Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенствa, чесни отци, браќа и сестри!
Му благодариме на Бога што нè воведе во овие денови на Божиќниот пост, кога молитвено се подготвуваме да го пречекаме Богомладенецот, Кој, како што исповедаме во Символот на верата „се роди заради нас и нашето спасение“.
Денес, овде, во соборниот храм во престолниот град Скопје и ширум нашата татковина, празнично торжествуваме, славиме и си спомнуваме за нашиот духовен родител, патрон и покровител свети Климент Охридски. Црквата два пати во годината молитвено го одбележува споменот на свети Климент Охридски.
Летниот спомен на 9 август е денот на упокојувањето на светителот, а зимскиот осмодекемвриски спомен, е именденот на свети Климент Охридски. Неговите ученици продолжиле да го одбележуваат именденот на својот учител и по неговата смрт, а кога Црквата го вброила свети Климент во диптихот на светиите, тие ги славеле и двајцата: и охридскиот, и римскиот Климент. По единаесет векови, еве, и ние го продолжуваме ова предание и си спомнуваме за овие две истоимени, незаодни светила.
Човекот во кого ќе се вообличи Христос лесно се препознава како вистински духовен пастир на својот народ. Денес, на овој убав ден, да се потсетиме кој е за нас свети Климент.
За таа цел, тој во неукрадливо наследство за навек ни ја остави Црквата.
Дозволете ми да направам паралела на еден добар, грижлив и милостив татко кој на своите деца, синови и ќерки, откако се исполнило времето од историскиот тек, пред своето заминување, во наследство им ги остава спечалениот имот, земјиште и куќа. Наспроти него, овој наш духовен татко како завештание ни ја остави Црквата како најголем дар, а во неа духовноста и писменоста како просветлување или, како што тој самиот велел, просвештение за да дојдеме до познанието на верата во Бог Света Троица.


Во таа Црква се крштеваме, венчаваме и погребуваме со надеж на животот во идниот век. Во таа црква, за прв пат, радосно дознаваме и ја откриваме евангелската, блага и победоносна вест дека смртта, најголемиот непријател на човекот е победена со воскресението на Првородениот од мртвите – Христос. Во нејзиниот купел го потопуваме биолошкиот пакет на постоењето и тој чудесно се преобразува, проткаен од несоздадените љубовни енергии на Живиот Бог, во еден нов начин на егзистенција – црковен и благодарствен. Во Црквата ги јакнеме крилјата на душата и се учиме духовно да се издигнуваме со постот и молитвата.
Понекогаш, во радоста на новооткриеното небо, човекољубивиот Бог допушта да ги почувствуваме студените ветришта на бурата во вителот на грижите од секојдневието. Тогаш, во тој метеж, во тој процес на трагање по смисла, низ болка и мака, низ сиот распон на внатрешните состојби, во нас се раѓаат најискрените воздишки и зборови кон Бога, се раѓа нашата лична молитва, нашиот личен однос со Бога. Токму ваквото новостекнато искуството на подеми и падови, на плими и осеки, ни ја открива Црквата како наша духовна болница која со својата грижа и терапија, преку исповедта и покајанието, го лекува и обновува во нас паднатиот образ и нè причестува со лекот на бесмртноста. Средиште и полнота на Црквата е евхаристијата. Во неа, евхаристискиот Христос ни се предава како литургискиот дар. И како што вели еден современ подвижник: „Во литургијата има размена на животи. Човекот му го дава својот живот на Бога, а Бог му го предава својот живот на човекот“. За таа посведочена милост, покажана кон нас, трепериме од невештествениот оган кој исходи одозгора и слегува на евхаристиските жртвеници во нашите цркви.
Ете, таква милост ни остави свети Климент по нашите духовни светилишта. Благодат која чисти, просветлува и обожува.
Оти да не забораваме, неговиот генијален влог во областа на лингвистиката, при преводот на книгите, не е заради самиот талентиран превод или заради книжевната вредност како цел самата по себе. Во книгите тој го препознал и открил евангелскиот Христос, Кој сака да го остави во наследство на генерациите по себе и за таа цел неуморно работел сè до својата смрт. Затоа, ја украсува црквата со богатото книжевно-духовно наследство за да ни ја остави нам. Кога гради, тој не го прави тоа за да се овековечува во сопствените градби. На темелите на ранохристијанските базилики ги изградил триконхосните храмови и во нив, на Плаошник, со своите раце го ископал сопствениот гроб за да се положи неговото тело.
Верата на христијаните, почитувани, не прекинува со смртта, туку продолжува до нејзиното исполнување. Така и исповедаме во Символот на верата: Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век. Но, дури и во овој период на исчекување на Царството што доаѓа во сила врз бездушните тела на оние што се обожиле, се забележуваат одблесоци на идната слава. Распадливоста ја нема власта над овие тела, а од нив се излева благоухание.
Свети Климент ни ги остави и своите мошти за да ги имаме за поткрепа во духовниот раст и зрелост, но, и во маките и немоќта наша човечка.
На самиот крај, сакам да споделам со Вас дека како христијани постоиме единствено во заедница во која императив се љубовта и слободата. Нашиот Бог е Љубов. Должни сме едни со други да се сметаме за браќа и сестри. И повеќе од тоа, должни сме да ги љубиме и непријателите. Еден е нашиот Отец Небесен. Нашето единство со другите се потврдува со нашата љубов кон нив, без разлика како тие се однесуваат со нас. Средиште на таа заедница е Христос, Кој заради нас претрпе предавство, плукање и распнување, но остана верен до самата смрт. И тоа не беше Неговиот крај, туку повторно и во смртта нè подзеде и нè избави од најдолниот ад и ни дарува живот – и тоа во изобилие, воскреснувајќи од мртвите, вознесувајќи се и испраќајќи ни го Светиот Дух. Во Него се сите наши копнежи, нашата надеж и вера, онака како што ни оставиле свети Климент и сите светии. Да го пазиме, чуваме и негуваме таквиот етос...
Нека ни е честит празникот, благословот на свети Климент секогаш да пребива на нас. Амин.


 
Беседа за свети Климент Охридски, изговорена од Епископот хераклејски г. Климент на 08. 12. 2017 г. во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје