„... па како не можеа да се приближат до Него од народот, го открија и го раскопаа покривот на куќата, каде што беше Он, и го спуштија одарот, на кој лежеше фатениот.

            А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: синко, ти се простуваат гревовите твои!“ (Марко 2, 1-12)

       

    

Деца, слушајте внимателно за да ви го објаснам евангелието од неделата што пројде. Главно, во последнава реченица што ви ја прочитав се крие она што треба да се толкува.

            Во текстот од евангелието најнапред се истакнува верата на фатениот и на оние што го носат. Пред сè верата на фатениот...

            Еднаш веќе ви зборував дека и верата или верувањето многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човек. Она во што уште верува и кон што се стреми оној што се наоѓа на степенот на очистување на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној што е на вториот степен, а не прашање на вера. Она во што уште верува и кон што се стреми оној што се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној што е обожен, а не прашање на вера...

            Но, за да премине верата во знаење и опит, потребен е голем подвиг и смирение. Таков подвиг и смирение гледаме и во напорот пред сè на фатениот да дојде до Христос Богочовекот. Пред сè смирение... Внесувањето преку покривот на куќата со надеж и за исцеление (како и во многу случаи досега), а наместо него јавно да ја слушне само причината за својата болест (гревот) и без помисла да го прифати сето тоа, зарем ова не покажува смирение и благодарност? Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот, како што потврди и Христос, и со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за толку – да му ги прости ‘само’ гревовите.

            Како што и другпат сум ви спомнал, прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас и прифаќањето на Божјата промисла за нас, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на Божјата благодат. Следувателно, тоа значи и наше исцеление, и душевно и телесно. Значи, второ нешто што истакнува денешното евангелие е и гревот и отпаѓањето од Бог како причина за нашите болести, и душевни и телесни.

            Трето нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност, пристапиме кон Него. Вистинското покајание значи неповторување на гревот. Вистинското простување на гревовите исто така се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, со Богочовекот Исус Христос.

            Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, затоа што тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но, објавата на простувањето ги соблазнува. Заради нивно обраќање и спасение Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво јавно простува, па потоа и јавно исцелува. И на крај, ем љубовно (без да ги кара како што Он знае кога ќе види непокајание) им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото евангелие – „така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: никогаш вакво чудо не сме виделе!“

            Деца, забележувате дека не ви го толкувам евангелието алегориски, како што е обичај во ‘Александриската школа’ и како што некои сакаат да толкуваат, па да речам, на пример, дека куќата во која престојува Христос е срцето на човекот и благодатта на Светиот Дух во него, а дека отвoрањето на покривот и спуштањето на фатениот низ него е отвoрањето на срцето и симнувањето на умот во него. Ниту пак ви го толкувам само историски и етички, како што е обичајот во ‘Антиохиската школа’. Ова е аскетско-исихастичко толкување на ‘Македонската школа’, кое секогаш во своите толкувања тргнува од личносниот принцип, од хармонијата на православниот духовен живот и не повеќе од она што Бог ни дал. За ова толку.

            Вистинското простување на гревовите е очистување на срцето од страстите и негово отворање за умносрдечната молитва. Тоа е ослободување од ропството на страстите, од гревот и од демонот. Тоа е одвојување од светот. Затоа и Господ на фатениот му се обраќа татковски со зборот ‘синко’...

 

                                                                                                                            Митрополит Струмички Наум

 

                                                                                                                             (според записот на сестрите)