На празникот на преподобен Наум Охридски.

 Четврта недела по Педесетница
02 јули 2017

Некој научник бил постојано зафатен со своите размислувања и теории. Вообичаено, неговата  сопруга му оставила нарачки за пазарување и вообичаено, тој заборавил да пазарува. Неговата жена изнервирана, му викнала: „Значи, колку си расеан!“ – Тој одговорил: „Не, драга, напротив; премногу сум концентриран.“ Може да се рече дека се во право и двајцата: фокусирањето на неговите идеи, придонело да се дефокусира од секојдневните обврски.

На денешниот празник, браќа и сестри, да се потсетиме на основите на животот што го живеел и проповедал преподобен Наум Охридски. Големиот светител и чудотворец пред сè друго е монах, молитвен тихувател. Значи, го славиме свети Наум, а ги почитуваме и монашките идеали кон кој се стремел тој. Молитвата е основна дејност на монахот. Извршувањето на молитвата во сосредоточеност (сконцентрираност) и тишина, црковните оци го нарекуваат исихиа или молитвено тихување.

Сконцентрираноста, нерасеаноста, задлабоченоста на умот во молитвата  е најтесно поврзана со начинот на живот на светителот кој денес го празнуваме. Спротивно; расеаноста, површноста е еден од главните белези на денешниот начин на живот.

Животот на многумина станува сурфање по површината на настаните и доживувањата. Човекот се лизга од информација до информација, од вест до вест, од слика до слика… Кому не му се случило да почне да бара конкретна информација на интернет, но сурфајќи да отиде во друг правец и да заборави што барал. Проблемот е што ние забораваме дека не мора сè да дознаеме, проблемот е во празната љубопитност. Ако нешто (до)знаеме, а не заземаме никаков став, со мисла или со дело, со молитва, тоа значи дека стануваме серџии или цинични или апатични…

Така, некогаш беше тешко достапно знаењето, информацијата и тоа беше хендикеп за луѓето. Денеска сме опсипани, бомбардирани со информации од секаков тип и тоа станува вистинско искушение за човекот кој се обидува да се насочи кон определена цел, односно да воспостави некаков критериум на интереси и приоритет на вредности во својот живот. Си мислиме; толку многу интересни работи може да се најдат, да се видат, да се слушнат… Но, што е тоа интересно? „Интересно“ не е етички поим. Интересно е и доброто, интересно е и злото, со тоа што злото денес се прикажува како поинтересно, поатрактивно, попредизвикувачко…

Св. апостол Павле нè советува: „Сѐ испитувајте, за доброто држете се!“ Кога не се држиме за нашиот критериум за надградување со знаење што прераснува во љубов, ние просто се расејуваме со интересното…

Расеаниот човек е со фрагментиран, расцепкан ум… Св. апостол Јаков вели „Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.“ Во оригиналот на овој стих од Новиот Завет го наоѓаме зборот: дипсихос = двоедушен, односно, човекот двоедушен (со две души т.е. со поделена душа) непостојан е на сите свои патишта. Спротивно на расцепканоста, на распарченоста на умот и душата ја имаме добродетелта наречена целомудрие. Целомудрието означува душевна и телесна чистота, но првенствено целност или целосност на мислите и делата.

Првосоздадениот човек за кој раскажува Светото Писмо, пред да изврши грев, немал никакви внатрешни, душевни противречности. Сите негови душевни сили дејствувале сложено и хармонично, телото непринудно се потчинувало на душата. Престојувајќи во таква состојба, човекот живеел и дејствувал во склад со својата природа, се насладувал со радоста од богопознанието што било природно за него.

А кога се помрачил од скверната на гревот, човекот не само што се одвоил од Бога, туку во себе предизвикал внатрешен расцеп и неред на душевните способности и сили во кои спаѓаат: волјата, разумот, чувствата…

За да  го врати човекот во неговата природна состојба, морало да му биде вратена изворната целосност. Една од главните причини за раѓањето на Синот Божји од Дева Марија, за доаѓањето Христово на земјата било и тоа исцеление на човековата природа. Ис-цел-ение. Забележувате, во основата на зборот исцеление е зборот цел, т.е. целосност. Исцелување, оздравување е воспоставување на целосноста. Целомудрието како еден од аспектите на личната целосност се пројавува во точното следење на гласот на совеста при делувањето на човекот. Во случај на пртивречност меѓу мислите, желбите, делата и гласот на совест се губи целосноста, складот на душевните сили.

Знаејќи ја нашата слабост на заскитување на мислите и умот, нашата склоност кон расеаност, Црквата во текот на богослужбите често нè повикува: Да внимаваме. На црковнословенски: Вонмем!

Да внимаваме – значи, да го собереме, да го напрегнеме нашиот ум кон она што е важно, да внимаваме, значи да умееме да замолчиме, да се задлабочиме во себе, да ги одложиме секојдневните споредни животни грижи,  да внимаваме – значи да го отвориме нашиот ум, душа, срце за зраците на премудроста кои зрачат од Сонцето на вистината, од Господ Исус Христос.

Да внимаваме на суштинското, на единственото потребно, на сето она на што Црквата нè повикува како на спасително за нас, да бидеме внимателни еден кон друг и кон Бога.

За свети Наум е познато дека бил строг подвижник. Строгоста на неговото подвижништвото се состои токму во внимателноста и неколебливоста во богонасоченоста на умот. Со нерасеана молитва, како што пееме во неговиот тропар – се прилепил кон Христа. Затоа и „пречесниот спомен на неговите светли подвизи како големо сонце сите ги осветлува, ликовите на оните што го воспеваат ги просветлува, демони и секоја болест изгонува“ (од Кондакот на св. Наум).

Науме себлажен, со твоите молитви избави нè од искушенија. Амин.

Беседата е прочитана на Света Литургија во храмот Св. Никола, во Куманово.