На пример, да го земеме свети Неофит Затворник (Кипарски светител, се слави на 24 јануари). Кога бил 24 години, тој се затворил во една пештера и 60 години живеел во неа. Тоа не е ли безумство? Како логички можеш да го објасниш направеното од него? - Логички да го објасниш страданието на мачениците, аскетите, отшелниците, пустиножителите. Не можеш.

Ќе ви кажам пример од животот на свети Ѓорѓиј. Тој претрпел исклучително многу мачења. Бил млад човек. Воин. Го терале да се одрече од Христос. Тој не се одрекол. Многу бил мачен. Го облекле во железни усвитени чевли со клинци внатре. Чевлите биле вжештени. Го однеле во театарот и го врзале за коњ. Тој требало да трча по коњот. Толпата наоколу не се стишувала. Во житието се вели дека тој трчал толку брзо што коњот го преварил. А во исто време си велел: „Трчај, Ѓорѓи, за да го примиш посакуваниот Господ". Тој бил исполнет со толку пламена љубов во срцето, што не чувствувал дека нозете му горат. Кога го читав тоа се стресов.

Тоа го видов со сопствените очи: на Света Гора живееше еден старец - отец Сергиј. Тој живееше во Иверскиот скит. Од таму до Кареја се стасува за околу два часа. Патот е тешко прооден: шума, планини. А преку зимата снегот стасува и до 4 метри. Минуваше покрај нас. И преку зима и преку лето носеше галоши (опинци). Имаше длабок глас. Во тоа време одговарав на манастирската порта. До неа остававме разни работи за луѓето кои минуваа - леб, сирење, локум, кафе, чај. Исто така кај мене беше клучот од магацинот.

Кога поминуваше од тука го прашував: „Како си?" Тој одговараше: „Гладен сум". Беше сиромашен човек, пустиник. Секогаш облеан во пот и со една торба на грбот. Во принцип тие торби собира многу работи, до 60 кг товар. Одеше еднаш или два пати во седмицата во Кареја, пазаруваше за сите отци, тие што живееа околу него имаа потреба од газјени шишиња, компири, масло. Тој беше една чудна глетка. Го прашав дали нема кој да му помогне. Ми одговори: „Нема благословени луѓе. Не е потребно. Јас одам".

Секогаш беше радосен, се шегуваше. Беше многу благодатен човек. Кога почина отидовме да го погребаме. Кога му ги симнаа обувките. - Ќе се стресете, деца, долу, каде што е стапалото, му се гледаа коските! Месото го немаше! Разбирате ли?... И покрај тоа одеше два пати во седмицата во Кареја, им служеше на сите отци наоколу, гладуваше, секогаш беше натоварен, тој никогаш не се жалеше.

А ние, во нашето незнаење, го прашувавме: „Каде одиш, во Кареја? Ај, донеси ми и мене еден леб!" Тој одговараше „Ќе ти донесам, благословен човек!" Кој го среќаваше по патот, го молеше да му донесе нешто од Кареја, а тој се согласуваше. Во состојбата во која се наоѓаа неговите нозе, човек не би можел ни да се движи. Тогаш се сетив на свети Ѓорѓиј. И си велев, тоа нешто може да се случи, бидејќи има луѓе кои имаат во себе таков пламен на благодат и љубов, што чувството за љубов ја победува дури и самата природа на човекот која е многу силна.

Тоа е големината на Црквата - преку силата на Божјата љубов се преобразува човечката природа и човекот прави натприродни работи, кои луѓето што се надвор од Црквата не можат да ги разберат, не ги примаат, за нив тоа е невозможно, смешно, болно, лажно. Но, во Црквата стануваат возможни, бидејќи верата е - „противтежа" на разумот, која не е теоретска, интелектуална, туку опит во животот, најголем опит кој човекот може да го има...

Митрополит Атанасиј Лимасолски

(извадок)

Превод: Свештеник Игор Пармачки