Преподобен Јован Дамаскин

sv.Jovan.Damaskin.jpg
ЗА ИКОНИТЕ

Затоа што некои нè обвинуваат за тоа што се поклонуваме и ги почитуваме иконите на Спасителот и на нашата Владичица, како и иконите на останатите светители и Христови служители, нека слушнат дека Бог од почетокот го споздаде човекот според Својата икона. Впрочем, поради што друго ние се поклонуваме еден кон друг, освен поради фактот дека сме создадени според Божјата икона? Бидејќи, како што вели Богоглаголивиот Василиј, „честа на иконата достига до прототипот". Прототип е оној кого го претставува иконата.

Но, кој може да направи слика на невидливиот и бестелесниот и неописливиот и неоформливиот Бог? Значи, белег на целосно безумие и непобожност е некој да Го прикажува Бога на слика. Затоа во Стариот Завет не била вообичаена употребата на иконите. Меѓутоа Бог, поради Своето милосрдие, стана вистински човек заради нашето спасение, не како што му се објави на Авраам во облик на човек, ниту како што им се објавувал на пророците, туку по суштина стана вистински човек и „поживеа на земјата меѓу луѓето", чудотвореше, пострада, беше распнат, воскресна, се вознесе. Сето тоа се случи вистински, а луѓето го виделе тоа и го запишале за да го имаме во нашето сеќавање и за да се поучуваат оние кои не биле присутни во тоа време и да се удостоиме со Господовото блаженство дека иако не сме виделе, но сме слушнале и сме поверувале. Меѓутоа, бидејќи не се сите писмени, ниту сите се занимаваат со читање, Отците одлучиле сето тоа да го прикажат со икони заради синоптичко потсетување. Несомнено, иако многу пати во својот ум го немаме страдањето Господово, ние штом ја видиме иконата на Христовото распетие, се потсетуваме на спасителното страдање, паѓаме на земјата и се поклонуваме не на материјата, туку на она што е претставено на иконата, како што не се поклонуваме на материјата од која е изработено евангелието, ниту на метаријата од која е изработен крстот, туку на обликот. Бидејќи по што се разликува крстот на кој не е насликан Господ од оној на кој е насликан? Истото важи и за Богомајката, односно почитта кон неа се упатува на Оној Кој се воплотил од нејзината утроба. Истото е и со иконите на светителите, кои нè поттикнуваат на храброста и ревноста и подражавање на нивните добродетели, а нè поттикнуваат и на славење на Бога. Го изобразуваме Христа - Царот и Господ, не лишувајќи Го од Неговата војска.

Значи, нека знае секој иконоборец дека иконописот е плод и израз на љубовта и ревноста за слава и спомен на Христа или на Неговата Мајка или на кој било светител, заради посрамување на ѓаволот и поразување на неговите демони. И секој кој не им се поклонува на иконите и не ги почитува оние кои се на нив претставени не е ништо друго освен непријател Божји, противник на Христа, на светата Богородица и на светителите, љубител на ѓаволот и на неговите демони, бидејќи се нажалува и протестира поради тоа што Бог и Неговите светители се прославуваат, а ѓаволот се поразува. Иконописот е триумф и објавување во спомен на победата на оние кои постапиле бестрашно. Од друга страна, иконописот претставува срам за победените и исфрлените.

Извор: Скопска епархија

 

Друго:

http://www.prohor.org/%d0%b7%d0%b0-%d0%b8%d0%ba%d0%be%d0%bd%d0%b0%d1%82%d0%b0/#more-155