Во третата недела од подготовката за Великиот пост, ние ја слушаме параболата за блудниот син (Лк 15,11-32). Параболата и химните што се пеат тој ден, зборуваат за покајанието како за човеково враќање од самоволно прогонство. Дознаваме дека блудниот син отишол во „далечна земја“ и таму потрошил сè што имал. Далечна земја! Тоа е единствената определба на состојбата на човекот којашто мораме да ја прифатиме и усвоиме, кога ќе почнеме да приоѓаме кон Бога. Човекот што никогаш не го искусил ова, макар само за миг, и којшто никогаш не почувствувал дека е оддалечен од Бога и од вистинскиот живот, никогаш нема да разбере што е тоа христијанство. А оној што во овој свет се чувствува „како дома“ и којшто никогаш не го измачувал носталгичниот копнеж за една друга реалност, нема да може да разбере што е покајание.

Покајанието често се претвора во рамнодушно и „објективно“ набројување на гревови и престапи, во акт на „признавање на вината“ во правен спор. На исповедта и на разрешувањето се гледа како да се од јуридичка природа, а се превидува нешто суштинско, нешто без кое ниту исповедта ниту разрешувањето ќе имаат значење и сила. Тоа „нешто“ е чувството на отуѓеност од Бога, од радоста на општењето со Него, од вистинскиот живот што е создаден и ни е подарен од Бога. Навистина, лесно е да исповедаме дека не сме ги запазувале постите, дека сме ги пропуштале утринските или вечерните молитви, дека сме биле невоздржани во лутината. Но, сосема е поинакво сознанието дека сум ја извалкал и изгубил својата духовна убавина, дека сум далеку од својот вистински „дом“, од својот реален живот и дека во самата моја животна суштина, нешто драгоцено, чисто и прекрасно, е безнадежно скршено. Тоа и само тоа сознание е вистинско покајание и длабока желба за враќање назад и за повторно пронаоѓање на загубениот „дом“. Од Бога сум примил огромно богатство: пред сè живот и можност да му се насладувам, да го исполнам со значење, со љубов и со знаење; а потоа – во крштението – го примивме Новиот Живот, Самиот Христос, дарот на Светиот Дух, мирот и радоста на Царството Небесно. Јас сум примил знаење за Бога и во Него знаење за сè друго, сила и можност да станам син Божји. И сето тоа го загубив, и продолжувам да го губам, не само низ гревовите и прегрешенијата, туку во гревот што ги надминува сите гревови – во отстапувањето на мојата љубов од Бога, претпочитајќи ја „туѓата земја“, пред прекрасниот Татков дом.

Но, Црквата ми напомнува за она што сум го напуштил и загубил. И, слушајќи го нејзиниот глас, јас си спомнувам. Безумно се оддалечив од Твојата Татковска слава – се пее во кондакот тој ден – и со грешници го расипав богатството што ми го даде. Но, повикувам кон Тебе со гласот на блудниот син: Согрешив пред Тебе милосрден Оче, но прими ме мене кој се каам, прими ме, како еден од наемниците Твои.

И кога така се присетувам, јас наоѓам во себе и желба и сила да се вратам: …ќе се вратам кон милостивиот Отец, во солзи повикувајќи: прими ме како еден од наемниците Твои…

Овде треба да се спомне и една литургиска специфичност на оваа „Недела на блудниот син“. На утрената, по радосните и торжествени псалми на Полиелејот, го пееме полниот со тага псалм 136:

    На реките вавилонски таму седевме и плачевме, кога си спомнувавме за Сион… Како да пееме песна Господова во земја туѓа? Ако те заборавам тебе Ерусалиме, нека биде заборавена десницата моја. Нека се залепи јазикот мој за непцата мои, ако не си спомнувам за тебе, ако не го ставам Ерусалим за почеток на мојата радост…

Тоа е псалм на прогонството. Го пееле Евреите во вавилонско ропство, кога си спомнувале за својот свет град Ерусалим. Тој засекогаш станал песна на човекот што осознава дека е во прогонство, оддалечен од Бога, и сфаќајќи го тоа, станува нов човек, човек што не може да биде исполнет со ништо во овој паднат свет, затоа што, по природа и по призив, секогаш, како поклоник, го бара Совршенството.

Овој псалм ќе се пее уште двапати, во последните две недели пред Великиот пост. Тој ни го открива значењето на постот како поклоничко патување и покајание, како враќање во домот на Отецот.

протопрезвитер Александар Шмеман

Извор: Великиот пост, Скопје 2004.

http://mistagogia.mk/smeman-nedelata-na-bludniot-sin/