Одговара: отец Горан Стојчевски

Прашање од Д.: Зошто свештениците земаат пари за извршување на Светите  Тајни кога јасно и недвосмислено е кажано во Св. Писмо:\"На дар добивте, со дар давајте\"?

Како додаток само ќе споделам дека познавам многу парохии (не во Македонија) каде што свештениците не земаат ни паричка за извршување на Св. Тајни и парохиите им функционираат перфектно.Затоа секој одговор од типот на тоа дека парите им се потребни на свештениците да се издржуваат паѓа во вода.Има многу начини со кои на свештеникот може да му биде осигурана месечна плата.


Одговор:


Па, најпрво добро би било духовното да го посееме кај верните, а потоа нема да биде многу ако го пожнееме и „телесното„ како што вели св. апостол Павле, и да бидат верни зборовите на апостолот оној што служи на олтарот да живее од него. Има многу начини за да се регулира прашањето за примањата на свештениците, но оној што засега функционира во МПЦ е врз основа на такси за извршени треби, но најважното во духовниот живот, духовното раководство, исповедта, причестувањето со Телото и Крвта Христови се дава како што е примено, на дар.

 

 Прашање: Зошто многу малку и се оддава важност на Света Лидија Македонска?

Одговор: На сите во кои се прославил Христос, Светата Црква им оддава исто значење и важност, бидејќи нивните имиња за вечност се запишани во Царството Небесно, се зависи од тоа колку е развиен култот кон одреден светител меѓу верниот народ во одредено место, во последниве неколку години колку повеќе се запознаваме изворно со историскиот пат на Црквата во Македонија ќе наидуваме на уште повеќе светители од овој наш македонски простор кој го приведуваат кон вечност, а меѓу нив секако е и св. Лидија.

 

 

Прашање: Како да се однесуваш спрема својот ближен кога ти наесува неправда? Знам дека треба да се молам за неа, знам дека не е Христијански да паѓам во очај и јас да му поставувам прашања на Бога како од типот Зошто Исусе Христе?До Кога Боже?Ќе има ли крај на овие неправди?Зошто ги следи успех само оние кои се хранат со тоа што ќе те повредат,понижат...?Знам дека не трба така и после се молам да ми прости Господ но црвот постои и те јаде секој пат кога ќе помислиш на направената неправда.Мислам дека ќе се разболам од премногу што си ставам се на душа,секој збор што ќе го кажам се плашам да не навредам некого,да не ме разбрале погрешно и се јадаосувам,а тоа ме убива.Ве молам за помош.

Одговор: 

Испитувањето и исповедувањето на нашите постапки кон ближните е секако подвиг кој не води кон вечниот живот во Царството Небесно, а исповедувањето на мислите е повисок степен во нашиот духовен живот за кое секако треба да бидеме повеќе подготвени, па затоа најмногу ќе помогне духовно раководство од духовен отец (свештеник, монах или епископ) без притоа да си ставаме самите на себе бремиња кои не можеме да ги носиме.