Повторување (30.05.2020 16:44)

 
За неделата на Светите отци од Првиот Вселенски Собор имав намера да пишувам за молитвата што ги опфаќа сите луѓе и секој човек што конкретно страда, ама за кого... Денешните христијани станале како мали бебиња на кои им треба млеко преку цуцла или, највеќе, топла кашичка, а не тврда храна. Затоа, денес ќе повторуваме...

Уште во минатата беседа, кога ги опишував темнините низ кои христијаните треба да се пробијат, се запрашав: зошто денешните „христијани“ не го разбираат напишаново и доживуваат криза (суд) додека го читаат? И ми се одговори: „А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, ама на луѓето повеќе им омиле темнината отколку светлината, оти нивните дела беа лоши“ (Јован 3, 19).

А секоја темнина си има свој демон, кој се крие во неа, кој истовремено, со сите сили, преку помислите, се труди да ја одржи или зголеми истата.

Оние „христијани“ што не ја пробиле темнината на поистоветувањето со државата, народот и партијата, да си знаат дека се наоѓаат во религиозно растројство на личноста и дека се главни носители на растројството на државата и народот и на партијата со кои се поистоветиле. Иако тие за себе мислат дека се најголеми патриоти. Едноставно е: оној на кого Богочовекот Христос не му е на прво место, пред кој било и пред што било, ниту е Христов, ниту е христијанин, ниту е спроводник на благодатта на Светиот Дух во овој свет. Напротив... Значи, може да ме послушате веднаш, а може и, откако ќе видите дека сѐ ваше ви се распаѓа пред очи, да ме побарате да ви објаснам во што се состои злото на поистоветувањето, а во што доброто на пастирскиот пристап кон тоа што најмногу ви значи; и како преку пастирскиот пристап, тоа што го љубите, полека се преобразува и спасува. Православниот духовен живот е антиномичен, а пастирскиот пристап е најпродуктивен и единствен патриотизам.

Од оние, пак, христијани кои ги пробиваат темнините (на неверието и на поистоветувањето), мнозина само телесно стануваат членови на Црквата, крстени и причестени итн., но не ја откриваат тајната на послушанието, односно тајната на восогласувањето на начинот на својот живот со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаат, како и тајната на восогласувањето на начинот на својот живот со местото и улогата што ги имаат во општеството и во Црквата; и во најдобар случај, душевно остануваат во темнината на религиозната невроза, со повремени проблесоци од светлината на природниот начин на живот.

Православната вера се прославува единствено со правилен живот. Нема православна вера каде што нема правилен духовен живот. Што е тоа кое многумина христијани, вообичаено, го превидуваат? Токму восогласувањето на начинот на својот живот со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаат, како и со местото и улогата што ги имаат во Црквата и општеството. Таму каде што не постои оваа восогласеност нема ни православен живот, ни православна вера, туку неосвестена ерес во пракса, камуфлирана во православие.

Пример за првото восогласување: оној кој нема барем просветлување на умот и кој нема такво послушание, не може јавно да се занимава со никакви теми, ниту со световни, ниту пак, со сложени теолошки теми. Световни теми се: политика, туѓи гревови и слично, а сложени теолошки теми се: ерес, раскол, екуменизам, свети канони, календар... Ве молам, сфатете веќе еднаш, кога го немате дарот на просветлениот ум – кој произлегува од умно-срдечната молитва, секоја тема и пракса што е надвор од овој внатрешен и скриен дар, а со која вие јавно се занимавате, ве вади надвор од вас, а вие, очигледно, не сте посветени внатрешно на очистување на срцето од страстите и во откривање на молитвеното место на срцето, во послушание, смирение и анонимност, односно не сте го восогласиле начинот на вашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓате; и нормално, отпаѓате од Божјата благодат.

Често се прашувам: што не ви е јасно тука и зошто се однесувате толку наопаку? Понекогаш си мислам дека, теоретски, сѐ ви е јасно, но вие или воопшто не верувате дека постои или не верувате дека токму вие може да го достигнете дарот на умно-срдечната молитва, па не се трудите во таа насока. Другпат, пак, дека немате доволно интелектуален капацитет да сфатите што ви пишувам. Ама има и такви на кои им одговара овој поредок и хармонијата на православниот духовен живот да останат непознати, затоа што така полесно ја кријат својата падната состојба.

Просветлен ум има само оној кој е носител на дарот на умно-срдечната молитва – од која и произлегува просветленоста. Секоја друга „просветленост“ е демонска. Демонската просветленост може да произлезе од начитаност, од висока позиција, од човечка слава, од умисленост, од имотност итн.

Уште едно восогласување христијанинот треба да има предвид, а тоа е восогласувањето на начинот на неговиот живот со местото и улогата што ги има во општеството или во Црквата.

Секоја позиција и секоја улога во општеството, како и во Црквата, си имаат своја хиерархија, свои задачи и цели, свои привилегии, но и своја одговорност, кои е невозможно да се превидат. Секоја појава на невосогласеност и во овој дел, а во комбинација и со потребата од првото восогласување, е не мало промашување. Но, иако второво восогласување е просто невозможно без првото восогласување, сепак, овојпат ќе наведам еден пример, колку теоретски да се разбере.

Пример за второто восогласување: ако некој е лаик во Црквата, без оглед на општествената позиција, и исто така не е ни важно на кој степен душевно или духовно се наоѓа, не може да си дозволи јавно да противречи на слово на Епископ на Црквата, дури и ако во тоа слово има некоја грешка; или јавно да обзнанува некоја негова грешка на дело. Што треба да направи? Ако во словото на Епископот, или во некое негово дело, има некоја грешка, тогаш тој треба истата да му ја открие на својот духовен отец, а тој, пак, на својот Епископ. Истото ако го направат уште неколку христијани од други епархии, грешката на Епископот сигурно ќе стане тема и на некоја Синодска седница, каде што Епископот ќе биде замолен од страна на Светиот Синод да не ја повтори или да ја исправи грешката на дело или во следното свое слово. Ако е тој нормален, секако дека ќе ја исправи; и ова веќе се случувало. Тоа е нормалниот црковен начин, ако човек постапува согласно местото и улогата што ги има во Црквата и општеството. Има и варијации на тема доколку, на пример, Епископот ненамерно напише ерес, или намерно... или не послуша... итн., итн., ама сѐ, главно, оди прво преку духовниот отец.

Добро, сето ова е ако згрешил нешто. А, ако не згрешил? Си се запрашал ли, о човеку, кому се противиш? На Епископот? Не; знаеш убаво Чија икона е тој и на Чие место седи... И што мислиш, вака, до каде ќе стигнеш? Без покајание, без прошка...

Доколку не се освести и не се достигне ова восогласување за кое говориме, човековиот душевен живот може да се нарече секако освен правилен, односно секако освен православен, а последиците од таквиот начин на живот најчесто се: неосновано високо мислење за самите себе, односно идеи на величина; или пак, суптилна состојба на умот што престојува во когнитивни дисторзии (контаминации – според трансакционо-аналитичката теорија на Ерик Берн); или, едноставно – гордост. Со други зборови, како што е веќе објаснето – бесовска прелест.

Прелеста, поголема или помала, дефинитивно го попречува душевното заздравување или духовниот развој. Затоа, ако некој душевно страда од некаква прелест, таквиот треба да го прилагоди своето однесување со потребите за заздравување, кои пак, ќе бидат во согласност со тежината и со видот на душевното страдање. Додека, пак, ако некој духовно расте, таквиот треба да го прилагоди своето однесување со потребите на духовниот напредок, кои пак, ќе бидат во согласност со стадиумот на духовната зрелост. Со други зборови, без точна терапија, нема исцеление и нема восовршување.

Затоа Отците и бараат духовниот живот да се случува во познание – освестено. Само тогаш и најоправдано може да го носи епитетот православен духовен живот.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7287