 10 април /  23 април 2024

Тропар на св. Христови мач.Терентиј, Африкан, Максим, Помпиј, Зинон, Александар, Теодор, и др.33 со нив 10 април / 23 април 2024

Рахила плачеше по своите деца,о свети пустињаци од дванаесетте манастири,а ние денес се радуваме на вашите венци невенливи,ангел Господов свитата...

Тропар на светиот Христов маченик Евпсихиј 9 април / 22 април 2024

Тропар на светиот Христов маченик Евпсихиј 9 април / 22 април 2024

Од твоето срце за Христа спремнопламен ревносен излезе,о Евпсихие свети мачениче,ја запали лагата од овој свет,осветлувајќи ги бездните на темнината...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная