Месопусна недела: Страшниот суд

3.angeli.so.truba


Љубовта е основна тема и во Месопусната недела. На овој ден, од Евангелието се чита Христовата парабола за Страшниот суд (Мт 25,31-46). По каков закон Христос ќе ни суди кога ќе дојде во тој ден. Во параболата се одговара: Љубов, и тоа не само хуманитарна грижа за апстрактна правда и за анонимниот „бедник“, туку конкретна и лична љубов кон човекот, кон секое човечко суштество што по Божја волја ќе го сретнеме на нашиот животен пат. Таа разлика е многу важна, затоа што христијаните денес сè повеќе и повеќе се склони христијанската љубов да ја идентификуваат со политичката, економската и социјалната грижа за луѓето.

Со други зборови, тие од грижата за единствената Личност и за неговата лична судбина, се свртуваат кон грижата за анонимни суштества што припаѓаат кон, на пример, некаква класа, националност итн. Не се работи за тоа дека овој вид на грижа е непотребен. Јасно е дека христијаните, носејќи ја на себе граѓанската или професионалната одговорност, се должни, по мерата на своите можности и разбирања, да се грижат за социјалниот и општествениот живот, за поправедно, еднакво и воопшто, подобро општество. Несомнено, сите тие сфаќања се израснати од христијански корени и најверојатно се инспирирани од христијанската љубов. Но, христијанската љубов, како таква, е сосема поинаква и таа разлика треба да се разбере и да се одржи, затоа што Црквата е должна да ја продолжи својата особена, единствена мисија и да не се претвори во некаква „социјална агенција“,нешто што таа дефинитивно не е.

RUBLJOV.detal.Crkva

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во мојот живот, макар и само за момент, не само како повод за „добро дело“ и заради вежбање човекољубивост, туку како почеток на вечно дружење во Самиот Бог. Оти, што е љубовта ако не таинствена сила којашто го превозмогнува случајното и надворешното во „другиот“ – неговиот физички изглед, социјалната положба, етничкото потекло, интелектуалните способности – и досегнува до душата, единствениот личен корен на човековото суштество, делчето од Бога во него. Бог го љуби секој човек затоа што Тој Единствен го знае бесценото и апсолутно сокровиште – душата, човековата личност којашто Тој му ја дарил на секој човек. На тој начин, христијанската љубов станува учество во тоа божествено знаење и дар на божествената љубов. Љубовта не може да биде безлична, затоа што таа е чудесно откровение на личноста во човекот, на личното и единственото во општото и заедничкото. Љубовта е откривање на она што може да се сака во човекот, на она што му е дадено од Бога.

Во овој однос, христијанската љубов е нешто спротивно на „социјалната активност“ со којашто денес често го идентификуваат христијанството. За социјалниот активист, предмет на љубовта не е личноста туку човекот, апстрактен дел земен од не помалку апстрактното човештво. За социјалниот активист, личноста не претставува никаков интерес и тој често ја жртвува во има на „општото добро“. Може да се заклучи, не без основа, дека христијанството се однесува мошне скептично кон апстрактното „човештво“, но тоа се изменува себеси и прави смртен грев секогаш кога ќе ја занемари грижата за одделната личност и љубовта кон неа. Социјалниот активизам секогаш е „футуристичен“ во својот пристап. Тој секогаш дејствува во име на праведноста, поредокот и достигнувањето на идната среќа. Христијанството пак, малку се грижи за загадочната иднина, а сета своја сила ја насочува кон сегашиот, единствениот момент кога треба да се покаже љубов. Овие две гледишта не се исклучуваат едно со друго, но не треба да се испомешаат. Без сомнение, христијаните носат одговорност по однос на земниот живот и должни се да ја земат на себе и да ја исполнат. Дејноста на социјалниот активист целосно му припаѓа на земниот живот. Но, целта на христијанскиот живот е зад пределите на земниот живот. Таа, самата по себе, е зрак што исходи од Царството Божјо, таа поминува низ сите ограничувања и условности на земниот живот, затоа што нејзината движечка сила, како и целта и крајот – се во Бога. И, ние знаеме дека единствената постојана и преобразувачка победа во овој свет којшто „лежи во зло“, е победа на љубовта. Вистинската и единствена мисија на Црквата се состои во тоа да му напомнуваат на човекот за таа лична љубов и за неговата повиканост да го исполни грешниот свет со љубов.

RUBLJOV.detal1

Параболата за Страшниот суд зборува за христијанската љубов. Не сме сите повикани да работиме за човештвото но секој од нас го добил дарот и благодатта на љубовта Христова. Знаеме дека на сите луѓе им е потребна таа лична љубов, признанието на нивната лична, особена душа, во којашто на чуден начин се огледува убавината на сето творение Божјо. Ние, исто така знаеме дека во светот има болни и гладни, затоа што не сме ги заљубиле со таква, личносна љубов. И, на крајот од краиштата, знаеме дека, колку и да е нашето постоење тесно и ограничено во своите можности, секој од нас носи одговорност за еден мал дел од Царството Божјо, баш поради тој дар на Христовата љубов. Така, ние ќе бидеме судени за тоа дали сме ја зеле или не сме ја зеле на себе таа одговорност, дали сме љубеле или сме одбиле да љубиме. Затоа што доколку сте му го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, мене сте Ми го направиле (Мт 25,50).

протопрезвитер Александар Шмеман

http://mistagogia.mk/mesopusna-nedela-strasniot-sud-smeman/