логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Евангелието за десетте лепрозни, изговорено во манастирската трпезарија, по завршувањето на Светата Литургија

Архимандрит Партениј

Средишната тема, мили мои, на денешното литургиско евангелско четиво беше милосрдноста Божја и благодарноста, односно неблагодарноста на човекот кон Бога. Многупати сме го слушнале и прочитале расказот за десетте лепрозни, било во храмот на богослужба, било преку домашното читање на Светото Евангелие. Како што ни сведочи библиската историографија, во тоа време, во времето на проповедта на Словото Божјо на земјата, лепрата била неизлечлива болест, една од најлошите, како што се денес, на пример, тешките видови на малиген карцином или некои други неизлечливи болести. Луѓето болни од лепра живееле во посебни места, оддалечени од населбите и кога некаде се движеле морале да извикуваат: „нечист, нечист“ (3. Мојс. 13,45) – за луѓето да бегаат од нив, бидејќи болеста била пренослива.

Евангелскиот расказ, значи, ни соопштува за тоа како некои десет лепрозни луѓе, согласно тогашните правила, стоеле оддалеку и извикувале:  Исусе Наставниче, смилувај се! (Лука 17,13). Овие луѓе имале слушнато за Христа и за чудесата и исцеленијата што Тој ги вршел, веројатно од некои што им носеле леб за да можат да преживеат. Па кога разбрале дека Тој необичен Наставник – тогаш сѐ уште не знаеле дека Он е всушност воплотениот Син Божи – ќе минува низ нивниот крај, тие, не смеејќи да се доближат до Него, оддалеку со вера извикувале кон Него. А Господ, Кој дојде на земјата за духовно и телесно да го исцели човештвото, им заповедал: Отидете и покажете им се на свештениците! (Лука 17,14) Во епохата на Стариот Завет единствено свештениците имале власт да потврдат дали некој е исцелен и дали може повторно да се врати во заедницата, да живее заедно со другите како нормален човек. Во овој случај Господ ја испитал верата на молителите. Не ги исцелил одеднаш, туку им наредил да се упатат кон свештениците. Тие, пак, иако гледале дека на нивите тела сѐ уште имало рани, направиле послушание, тргнале на каде што биле упатени. И тие, уште додека одеа, се очистија – сведочи понатаму Евангелистот Лука (Лука 17,14). Тука јасно се гледа милоста Божја, пројавена преку чудесното исцеление, а во следниот настан доаѓа до израз човечката благодарност, но и неблагодарност. Имено, од десетте очистени лепрозни, само еден се вратил да Му заблагодари на Исцелителот, и тоа туѓинец, Самарјанин. Зар не се излекуваа десетмина? – прашал Спасителот. Каде се другите девет? Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец? (Лука 17,17-18) Очигледно е дека, штом Господ го нагласува само овој Самарјанин, останатите биле Евреи. Се разбира, за Бога нема туѓинци, за Него сите се Негови деца. Но, сепак, овде Он намерно го употребил зборот туѓинец за оној којшто бил презиран од Евреите, за да ги посрами „избраните“ поради нивната неблагодарност. Во тоа време еден Самарјанин никако не смеел да живее со Евреите, бидејќи овие ги сметале друговерците за нечисти, но ете, заедничката мака, тешката и неизлечлива болест што ги снашла, ги соединила и Евреите и Самарјаните да живеат заедно. Веднаш паѓа во очи тоа што само овој странец се вратил да Му заблагодари на колена и да Го прослави Бога, откако увидел дека е здрав. И повторно тука доаѓа до израз Христова благост и милост: без никого да укори, Љубителот на милоста кротко го прашал: Каде се другите девет? Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога Колку е голема благоста Божја! И накрај, на благодарниот Самарјанин му рекол: Стани, оди си! Твојата вера те спаси! (Лука 17,19). Впрочем, сите десетмина поверувале дека ќе бидат исцелени и ја почувствувале на себе милоста Божја. Добрината Христова покажана кон нив е само еден мал дел од сето она што Он секојдневно го прави од љубов кон сиот свет, и кон верните, и кон неверните. Но и покрај необичното исцеление на десеттемина, Бог пројавил длабоко смирение. И кога прави чудеса, и кога нѐ милува и спасува, Он сака да ни покаже дека и ние имаме удел во тоа, макар што во дејствителност нашето учество е безначајно. Твојата вера те спаси! – му рекол Христос на Самарјанинот. Како да сака да каже дека и Самарјанинот учествувал во тоа што Он го направил за него. Но и уште повеќе, со ова Господ ни покажува колку е голема и колку ја цени добродетелта на благодарноста.  Не заради Него Самиот. Бог ја љуби благодарноста заради нас, затоа што таа нѐ менува како луѓе, нѐ облагородува, нѐ спасува. Благодарноста нѐ прави милосрдни, нѐ уподобува на Бога.

Апостолот што денес се читаше ме трогна до солзи  и некако таинствено ме воведе во благодарноста на Светата Литургија. Затоа би сакал да ве потсетам на оние зборови што особено ми оставија впечаток: И така, советува Апостолот, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која е врската на совршенството (Колос. 3,12-14) Колку чудесно! Кога Бог ни прости нам, тогаш кои сме ние да не им проштеваме на нашите ближни и да не се трпиме со љубов едни со други? Тоа е најважното што Бог го бара од нас. Кога човек ќе почне да благодари за сѐ што Бог му дал, за сѐ што направил за него, тогаш тој ќе станува и помилосрден, ќе започне да сочувствува со луѓето. Ќе ви кажам еден пример во врска со ова. Есеноска при мене дојде едно момче, нашинец кој работи во Америка. Ми донесе една голема светиња што ѝ припаѓала на Црквата, а била загубена. Со Божја помош ја пронашол кај некого, ја откупил и ми ја донесе мене. Меѓу другото, го прашав што е тоа што го поттикнало да направи такво дело, да даде значајна сума пари за да ја откупи светињата и да ѝ ја врати на Црквата. Почна да ми раскажува: „Оче, јас отидов во Америка како сиромав човек. Сакав да побарам излез од безизлезот. И ете, Господ многу ми помогна. На чудесен начин почнав чесно да заработувам многу пари. Сфатив дека тоа е од Господа, дека јас самиот не можев тоа да го направам. Едноставно Господ ги намести нештата така, што јас да можам да печалам многу. Затоа ми беше совршено јасно дека тие пари не се само мои, туку и на Господ и на другите, на оние што имаат голема потреба“. И почнал да им помага на луѓето, на сиромашните. Погледнете што направила благодарноста со овој човек! Оваа највозвишена добродетел го поттикнала овој млад човек да биде милосрден. А блаженството во врска со ова што вели? Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! (Матеј 5,7). Милостивиот најлесно ќе го наследи Царството Божјо. Да се потсетиме на критериумот според кој Господ Исус Христос ќе ги суди луѓето при Своето Второ Пришествие, кога ќе ги ќе ги постави сите луѓе одлево и оддесно на Себе, како што пастирот ги одделува козите од овците (сп. Матеј 25,31-46). Милостината! Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене… Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле. Милостината ни е пропусницата за Царството Божјо.

Да се трудиме, мили мои, да бидеме благодарни и милосрдни, та и ние да најдеме милост пред Господа. А за благодарност има безброј причини, нема човек кој нема за што да благодари. Особено, пак, ние, кои Бог нѐ привел кон Својата вистина. Дури и најбедниот меѓу нас. Во Светото Писмо читаме за праведниот Јов, од земјата Уз, кој бил најбогатиот човек во тоа време, со многу слуги, добиток, имот, големи богатства. По Божјо допуштение тој бил искушан до толку што накрај изгубил сѐ: и своите синови, и добитокот, и сиот свој имот, постанал најбеден од сите, поразен од лута болест, отфрлен од жена си и од неговите најголеми пријатели, обележан како најголем грешник. Но тој, многустрадалниот и долготрпеливиот, и тогаш, во најголемата беда, не изоставил да Му благодари на Бога: Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово! И како Бог возвратил на оваа благодарност од Јова? Му вратил сѐ, и тоа двојно повеќе. И постанал Јов праобраз Христов. Така, секој благодарен човек никогаш нема да биде заборавен од Бога, ниту пак, од луѓето, зашто благодарниот човек секаде е сакан, од многумина е почитуван.

Би сакал денес особено да Му се заблагодарам на Бога што сега помеѓу нас се учениците од средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ од Драчево, Скопје. Со благослов на ректорот, почитуваниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, младите богослови, заедно со дел од своите професори, зедоа молитвено учество на вчерашното бдение и беа дел од нашата денешна евхаристиска заедница. Тие се нашите благословени духовни фиданки од кои во иднина ќе израснат новите пастири на нашата Црква. Ве замолувам сите усрдно да се молите за нив, зашто нивната идна дејност подразбира голема одговорност. Добриот Бог да им ги допре срцата со Својата благодат, та да разберат каде се и зошто се таму, кој е нивниот возвишен призив. Некогаш и јас сум учел во таа Богословија, и напати како да ми станувало јасно зошто Бог ме повикал таму, но имаше и периоди кога, опкружен од облаците на искушенијата, се прашував што барам меѓу тие ѕидови. Но ете, подоцна Господ го оствари Својот план и со мене недостојниот. Во Неговата премудрост и промисла ништо не е случајно. Како што не бил случаен ни изборот на апостолите. Тој ги избрал нивните срца и ги повикал, кој од рибарските чамци, кој од митницата. И како што Христос ги избрал и ги повикал нив, така Тој денес ве избрал и вас, мили мои, видел нешто во вашите срца. Без разлика какви сме по карактер, како живееме, како размислуваме. Тој гледа во срцата и затоа нѐ повикува да бидеме Негови ученици, Негови апостоли. Исползувајте го тоа, одговорете достојно на Неговиот призив. Доколку го сфатите ова сериозно и одговорите посветено, навистина ќе бидете добри пастири. Совршени, секако, не можеме да бидеме, бидејќи безгрешен и совршен не постои. Единствено Бог е безгрешен и совршен по природа, а сите ние многу грешиме, како што вели Свети Јаков во своето соборно послание (Јаков 3,2). Но важно е да бидеме благодарни, милостиви и како што кажа Апостолот Павле, да се облечеме во љубов, која е врската на совршенството. Преку добродетелта на љубовта и благодарноста луѓето стигнуваат блиску до Бога и Нему Му се уподобуваат.

Да сте благословени и да имаме добар Божик!

 

Извор: Бигорски манастир

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 651
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Повторување (30.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Повторување (30.05.2020 )

За неделата на Светите отци од Првиот Вселенски Собор имав намера да пишувам за молитвата што ги опфаќа сите луѓе и секој човек што конкретно страда, ама за кого... Денешните...

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Бог е праведен. Сепак, на оние кои се одрекле од светот и световните работи им ветил стократно повеќе уште во овој живот, а плус и Царство Небесно: „Вистина ви велам:...

Храмот е срце

Храмот е срце

До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот...

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Но, бидејќи над вистинската вера, низ вековите, незабележливо се наталожиле и одомаќиниле уште неколку темнини, денес, оној што ќе поверува, ќе треба да се пробие и низ овие темнини; а...

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

Телото ја прима онаа храна, која во суштина е еднаква со телото. Телото е од земјата и храната за телото е од земјата. Затоа телото во овој свет се чувствува...

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

Слoвoтo Бoжјo e какo oган на кoјштo сe радува правeдникoт прeмрзнат вo студeнилoтo на oвoј свeт; и слoвoтo Бoжјo e какo oган кoј гo изгoрува нeправeдникoт, кoгo oвoј матeријалeн свeт...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Да го фрлиме фенерот на Диоген, да се откажаме од потрагата по човек во темнината на овој свет и во сеопштата расчовеченост. Таа потрага за нас заврши во оној миг...

« »