Скопје, 18.06.2017- Соборен храм на св. Климент Охридски

на празникот на светиот свештеномаченик Доротеј, епископ Тирски; Преподобен Теодор Пустиник;

Преподобен Анувиј; Блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски;

 

Втора недела по Педесетница


Во името на Отецот и Синот и светиот Дух.Амин

Почитувани христијани,

Денешното Евангелие ни зборува како нашиот Спасител ги повикал на апостолска служба двајцата браќа Петар и Андреј и синовите на Заведеј, Јаков и Јован.
„ И, одејќи покрај Галилејското море ги виде двајцата браќа, Симона наречен Петар, и брат му Андреј како фрлаат мрежа во морето бидејќи беа рибари. И им рече: „ појдете по мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе“. И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него“.
„ Потоа одејќи натаму виде други двајца браќа Јакова и брат му Јован во кораб кој ги крпеа своите мрежи и ги повика. И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. Колку прост, краток и јасен повик: „ Појдете по мене!“ Каква решителност оставија се и тргнаа по Него.
Со што ги уловил тие чисти, прости души? Што им ветил? Со што толку ги придобил та веднаш, без размислување, без двоумење ги оставиле своите домови, своите ближни, своите имоти и тргнале по новиот Учител? Дали Христос им ветил на своите следбеници власт? Не. Он јасно им рекол „ ... но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, и тој што е старешина да биде како слуга“ (Лк 22.26).
Можеби Христос со богатство ги привлекол или со некои големи земни добра? Не. Он јасно и јавно им објавил: „ Кој го сака домот, имотот, семејството, таткото, мајката повеќе од Мене, не е достоен за Мене. Што ги привлекло новите апостоли? Што гледаат тие во иднината? Што ги очекувало? Тесна врата и тежок, трнлив пат, гонења, страдања, понижувања. „Но ќе настапи време кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека на Бога му принесува жртва.“ (Јован 16.2)
Како се објаснува решителноста на простите рибари веднаш да тргнат по Христа? Човековата душа е дадена од Бога, и таа се стреми кон Бога, копнее по правда, бара вистина, чезнее по неа. Така било и со првите апостоли. Нивните души биле чисти, прости, невини како детските. Христос овоплотената вистина, вечната правда завладеал со нив. Христос ги учел од ловци на риби да бидат ловци на луѓе, ги направил проповедници на новиот живот, ги испратил да трасираат нови патишта и да го упатуваат човековиот живот по нив.
И денес се потребни апостоли повеќе од било кога. Многу луѓе, браќа, сестри, ближни и подалечни, живеат во омраза, се уништуваат меѓусебно како ѕверови. А повеќето луѓе во светот живеат потполно неодговорно за својата душа, ја заборавиле, ја напуштиле зашто мислат дека животот е само тоа: да јадат, да спијат, да работат, и пак да спијат. Душата спие во длабок сон. Потребни се апостоли, потребни се смели, предани гласници, кои не го жалат својот глас и не ја штедат својата сила. Тие треба да викаат силно, зашто сонот е длабок, темнината цврсто ги опфатила и малите и големите. Потребна е потполна преданост на Божјото дело.
Еден мудрец подготвувал проповедници на Христовото учење. Еден од неговите ученици дошол и му рекол:„Учителу дозволими да појдам меѓу незнабошците и да го проповедам новиот живот“. Учителот го прашал дали си подготвен за таков живот?  Учителот му поставил неколку прашања и меѓу другото го запрашал што ако твојата проповед за правда ги разлути и те претепаат? Како тогаш ќе постапиш? Ученикот одговорил – добри луѓе! Тие би можеле да ме убијат а се задоволиле само со тепање. Но и тоа може да ти се случи штом ќе се исплашиш од нивното потсмевање, штом ќе побегнеш од тепањето, веќе продолжуваш да викаш и да ги будиш од длабокиот сон, тие уште повеќе ќе се налутат и ќе фрлаат дрвја и камења по тебе. Како ќе се однесуваш кон нив?  Пак ќе им заблагодарам, рекол ученикот. Тие би можеле да земат ножеви и да ме исечат на парчиња! – И тоа да го очекуваш. Биди подготвен да примиш тешки рани и маченичка смрт. Човековата злоба нема крај. Колку се поболни очите, толку е понепријатно да се гледа сончевата светлина. Многу големи праведници, пророци, апостоли ја пролеале својата крв, ја дочекале смртта затоа што ги сакале луѓето. Што ќе направиш кога над главата ќе имаш меч?
Ученикот одговорил: со молитва на благодарност ќе ги упатам своите очи кон Бога и ќе речам:„ Боже, ти го повикуваш кон себе својот слуга, готов сум! Но ти кој си голем и благ, покажија својата милост кон нив. Мојата пролеана крв за твојата вистина да им влее во нивнте срца љубов и правда!
Мудрецот го прегрнал својот ученик го благословил иму рекол: Ти си подготвен за нов живот! Појди и подготвувај ги другите! Колку и да се срцата на луѓето студени, љубовта кон сонцето ќе ги затопли.
Затоа почитувани христијани трба да одговориме  на многу прашања дали  сме подготвени да се нарекуваме Христови ученици. Што знаеме за Христа? Живееме ли според Христа и неговото евангелие? Дали сме подготвени, барем помеѓу своите ближни да бидеме Негови апостоли? Ете прашања што секој од нас треба да си ги постави и да одговори. Христос и денес поминува и денес бара апостоли и денес повикува:„Појдете по Мене“. Дали сме поготвени да оставиме се и да појдеме за да не направи “ловци на луѓе“. Амин.

    Свештеник
      Зоран Копчаревски

 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 4:18-23

18.     И одејќи покрај Галилејското море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари,
19.     и им рече: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.”
20.     И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
21.     Потоа, одејќи, понатаму виде други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во Кораб со Заведеја, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика.
22.     И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.
23.     И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ кај народот.

 

18-ти јуни 2017 лето Господово

Преминпортал (к.т.)