Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух

Недела на Православието

pravoslavieto.s.jpgБлагочестиви христијани, драги браќа и сестри, во текот на вчерашниот ден во храмовите на нашата епархија на наша голема духовна радост кон Светите Тајни Исповед и Причест пристапија голем број на верници кои во изминатата седмица преку постот и молитвата ги припремиле своите души и тела за што подостојно примање на светата благодатна тајна Причест. А еве веќе денес насекаде низ целата православна Екумена се прославува споменот  на една од најголемите победи во историјата  на човештвото и  православието а тоа е победата на свештенството, монаштвото и верниот народ над иконоборството. Денес е величенствениот ден кога светите икони и мошти триумфално биле вратени во храмовите каде што припаѓаат и каде што им е местото.

Во време на владеењето на царот Лав III  Исавријанец според сведоштвото на Астериј Амасијски поедини свештеници и верници стружеле од бојата на иконите па ставале во светата причест, некои служеле света Литургија наместо на престол врз светите икони, се случувало некои од нив иконите да ги земаат за кумови при  светото крштение или за старци при монашкиот потстриг. Поттикнат од сево ова а воден од заповедта која ни е дадена во Стариот Завет да не правиме идол од ништо што е на земјата под водата или горе на небото да не им се поклонуваме и служиме царот Лав III заедно  со своите истомисленици во 726 год ги забранил за употреба и ги  исфрлил светите икони од храмовите..Гонењето на христијаните особено се зголемило кога на царскиот престол дошол Константин Копроним синот на Лав III кој бил уште посуров од неговиот татко и за негово време се промениле три патријарси кои во целост му биле потчинети, а прогонувањата на иконопоклониците се споредувале со гонењата што се случувале во времето на Диоклецијан. Константин свикал и икноборечки собор на кој успеал да го отфрли и почитувањето на Мајката Божја забранувајќи Таа  да се нарекува "СВЕТА". На овој собор на анатема биле предадени заштитниците и исповедниците на православието од тоа време:светиот патријарх Герман, преподобниот Јован Дамаскин кој напишал три апологии за одбрана на иконите и светиот Георгије Кипарски. Царот со неговите истомисленици сурово го измачувале верниот народ, на иконописците им ги гореле рацете, на монасите им биле кршени главите врз иконите тие за на крајот да ги исфрлат и  иконите од храмовите но сепак не успеале да ги победат и исфрлат живите икони од богоподобните луѓе кои со голема вера во Бога и во исправноста на иконопочитувањето стоички успеале да ги издржат сите страданија за верата Христова. Зборот икона е грчки збор кој во буквален  превод значи слика, а во теологијата се толкува со слика која го предобразува Христовиот лик, или уште го означува христоподобниот лик на светителите на кого всушност ние и му се поклонуваме и го славиме, што било нагласено и во оросот за почитувањето на иконите донесен на Никејскиот собор каде што се вели:,,Кој се поклонува на иконата се поклонува на лицето /ликот,образот/на оној кој на неа е насликан. Во 787 година царицата Ирина по инсистирање на Цариградскиот патријарх Тарасиј, свикала Вселенски Собор за да се воспостави повторно нарушеното единство во православната црква и да се исцелат раните кои иконоборците му ги нанеле на телото на црквата Христова. На соборот кој се одржал во Царската палата во Царигардската патријаршија од 24 Септември до 23 Октомври учестувале над 300 епископи кои по вдахновение од Светиот Дух донеле многу одлуки со кои  едногласно и свечено го потврдиле непрекинатиот дух на вистинската вера и живото апостолско и светотоечко предание за иконите, кои за да ги разработиме би ни требало многу време и простор но сепак би сакал, во оваа пригода да чуеме само мал дел од посланието кое патријархот Тарасиј и  соборјаните го испратиле до царицата Ирина и младиот цар Константин во кое се вели: ,,Ние православните од Апостолите и Отците сме го примиле преданието дека пред светите икони се поклонуваме и ги целиваме зашто кога некој нешто сака, тогаш тој на тоа и му се поклонува и го целива, и како што ние со внимание и љубов се однесуваме кон луѓето кои ги почитуваме и сакаме, така треба да се однесуваме и кон личностите кои се насликани/изобразени/на светите икони,,.

После еден релативно мирен период од 25 години иконоборечката ерес повторно ја заживеал царот Лав В кој сметал дека иконоборечките цареви биле посреќни, Конечно во 842 год. кога починал царот Теофил бидејќи синот Михајло бил малолетен, на царскиот престол доаѓа неговата жена Теодора, која во Цариград свикува собор во време на патријархот Методиј на кој биле анатемисани иконоборците и бил потврден догматот за почитувањето на иконите за конечно во месец март 843 година со чинот на подигнувањето на иконите во сите цркви да се востанови празникот на Неделата на Православието во првата недела од Великиот Пост. За момент би се вратил во ова наше денешно време кога гледаме преплавени продавници, галерии па дури и тезги по пазариштата со икони каде што одредени луге во борбата за гола егзистенција продаваат се и сешто што наликува на икона. Но дали некогаш сме се запрашале што и е потребно на една слика од Господ Исус Христос, Богородица или светител за да биде икона во вистинска смисла на зборот.Благочестиви христијани во Романија пред околу еден век во градот Неамц живеел еден млад човек со извонреден талент за сликање на икони.Тој во еден од тамошните манастири нацртал икона на мајката Божја која со своите очи те набљудува каде и да се движиш низ храмот. Но измамен од прелеста на ѓаволот тој го напушта Неамц оди во Франција каде почнува да живее раскалашан живот и да се занимава со световна уметност па одеднаш и за секогаш го губи дарот за иконописување. Во една пригода тој пробал да нацрта икона од св Димитриј но никако не му успевало, секогаш на место св Димитриј му излегувал овчар. Ова го кажувам за да напоменам дека не може секој да зографисува икони зашто пред да се нацрта иконата треба прво добро да се знае житието на светителот,  зографот мора и да живее живот според правилата на црквата,: да пости, да се причестува, едноставно да учествува во живиот организам на црквата Христова зашто ако зографот не ги исполнува овие услови тој не може и да живописа бидејќи  во тој случај тој слика нешто апстрактно за него непознато и туѓо. Покрај ова секој кој застанува на молитва пред светата икона никогаш да не се поклонува на материјалот на иконата, секогаш да се труди да оствари личносен однос со светителот кој е изобразен на иконата да се соживее со подвигот и страданијата на светијата и со голема љубов да пристапува кон светителот зашто ако така не се однесуваме спрема иконата таа може да остане само една убава слика. За оправданоста на постапките и одлуките на светите отци од Никејскиот собор и царицата Ирина за почитувањето на иконите секако дека голема потврда ни се и големиот број на чудотворни икони. Во суштина ако правилно и се пристапи секоја икона е чудотворна, но сепак ние денес имаме икони со поголема благодат од кои истекуваат свето миро, солзни капки, капки од крв. Една таква чудотворна икона е и иконата на Казанската Мајка Божја со чија помош за време на втората светска војна по литиите кои се одржале со неа  на чудесен начин се спасиле градовите Москва и  Санкт Петерсбург. Неодамна еден воен лекар полковникот Александар Головков земал примерок од капките крв кои протекле од Казанската икона и тие биле испитувани со најсовремени методи и на најсовршени апаратури при што биле регистрирани 34 елементи на белковини кои воопшто не постојат во природата, а потоа во лабараторијата за генетичка идентификација се востановило дека крвта е од А група и дека е од жена.


 Затоа сите ние денес да застанеме смерно пред иконите и да им го оддадеме должното почитување достоинствено да го испочитуваме нивниот празник кој денес го славиме и стоејќи пред нив на молитва,  да се помолиме светителите кои се изобразени на нив, нашите молитви да ги услишаат и пренесат пред Бога во неговиот мисловен духовен наднебесен жртвеник за да ни се зајакнат нашите духовни и телесни сили па така сите заедно да влеземе што е можно подостојно во големта Воскресенска радост која ни претстои АМИН!  
            

 

Приредил
протојереј Томе Велјанов