(Обновено)

Произволниот и недефиниран духовен живот, кој соодветствува на нашата голема идеја за самите себе – на нашата гордост и суета, посебно е карактеристичен за светот во којшто живееме. Недефинираното и магловитото поимање на духовниот живот е одлична атмосфера во која може да се сокрие нашата индивидуална душевна сиромаштија; и тоа им одговара на мнозина. И не само да се сокрие туку, со помош на свештеничките чинови или со својата интелигенција и разни титули, духовно слепи луѓе успеваат дури и да се самопромовираат како големи духовници. Но, добро знаеме дека вистинскиот духовник е реткост.

Оние што сакаат само да импровизираат и да имитираат духовен живот, а истовремено остануваат заробени од страстите, ниту проверуваат ниту сакаат да знаат дека постои некој Божествен ред и хармонија во духовниот живот, затоа што Светлината на Преданието за трите степени од духовниот развој таквите ги разоткрива – или како незнајковци или како противници на Преданието: „Светлината дојде во светот, но на луѓето им омиле повеќе темнината отколку Светлината, зашто делата им беа зли...“ (Јован 3, 19–21).

Оној што нема опит на покајание, не само што не го препознава правилниот духовен развој кај својот ближен туку таквото сведоштво и му пречи. Му пречи затоа што, од една страна, светоотечкиот пример открива како не треба да се живее во Црквата, а од друга страна, открива како побожно треба. Можеби нема критична маса луѓе што може свесно да го препознае тоа, но секогаш има критична маса што може да го почувствува тоа: „Ете, светот тргна по Него“ (Јован 12, 19). Суетата, пак, заради пуста желба за човечка слава, кај оние што се сметаат за духовни величини, е голема и тешко на оној што ќе ја повреди.

Сега јасно ли ви е зошто лесно го прифаќаме и го фалиме покајанието на светителите прочитано во нивните житија од оваа временска дистанца, а покајанието на нашиот ближен, современик – не!? Или зошто ја прифаќаме и фалиме духовната величина на оние што просторно живеат далеку од нас (Русија, Србија, Грција), а духовната величина на нашиот ближен кој живее со нас – не?! Од истите причини, поради нашата суета и високо мислење за самите себеси ниту еден Пророк не е признат во својот роден крај.

Сите сме жртви на суетата, помалку или повеќе. Забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен, според Светите Отци, постои и во нас или е најчесто само наша проекција. Затоа Христос и вели: „Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени“ (Матеј 7, 2). Живееме како одвај да чекаме некој од оние што ѝ сметаат на нашата суета нешто да згреши. Дури сакаме да веруваме и во неговите наводни гревови и падови. Тежнееме да го оценуваме и судиме човекот според претпоставениот или вистински сторениот грев, повеќе отколку да го вреднуваме според покајанието. Ако таквиот суд за кој било човек ни е конечен, тоа е сигурен знак дека немаме опит на покајание (преумување), ниту ќе имаме.

Наместо тоа, добро е да се запрашаме дали нашиот ближен – секој еден што секојдневно го среќаваме во нашиот живот – не е еден од Бог пратен пророк за нас, кој ни ја претскажува нашата иднина во зависност од нашиот однос кон него. Вистинскиот, пак, Божји Пророк, што и да направи, тешко ќе ги отвори кон милост суетните срца на самонаречените духовни величини: „Зашто дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ’Бес има‘. Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ’Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!‘“ (Лука 7, 33–34).

Пророкот не може да биде наш непријател, туку само пријател. Вистинскиот непријател на нашата душа е лажниот сведок. Тој ќе ја затемни нашата душа и нашиот ум преку лошите помисли и зборови против Пророкот секојпат кога ќе му поверуваме; и постојано ќе се обидува да нè излаже, сè додека не ја постигне својата цел. Но, дали, и кога, ќе биде убиен Пророкот, тоа не зависи од лажните сведоци и од оние што сакаат да го нема, туку од Бог: „А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но, Он си помина меѓу нив и си отиде“. Исто така, и светиот Пророк Илија не беше убиен од своите современици; напротив, го чекаме да дојде.

Свети Пророк Илија, моли Го Бог за нас, додека да дојдеш!

 3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Избор  од фб профил на

Monika Nikolova