HRISTOS.KP8

Митрополит Струмички Наум
На Крстот Твој се поклонуваме, Христе
(21.03.2020)

Деца, разните страдања, при градењето на личносниот однос со Бог, нема да нѐ одминат; ако не поради недоволниот подвиг, тогаш секако поради нашата грешност и суета. Бог најубаво, наместо нас, со љубов го промислува процесот на нашето очистување. Затоа, главниот фокус не треба да ни биде на страдањето како такво, туку на нашиот личносен однос со Богочовекот Христос.

Од Бог допуштеното, душевно или телесно, страдање е реално, но сепак паѓа во втор план, бидејќи преку прифаќањето и благодарењето за истото, тоа станува основа на возобновениот и надграден личен однос со нашиот Господ Исус, Кој е нашата единствена вистинска радост.

И самото страдање заради Христос, исто така, станува радосна тага, а не само тага, мака и бол.

Но, ако нашето внимание (фокус) се задржи, главно, на страдањето и не Го препознаеме Бог преку истото, тоа значи дека сме самољубиви, а нашиот духовен живот е сигурно некаква импровизација.

Да не се плашиме од страдањето заради Христос, туку да му се радуваме; тоа нѐ води во Воскресение.



(дел од беседата на Митрополитот Струмички Наум)

 

Друго:

Голгота

“Никогаш не можеме толку совршено да
се подвизуваме колку што тоа може да ни го
намести Божјата волја. Затоа секоја лоша вест за
нас или лошо случување, или болест, или неуспех
и слично треба да ги примаме како дар Божји и
најсрдечно и со доверба да Му благодариме на
Бог. Тоа не значи дека треба да бидеме пасивни
во нашиот духовен живот – напротив, но резултатот од нашиот труд треба смирено да го примаме. Тоа Отците го нарекуваат неволен подвиг, во смисла дека се случува без учество на нашата волја, односно дека ние не сме сакале тоа да се случи, но сепак со благодарност го примаме
кога веќе се случило." - дедо Наум