Познатиот академик Владета Јеротиќ, во својата книга „Човекот и неговиот идентитет’’, објасни кои се тие способности кои една индивидуа би требало да ги развие за да се смета за зрела личност.

Колку повеќе незрели личности во едно општество, секако помали се и можностите тоа општество да ги оствари своите цели и да овозможи природен развој на многу потенцијални можности, односно способности кои несомнено се наоѓаат во секој човек.

Денешните психолози и психијатри и кога ги застапуваат различните ставови, се сложија околу некои значајни и за сите луѓе типични критериуми кои можат приближно точно да одговорат на едно тешко прашање: што всушност човекот го прави да биде зрела и интегрирана личност?

Мораме најпрво да појдеме од признатите факти дека нема потполно зрели личности или како тоа стручно се нарекува, личности кои би биле целосно интегрирани. Постојат само степени на зрелост кои повеќе или помалку, се приближуваат на оваа замислена, идеална целина на личноста.

Накратко ќе ги дадеме оние најважни критериуми во психологијата кои ја одредуваат силата на човечкото Јас, односно го покажуваат степенот на неговата зрелост, при што редоследот на овие критериуми не мора да ја означува нивната важност. Се чини дека дури секој од нив има приближно еднаква вредност и еднаква важност.

Злото умира кога се игнорира: 6 вистини на животот кој секој мора да ги знае!

  1. Способност да се љуби некој друг, а не само самиот себе.

Нарцисоидните личности, кога се во состојба воопшто некого да љубат, тие тоа го прават така, што во партнерот се љубат самите себе, и тоа, или себеси од сегашноста или себеси од минатото, или себеси онакви какви би сакале да бидат во иднина. Јасно е дека таквата љубов кон партнерот не е во состојба да се откаже од нешто, што значи да поднесе жртва, принцип на кого се заснова самиот живот и без кого не може да се замисли не само хармонично семејство, туку ни хармонично општество.

  1. Способност на конролирање на сопствените инстинкти и нагони

Управувањето на своите агресивни и сексуални енергии кои ни се биолошки дадени во вид на вродени нагони, започнува многу рано и идниот развој на личноста во голема мерка зависи од тоа колку правилно ги контролираат тие нагони најпрво родителите, а потоа и општеството.

  1. Способност на поднесување непријатности, бол и страдање

Принципот на апсолутно задоволство кон кое, според Фројд, тежи мало дете, и на кој што Фројд со право му го спротистави принципот на реалноста, постојано го демне секој од нас и затоа мора постојано да биде под наша свесна контрола за да не дозволиме други наместо нас да поднесуваат болка и страдање (како синоними на животот). Избегнување на секаква болка, и физичка и душевна, карактеристика е на нашето време, кое и овде ги покажува сите карактеристики на инфантилно назадување.

  1. Поседување зрела, а не инфантилна совест

Зрелата совест се покажува како во толеранција, но и контрола на своите нагонски желби, така и во толеранција, но и будност според барањата на своето морално битие. Незрелата совест, напротив, заснована на закани, страв и чувство на вина, се однесува самата кон себе или кон својата околина садистички или мазохистички.

  1. Умерена агресивност без одговор на гнев и омраза, но и без прекумерен страв

Ако и агресивноста и сексуалноста ни се дадени како суровина кој ја чека својата племенита обработка, тогаш природно е да сметаме на нив и детски е да ги затвораме очите пред овие моќни сили. Потиснатата агресија која не нашла излез во моментот кога тоа било неопходно и според мерата која одговара на ситуацијата и на нашите обврски како етички битија, останува неискористена, дива сила која кога – тогаш мора да се испразни, и тоа најчесто во некоја соодветна ситуација и со зголемен интензитет.

  1. Способност да бидеме независни

Ваква способност поседува само онаа личност која веќе во себе успешно ги развила сите други, претходно споменати способности. Таа е цел и круна на индивидуација и единствен вистински залог, но и услов за слобода. Само независна, односно слободна личност знае за тајната на зрелото однесување каде што се дава ’’Божјото на Бог, а царевото на царот’’.

Секој од нас мора најнапред да одговори на прашањето колку постигнал сам на себе и што до сега сторил со своите вродени и здобиени таленти.

Дури тогаш можеме да се завртиме кон општеството и со право од него да очекуваме поттик за работа.

Не постои зрело општество без зрели индивидуи. А нив не ги создава само општеството, туку и самовоспитувањето. Имено, не постои друга одговорност, како што рече еден наш филозоф, освен самоодговорност.

 

Подготви: Снежана Корнет

18-ти јули 2017 лето Господово

Извор: http://vidovdan.org/2017/07/14/vladeta-jerotic-sest-osobina-koje-imaju-samo-zrele-licnosti/

 

Друго: