Кратка, јасна и поучна е параболата на Спасителот за тоа како двајца јудејци влегле во храмот да се помолат: едниот фарисеј, другиот – митар. Фарисејот застанал напред во храмот и се молел вака: “Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, неправедници, прељубници, или како овој митар: постам два пати во неделата, давам десеток од сè што стекнувам” (Лука 18:11). Со еден збор, фарисејот ги наброел добродетелите, кои навистина ги поседувал.

Зад него стоел митарот. Тој, освен своите гревови, ништо друго не донел во Божјиот храм. Стоел со длабоко приклонета глава, се удирал в гради и викал: “Боже, биди милостив спрема мене, грешниот!” (Лука 18:13).

Кој е заклучокот што го дава божествениот Автор на параболата, Исус Христос? “Ви велам дека тој си отиде дома повеќе оправдан отколку оној, зашто секој кој се превознесува себеси, ќе биде понизен, а кој се понизува, ќе биде воздигнат” (Лука 18:14).

Да обрнеме внимание на тоа дека Црквата, говорејќи за фарисејот, не го осудува целосно. Уште повеќе, дури ни предлага да ги подржаваме неговите добродетели и да земеме пример од него.

Ете, фарисејот вели дека постел двапати во неделата. Според уставот на Православната Црква, секој христијанин е должен да пости два пати секоја недела: во среда и петок. А колкумина од нас денес го почитуваат овој пост?… Фарисејот редовно оставал една десетина од стекнатото како жртва. А ние, жртвуваме ли нешто од себе за Црквата? Затоа Црквата ни вели: да се потрудиме да ги подржаваме добродетели на фарисејот. Но, таа нé учи и што не треба да подржаваме: тоа сами да даваме оценка за нашите добродетели, како што постапил тој…

Наместо смирено да Му се заблагодари на Оној, од Кого е секое добро и секој совршен дар; наместо да Му благодари на Бога што му дал можност да ги изврши тие добродетел, тој гордо си припишал сé само на себеси, па дури и рекол дека не е како другите. И како што вели свети Јован Златоуст: “Фарисејот целиот свет го осудил, а само себеси се оправдал”.

За тоа говори и св. Андреј Критски во Покајниот канон. Фарисејот правилно рекол: “Боже, Ти благодарам”, но за жал, кон тоа додал и нешто неразумно. Благодарствената молитва е угодна на Бога. И фарисејот започнал со благодарност и ако продолжел смирено да Му благодари за секоја милост, која Бог му ја сторил, тоа би било една добра молитва. Но, тој ја претворил во бесмислено дрдорење… За разлика од него, митарот, кој во храмот ги принел само своите гревови, бил свесен за нив, смирено се каел и просел од Бога милост за себе, без да се оправдува ниту со условите за живот (како што постапуваме ние денес), ниту со слабост, немоќ или со силата на околните соблазни. Со ништо не се оправдал, само просел милост и ја добил.

Во параболата не е кажано дека откако митарот бил оправдан, фарисејот бил осуден. Таму само е посочено дека првиот си отишол повеќе оправдан од вториот. Тоа треба да го знаеме и помниме, за да не се соблазнуваме да бидеме судии, туку да го оставиме судот на Бога.

Фарисејот влегол во храмот со искрена желба да се помоли и искрено ја започнал својата молитва, а Господ секогаш е благонаклонет кон добрата желба на човечката душа. Затоа, да не го сметаме фарисејот за отфрлен од Бога, туку да помниме дека преку него Црквата ни посочува како не треба да се молиме.

Ние знаеме дека големиот Божји угодник, преподобен Серафим Саровски, кога се наоѓал во особено жестока битка со ѓаволот, илјада денови и ноќи коленопреклоно на еден камен, со кренати раце нагоре, се молел со молитвата на митарот: “Боже, биди милостив спрема мене, грешниот”. И со таа молитва ги победил и секогаш ги победувал искушенијата. О, да можевме и сите ние да се научиме да се молиме со неа, така срдечно, како што се молел митарот и преподобен Серафим!

Извор: Притчата за Митаря и Фарисея

Преземено од: Маран Ата

Друго:

  09.02.2014 год.