Аскетска вера и подвиг (17.03.2018 10:00)

Во евангелското четиво од четвртата недела на Великиот пост (види: Марко 9, 17–31), посебно значајно за толкување е следново случување: А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш, сè е можно за оној што верува“. И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи говореше: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“

Со оваа евангелска случка, Господ Исус Христос, меѓу другото, сака да нè поучи и да ни го покаже постоењето на аскетски и на благодатен подвиг во православниот духовен живот, и разликата помеѓу нив. Едно е аскетска вера и доверба во Господ, а друго е благодатна вера: благодатната вера веќе преминува во познание, знаење и сигурност. Едно е аскетското исполнување на Божјите заповеди, а друго е благодатното исполнување. Едно е аскетска молитва, а друго е благодатна молитва. Едно е аскетска љубов кон нашите ближни, а друго е благодатна љубов, итн.

Во што е разликата помеѓу аскетскиот и благодатниот подвиг, и од каде произлегува таа разлика? Во зависност од тоа на кое ниво или степен од духовниот развој се наоѓа човек, различен е и неговиот подвиг. На првиот степен, кој се нарекува чистење на срцето од страстите, подвигот на секој човек во која било добродетел е аскетски. Тоа значи дека срцето на овој степен е сè уште подложно на страстите и заробено од нив, така што демонот релативно лесно, преку помислите и сетилата, го наведува човекот на грев. Затоа и подвигот на степенот на чистење на срцето од страстите изгледа многу тежок. Треба да ги исполнуваме заповедите Божји, добродетелите, и кога за тоа воопшто немаме желба и волја и не го чувствуваме тоа како потреба во нас. Присилувањето на самите себе е клучниот момент поради кој подвигот се нарекува аскетски. Затоа и таткото на демонизираното момче низ солзи вели: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“

Но не е точно дека Бог со Својата благодат и на првиот степен не му помага на човекот, затоа што ние без Него ништо не би можеле да направиме, но таа помош е некако скриена, токму за да се пројави слободната определба на човекот за доброто, за Бог. Бог сака да нè научи да ги исполнуваме Неговите заповеди од љубов кон Него, како деца Божји, а не како робови – од страв, или како наемници – за награда. Лесно е да ги исполнуваме заповедите кога благодатта е со нас. Лесно е да даваме кога добиваме. Но, сепак, тоа е трговија, а не љубов. Љубовта дава и кога не добива.

Благодатта во одредени моменти се пројавува посилно во нашиот живот, но само за да нè одмори од подвигот, да нè утврди во верата и да нè утеши. Сепак, тоа не се моменти кога ние духовно растеме. Духовниот развој ни е овозможен само во моментите кога Божјата благодат останува скриена, а ние продолжуваме да се трудиме во исполнувањето на добродетелите. Секогаш кога паѓаме и не успеваме да ја исполниме добродетелта, во тие моменти на криење на благодатта, ние не сме го поминале испитот и повторно ќе треба да го полагаме сè додека не успееме. Светите Отци велат дека во моментите кога благодатта се крие треба да постапуваме – иако тоа воопшто не го чувствуваме така – како да е таа присутна. Само тогаш растеме.

На вториот степен, кој се нарекува просветлување на умот, подвигот на секој човек во која било добродетел е веќе доволно благодатен, освен во однос на љубовта кон непријателите, каде што и понатаму е претежно аскетски.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум  

MPC-OA