prezde.svpetka1.jpg

СМИРЕНИЕТО КАКО ГЛАВНА ЧОВЕЧКА ХРИСТИЈАНСКА ОДЛИКА

Смирението на нашиот Господ Исус Христос за нас несовршените и грешните слуги Негови, треба да претставува синоним за идеална вредност во животот. Имено, од сите работи и животни искуства кои можат да се научат и стекнат во животот, смирението како добродетел е особина која човекот најтешко може вистински да ја спознае и завладее. Затоа, Христовото смирение восхитува. Он го постави смирението на пиедесталот на планот на човековото спасение, како единствено Богочовечко дело, заради што и се воплоти, а се со цел за искупување на паднатиот Адам и неговото потомство. „ »Ете се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат и ќе Го бијат и ќе Го плукаат и ќе Го убијат и на третиот ден ќе воскресне« . »3ашто и Синот Човечки не дојде да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина« " (Мк. 10, 33-34, 45).
Безгрешниот Господ, Создател и Спасител доброволно се облече во грубата и понизна облека на осуденик, за на грешните да им даде поука за нивно смирение. Првородниот грев го избриша мирот од човекот и му даде немир, страв и поголема отуѓеност од Бога. Затоа Тој таа спасителна поука ја започна раѓајќи се од Дева Марија во пештера, а не од белосветска царица во царски дворец. Поради тоа сиот Свој живот се движеше и поучуваше помеѓу обичните и простодушни луѓе, а не помеѓу големците - фарисеите и садукеите, првосвештениците и книжниците, „мудрите" и „философите". Вистинското смирение на вистинските луѓе, неговите следбеници - апостолите и народот, им го покажа со тоа што ги утешуваше презрените и сиромасите. Им се поклони на учениците Свои, миејќи им ги нозете, за на крајот доброволно да ја испие најгорчливата чаша на маките, страдањата и крсната смрт, со Божја љубов и смиреност, мирно примајќи ги врз Себе сите страдања кои Му беа наложени.
А таа Богочовечка смиреност Неговите ученици не можеа да ја сватат и разберат дури и во нејзиниот најголем израз, односно во моментот кога Он во страшнотаинствениот миг на спасителното искупување им го предскажа Своето најголемо понижување. Знаејќи што ќе Му се случи според Својата непроменлива Божествена промисла, Себе Си се виде исмеан, избиен, исплукан и на крајот убиен, распнат на крст во крајно понижување.
Сето тоа го смирено Го прифати, зашто знаеше дека, преку тоа ќе дојде победата над нечестивиот и неговото дотогаш најсилно оуржје - смртта. Главна причина за сето тоа беше Неговата љубов кон своите созданија - луѓето, грешни или праведни без разлика, како што благочестивите родители подеднакво ги љубат своите добри и лоши чеда, настојувајќи да им всадат мир и ред во животот, со кротост и смиреност, настојувајќи да ги насочат кон вистинскиот Богоподобен живот. Затоа на Своите ученици им рече: „И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите" (Мк. 10, 44). Он како прв од вечноста, се претстави како последен, јавувајќи се во светот како слуга и роб, за да послуи со својата служба помеѓу луѓето и повторно да дојде до своето ненадминливо првенство, покажувајќи им го на сите луѓе патот кон благородното спасение.
Значи смирението за сите луѓе е патот кон спасението, зашто првите во овој свет ќе бидат последни во оној (вечниот живот), а последните (понижените и онеправданите) во сегашноста ќе бидат први во вечноста (Мк. 10, 31).     
М-р И. О.