Епископ Велички Методиј (Златанов)



 


 

Возљубени браќа и сестри,

Бог по својата чудесна промисла како добар домостроител и како вистински дарител на секоја добрина и на секоја благост, ни дава нам луѓето сe што ни е навистина потребно токму како што и овој господар на своите слуги им го остави сиот свој имот. И тоа е една мошне важна поента во оваа евангелска парабола, кога навистина Бог сe ни даде и ни даде да господариме со сето она што Тој го создаде и со сето Негово создание, и ни го даде навистина сиот Негов домострој во нашите раце. Токму затоа и Им кажа на Адама и Ева “плодете се и множете се и господарете со земјата”. И тоа господарство требаше да биде исто такво според образот на божествениот Домостроител, совршено, бестрастно, со вистинска љубов и милосрдие.

Но, не постапуваме ние секогаш според промислата Божја. И тоа не е само некаква група на луѓе коишто така постапуваат – едни се добри, другите зли, едни се лукави, други мудри, едни го умножуваат она што Бог им го дава други не – туку секој од нас во нашиот живот знае да биде како третиот, несправедливиот слуга кој наместо оние дарови, оние таланти коишто ги добива од Бога да ги умножи или барем да ги даде на трговците и, како што во едно друго место вели евангелистот “со несправедливо богатство да си го стекне Царството Небесно”. Ние, возљубени браќа и сестри, многу често знаеме тој талант да го закопаме в земја и тие дарови коишто Бог ги дава тогаш кога нe повикува да ги љубиме нашите ближни, тогаш кога не повикува да бидеме трпеливи кон оние што се слаби и немоќни, кога нe повикува со утеха или со љубов да им притекнеме на оние што се во неволја. Зашто не само тогаш кога правиме зло ние го закопуваме талантот, туку и тогаш кога она добро коешто Бог не повикува да го направиме не го правиме и тогаш тој талант којшто Бог ни Го дал го закопуваме в земја. Зошто Бог нe создаде и нe промисли како навистина љубовни битија, како навистина милосрдни битија, како битија кои секогаш ќе знаат со добро да одговорат на секоја животна ситуација; Бог нер создаде во сe добри битија, како што се и ангелите. И секогаш кога не постапуваме како добри битија, така како што Бог навистина очекува од нас, зашто кога ја очекува нашата совршеност, нашата прељубезност, нашата премилосрдност тогаш ние всушност тој дар, тој талант којшто Бог ни го дава - го закопуваме во земја, го закопуваме таму каде што никој и ништо не може да го употреби, таму каде што тие дарови стануваат бесмислени, бесцелни, бесплодни и не вредат ништо.

Токму затоа оваа приказна е толку силна, токму затоа оваа парабола Господ им ја кажува на своите ученици, ни ја кажува и нам како Негови ученици. Постојано во текот на нашиот живот, во подвигот во стекнувањето на добродетелите да си спомнуваме дека не е тоа никој друг којшто знае да го закопа тој талант туку ние самите тогаш кога постапуваме по нашите слабости, по нашите страсти, по некои стихии и привлечности на овој свет. И така мудри и така омудрени и така ослободени од светското слепило да се потрудиме секој талант и оној најситниот и оној најмал дар којшто го чувствуваме во себе и оној најмал дар којшто не го чувствуваме во себе, а го имаме - да го умножиме и преумножиме затоа што не само што Бог тоа од нас го очекува, туку тоа е начинот на нашето спасение, тоа е начинот на којшто ние ќе влеземе во Царството Небесно. Тоа е тој капитал којшто ние треба постојано да го умножуваме и да го вложуваме во таа небесна ризница, или како што вели евангелистот - таму кадешто “ниту црв го јаде ниту р’ѓа го нагризува”. Само на тој начин ќе бидеме навистина богати, богати во Бога, богати во сопственото спасение. Амин

 

 


Епископ Велички Методиј (Златанов)
Забележала : Елена
Фото: Епископ Велички Методиј

Посети: {moshits}