А Он, како ги подигна очите кон учениците Свои, говореше: блажени сте вие, бедни по дух, зашто ваше е царството Божје.

Блажени сте вие кои сега гладувате (за правда – Матеј 5, 6), оти ќе се наситите.

Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и кога ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки. Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата (Лука 6, 17-23).

 

Во денешното Свето Евангелие според Лука, што го слушнавме, забележуваме дека од деветте блаженства што, на пример, ги сретнуваме во Евангелието според Матеј, само овие три се наброени. Многу ми е интересен за објаснување редоследот на изложување на овие блаженства...

Кога би ги споредиле блаженствата изложени според Лука со оние изложени според Матеј, ќе видиме дека се одбрани токму оние што накратко можат да ни ја објаснат или доловат суштината на сите останати. Одбрана е сржта на блаженствата.

Ако продолжиме да објаснуваме зошто е тоа така, врз основа на спомнатата споредба, ќе заклучиме дека во Евангелието според Лука е одбрано првото блаженство, кое како такво по истиот ред се појавува и кај Матеј и кое ја опишува првата и основна етапа од првиот степен на нашиот духовен развој – очистувањето на срцето од страстите.

Така е. Точна е забелешката дека сите степени (или нивоа) од нашиот духовен развој што ни ги опишале и објасниле светите Отци, можеме да ги пронајдеме во Новиот Завет на нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос. И точно е дека четворицата Евангелисти сите наши човечки мисли, зборови и дела ги опишуваат во рамките на трите степени од духовниот развој: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот во длабочината на срцето и обожение на личноста – и на душата и на телото.

Постојат и други меѓуетапи, но за тоа другпат... Засега е важно само да ве потсетам на она што го велат светите Отци, дека на сите три степени од нашиот духовен развој благодатта на Светиот Дух Господ, која како членови на Црквата ја имаме внатре во нас, ни содејствува како: очистувачка благодат, просветлувачка благодат и обожителна благодат.

Второто наброено блаженство во Евангелието според Лука го наоѓаме како четврто по редослед во Евангелието според Матеј. Ова блаженство ја опишува првата и основна етапа од вториот степен на нашиот духовен развој – просветлувањето на умот.

Третото наброено блаженство во Евангелието според Лука го наоѓаме како деветто по редослед во Евангелието според Матеј. За разлика од првите две, ова блаженство ја опишува последната или преодната етапа од третиот степен на нашиот духовен развој – обожението.

Значи, сите блаженства можеме да ги поделиме во три групи, согласно трите степени од нашиот духовен развој. Секој степен опфаќа точно три блаженства. Со тоа што, првото, четвртото и седмото блаженство ги опишуваат првите и основни етапи на соодветните степени, а третото и шестото блаженство ги опишуваат преодните етапи од степен на степен, односно од степен на очистување во степен на просветлување и од степен на просветлување во степен на обожение. Нормално, последното или деветтото блаженство е исто така преодна етапа, но од овој на оној свет, односно од овој минлив свет и век во бесконечното Царство Небесно.

Ваша домашна работа, деца, е написмено, врз основа на она што досега сум ви го кажувал, да ми ги објасните првото и четвртото блаженство и да ми кажете зошто со овие блаженства се започнуваат првите и основни етапи од соодветниот степен! Јас мислам дека со ова што ви кажав, доволно ви помогнав. Домашните ќе ви ги прегледам, а воедно и ќе ве испрашувам во недела.

Посети:{moshits}