Нашето одење во црква не подразбира здравје, ниту за нас, ниту за нашите деца. Не подразбира благосостојба, дека секогаш ќе бидеме богати и ќе имаме сè во изобилие. Напротив, штом си Го сретнал Христос, очекувај да почнат неволји и искушенија, оти патот по кој Го следиш Христа е тесен и страдален.

Христос во ниту еден миг во Евангелието не нè излажа и не ни вети живот во розеви облаци, барем не овде, на земјата.

Ние можеме да се молиме за здравје и за сè друго што нам ни се чини дека е добро да бараме, но не смееме да очекуваме дека ако одиш во црква, се подвизуваш и постиш, не треба да ти се случуваат страдања. Исто така, не смееш да мислиш дека оние што грешат и хулат на Бог живеат поубаво. Страдањата и искушенијата се сигурен знак дека си Христов слуга, дека одиш по тесниот пат. Што вели Христос? „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јован 15, 20). Ако Христос страдаше, и ако патот кон воскресението и животот вечен поминува низ Голгота и распнување, како очекуваме да не бидеме распнати?

Одговорноста за сé што се случува околу нас, за сиот од Бога создаден свет, е целосно наша бидејќи човекот е единственото разумно битие и круна на сето создание.

 

 



~ Викарен Епископ Јаков Стобиски

 

Август 2019 лето Господово