- форум мудрости -

Погледни,
Вон тебе ни мудроста Божја не наоѓа израз,
прострена во бескрај и во немоќ вселена.

Образувај се до крштение да заличиш,
воподоби се причесен да бидеш.

Обичните слова, без него не можат да се толкуваат,
а Тоа со нив, не може никогаш да се дотолкува.

Само љубовта е воља, за сопребивање.

Законот е девствен образ,
а љубовта Божјо подобие.

Поредокот е наложен морал,
во стихиите со кои љубовта не е можна,
сходно нејзиното постоење во човекот.

Чест е да си дел од нешто,
кое нема пандан, спроти себе мерка,
ниту век, ниту дострел,
така што честа е целото нешто,
а нештото е се што е.

Мојот пријател, тоа сум јас, мојот ближен, тоа е Господ.
А пријатни се оние, какви што сакаме да сме
и ближни сите, кои сакаат како нив да сме.
Кога ќе сакаме да сме се, за сите со кои сме,
дури тогаш едно ќе можеме да станеме,
за пријателите и за ближните.

Служи им на немоќните,
не и служи на немоќта.
Прифати ги до себе нив грешните,
забрани го за себе нивниот грев,
и наложи си доблести,
заради љубовта која ти е подарена
та да ја загубиш својата
и спасиш благодатната,
во соборното еднодушие.

За да бидеш, треба да си бил,
за да имаш, треба да си дал,
за да љубиш, треба да си најмал.

Како што има оган, каде што има дим,
така има љубов, при молитва.

Љубовта кон Бога е полна и вистинска,
кога е еднаква и неподелена,
за сите луѓе, да бидат Христови.

Нашите дела се плод на Божјата љубов,
одобрување на нашата вера,
во одговор на нашата надеж.

Човек, човеку, Христос.

Оној си, кому секогаш и секаде си му се.
Не си роден личен, но си само створен склон,
затоа што сакаше да ја испиташ убавината,
сопоставувајќи и ја во себе грдоста.

Животот и знаењето се неделиви.

Немаме живот, а само можност
да изразиме желба за Него.

Симболиката во изразот,
извира низ свеста,
од слободата на која и припаѓаме.

Достоинството на образите,
го објавува животот,
што во нив пребива.

Можеш да бидеш тоа,
што на Бога му даваш,
и што сакаш, од Бога да ти биде.

Господа,
не можеме да го познаеме каков што е,
а само таков, какви што сака да бидеме.

Немоќта за простирање,
се нарекува време.

Сета шир во која сме вселени,
е нашето неизвесно минато,
од каде сме изгонети.

Човекот владее со суштината
и може се да постави,
во добра причина.
За тоа да го стори,
потребно е да заљуби,
самиот да го допре вистината.

Нема радост, нема среќа, но има полна утеха.

Единството е извор на благобитно разделување.

Името е седржител на постоењето,
зошто во него стојат,
мудроста, знаењето и делата,
како во љубовта,
покајанието, молитвата и жртвата.

Човекот, како мерка Божја,
самиот нема земен пандан,
и може да биде одмерен,
единствено во животот Божји,
Кој пребива во Црквата.

Човека помагај,
Богу надеж давај.

Кога би можеле да сепостоиме,
времето, просторот и појавите
би биле релативни во однос
на нашата добра волја.

Неизцрпното содржење во знаењето,
се доживува како небесна убавина,
а таквото знаење, се нарекува мудрост.

Надворешно ги досегаме само нештата,
кои веќе оживеале во нас.

Душата е словестна,
а телото словоносно.

Преубав јазику,
објасни ми зошто,
постојано се наоѓам,
на(д)вреден?

Жената не умее потполно да се кае,
та мора повеќе да пази на светоста.

Жената и мажот,
токму чинат една душа,
како срцето и умот во секој човек.

Секое постоење е заедница.

Глупоста ги заробува,
трагачите по знаење,
надвор од убавината.

Љубовта е единствениот благ раствор,
од стравопочит и страсни желби.

Веќе ништо не е,
се само некако изгледа.

Вистински предмет на нашата волја е гревот,
содржан во прифаќање или отфрлање,
на единствената и неменлива Божја волја,
во личноста на Неговиот Син.

Границите на слободата,
лежат по бреговите на животот.

Најголемите дарови,
речиси немаат вопотребна вредност.

Делото на секој човечки живот,
е припадот кон општежитие.

Ликот е несодржив во своите својства,
туку невместливо и всецело пребива,
во ликовите на своите верни поклоници.
Негови иматели и вистински љубовници,
не се држателите на Неговите својства,
туку верните и безпорочни следбеници.

Прозбата, всушност е приговор,
иманентен на правото,
не и на молитвата.

Природните чинови,
изразуваат недоветни подобија,
на единородните образи.

Разумот е вештествен образ на умот,
обштост и домен на неговата уметност.
Тој чиноначелствува со нашето битие,
со власт да свештенодејствува,
во чест на својот господар.

Прелеста,
ни дава право на благодатта
и власт врз љубовта.

Вечноста не е траење,
туку полнота на доживување.

 


Соработник на Премин Портал