AРХИВА

о.Горан Стојчевски



БЛАГОДАТТА НА НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС, ЉУБОВТА НА БОГА ОТЦА И ЗАЕДНИЦАТА НА СВЕТИОТ ДУХ ДА БИДЕ СО СИТЕ НАС

 
„ ...Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите! Радувајте се секогаш! Молете се постојано! Благодарете за сè, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас! Не гаснете го Духот! Пророштвата не ги унижувајте! Сè испитувајте, за доброто држете сè. Клонете се од секакво зло! А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сè, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! Верен е Оној, Кој ве повикува, Кој и ќе го направи тоа. Браќа, молете се за нас! Поздравете ги сите браќа со свет целив!“

 

Да се опише Апостолот на Црквата Христова е тешко да се стави дури и во една цела книга во неколку тома, или можеби просто во неколку извадоци од неговите боговдахновени зборови, или само во еден збор кој е врвот на чвечкото достигнување во Бога, преку Бога и со Бога, а тоа е обожение. Делата Апостолски сеуште ми се живо четиво, не само како почеток на историскиот пат на Црквата Христова во светот и неговото прибирање во лоното на Авраама, и личносен подвиг кој треба да се поддржува во реализирањето на единството со Христа, во кое единствениот радосен извик е состојба на човекот во небесното царство, не живеам веќе јас, туку Христос во мене. Делото на обожениот Апостол е продолжение на Христовото Евангелие, неговата мисија, неговиот труд, и она што во Црквата е запазено како посланија е сведоштво за продолжување на сето она што Христос направи за нас, крстот, гробот, тридневното воскресение, уште и Второто и славно Негово доаѓање. Светите апостоли, го започнуваат новиот еон, век на животот во идниот век, пројавување и присуство на Светиот Дух во личностите кои се образ на Светиот Дух, како што е Христос образ на Отецот. Благодатта Божја, љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите вас, тоа е благословот на светиот апостол Павле со кој открива и исполнува сета теологија на Светата Црква. Да, Светиот Дух и до ден денес се пројавува во обожените личности кои се молат т.е. разговараат со Бога постојано, онака како што нè советува и Павле, и секако тоа така ќе биде до исполнувањето на времето во царството Божјо. И, Црквата во секој век и деценија на векот дала личности и како пророци, патријарси,апостоли, учители, евангелисти, маченици, исповедници, јуродиви и тие всушност се првите богослови меѓу богословите иако тој ореол на Црквата го добиле неколкумина, но светиот апостол Павле ја дава смислата на законот и пророците исполнети во Христос Богочовекот соопштена од светите евангелисти,и основата на апостолството, а потоа и раѓањето на учителите на Црквата кои сето учење го постулираат на аголниот камен – Христос, но, онака како што го преподал и потврдил Апостолот, и учењето за Пресвета Троица, Пресвета Богородица, христологијата, и сотириологијата, и еклисиологијата, и есхатологијата, и исихазмот итн.итн. што се развива како богословие или богословски гранки од светите Отци и учители на Црквата,а за основа ги земаат Новиот Завет – животот и делото Христово за светот и човекот и апостолските посланија - животот во Дух Свети во името Христово за слава на Бога Отца, меѓу кои повеќето се на светиот апостол Павле од кои до ден денес се поучуваме на Литургијата и во домашното послушание со нивно читање, и многу поважното, сето тоа преточено преданието на Црквата со умносрдечната молитва и стекнувањето на благодатта Божја, според Павловите зборовите, молете се постојано и со благодатта на Бога сум тоа што сум (1Сол.5,17 и 1Кор.15,10). Во неговите зборови ги пронаоѓаме и мачениците, преподобните, исповедниците, јуродивите и особено Пресветата, Пречиста, Преблагословена славна владичица наша Богородица, голема е тајната на побожноста, Бог се јави во плот.

 

Нема света тајна и чинодејствие во Цркавата на кое не му претходи читањето на Апостолот, крштевањето и миропамазанието  – ние кои се крстивме во Христа Исуса во Неговата смрт се крстивме... зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението..., исповедта – стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христос ќе те осветли, за Евхаристијата и Црквата како Тело Христово и учеството во неа преку причестувањето како мерило за испитување на благодатниот аскетски живот во Христа, ...а јас од Господа го примив она, што ви го предадов е дека Господ во онаа ноќ...кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате  смртта на Господа додека Он не дојде...вие сте Телото Христово, а пооделно членови, погребението,...браќа не сакам да не знаете за умрените и да не жалите како и другите што немаат надеж...венчавањето, ..оваа е тајна голема, но јас ви зборувам за Христа и Црквата, за свештенството на повеќе пати е напишано дека ракоположол епископи, свештеници и ѓакони, во сите помесни Цркви каде што престојувал и ги втемелил, како што е и нашата помесна црква која е нитка во континуитетот на Црквата на овие простори (понатаму и низ Европа), почнувајќи токму од светиот апостол Павле, преку светиот цар Јустинијан и свети Климент Охридски, до ден денес.


Што да се каже, за сведоштвото на слободата, разобличувајќи го наемничкиот и робовскиот однос кон Бога, укажувајќи на синовскиот, како природна состојба и стоење на човекот пред Бога и во Бога, а бидејќи вие сте синови, Бог го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче! Верата, надежта и љубовта се негови добредетели затоа се толку доловени и длабоко допираат во нашите срца неговите зборови опеани во химната за љубовта во 13-та глава од послението до Коринтјаните, кој ги сумираме со едно друго негово слово, љубовта не му прави зло на ближниот, љубовта е исполнување на законот (Рим.13,10). И како што вели свети Јован Богослов на крајот од Евангелието има и многу други работи што ги изврши Исус, и кои ако би се запишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги, така има и многу други работи кој го посведочиле низ Христос и и во благодатта на Светиот Дух и самиот светиот апостол Павле од неговото просветление на патот за Дамаск,преку обожението низ мисиите на апостолството до маченичката смрт во Рим, апостол кој добро се бореше, патот го заврши и верата ја запази, пострада заради Христа, оти сведочеше, живееме ли, умираме ли, Христови сме, како одзив на она, јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. Кога денес во Црквата би се оддале на зборовите на Апостолот и нашиот живот во Христа ќе стане благороден, добар и полн со љубов според поуките на Апостолот, и таа светлина Христова, со живот на светии ќе ги острани низ сета вселена оние препирки, кои и денс постојат во Црквата како и во времето на Апостолот кој се трудеше да ги смири укажувајќи на делото Христово кое е единство во љубовта.
Читајте ги Посланијата на Апостолот секојдневно, ќе ја стоплат верата, ќе ја зацврстат надежта и љубовта кон Христа ќе се разгори, и секогаш молете се постојано, најпригладно и содржајно со Исусовата молитва и Пресвета Богородице спаси нè. Моето лично мислење за светиот апостол Павле дека е првиот исихаст по Пресвета Богородица, прв благодатен старец кои ги раѓа своите духовни чеда, и човек кој лично сведочи низ збор и дело за целта на човекот и светот, обожението и единството со Бога преку Христа Исуса во Светиот Дух.


П.С. Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и кроток дух? Свети апостоле, заслужуваме со стап да нè умудри некој, но по Твоите молитви нека дојде при нас Неговата љубов и кротост, како и ти што си ја покажал.

 

 8- декември 2018 лето Господово