„Ти ја заврши трката на свештените страдања и, одејќи кон небото, венценосец нераспадлив се покажа, и се јави како патник благопријатен, Георгие, и со ангелите ликуваш: Да Му пееме на нашиот Бог, зашто се прослави“ (песна од Канонот на Утрена на св. вмч. Ѓорѓи).

На 06.05.2018 година, на денот кога го прославуваме свештениот спомен на светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

 Како што бистрата изворска вода ги напива, како разумните така и неразумните и ја гаси нивната жед, така и бистрината и чистотата на Христовата наука подеднакво ги напојува сите жедни. Како што ги напојува Јудеите, така ги напојува Елините и многу други јазичници. Христовата жива вода ја напоила и денешната самарјанка, за којашто ни зборува денешното неделно евангелско четиво.

 

Митрополит Тимотеј

Христос Воскресе!
Драги браќа и сестри,


Самарјаните се Авраамови потомци. Тоа име го добиле по планината Самор и истите биле потценувани од страна на Јудеите. Не се мешале помеѓу себе и немале никакви допирни точки, како во обичниот, така и во верскиот живот. Но, Господ Исус Христос проповедајќи го Евангелието по сите села и градови, така, отишол и во Самарија и седнал кај Јакововиот бунар, да се одмори од долгиот пат. Кај бунарот била и една жена Самарјанка, која дошла да наполни вода. Христос ѝ побарал вода да се напие и да ја изгаси својата жед. Но, жената одбила тоа да го стори, правдајќи се: „Како ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?" (Јн. 4, 9). Од ова гледаме дека жената Самарјанка не била проста и глупава, туку, напротив, била добар познавач на односите помеѓу Јудеите и Самарјаните. Таа знаела дека Јудеите се гнасат од Самарјаните, но, Христос ѝ вели: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: Дај Ми да пијам – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода" (Јн.4, 10).


Дијалогот помеѓу Господа Исуса Христа и жената Самарјанка продолжува и понатаму. Но, да се задржиме на зборовите: Жива вода од која не се жеднее. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, жива вода го нарекол Своето учење. Како што водата ги мие различните нечистотии, гасне пожари, така, и Христовото учење ги очистува гревовите и телесните страсти. Жива вода се нарекува и благодатта на Светиот Дух, бидејќи кога ќе слезе од небесните облаци на земјата, го оживува целиот свет. Покрај тоа што различни растенија покажуваат различни плодови и различни бои, смоквата – благост, пелинот – горчливост, трендафилот – црвена боја, кринот – бела, а другите растенија најразлични вкусови и бои, така, Светиот Дух, кога ќе слезе од небото, иако е еден, се разделува на разни дарови.


Светиот Дух се нарекува уште и оган, затоа што огнот извршува различни нешта, односно, топли, гори, свети и очистува. Светиот Дух ги просветува верните, ги гори гревовите и ги очистува душите на луѓето. Тоа е живата вода Христова, за која што Самарјанката не разбрала, па затоа, Го прашала Господа Исуса Христа од каде ја зел водата, бидејќи немал со што да нацрпи: „Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!?"(Јн. 4,12). Христос тука не се гордее, туку, вели дека Он е Самиот Бог. Христос сака да ѝ каже: „О, жено, не се чуди на Јаков кој ви даде гнила вода, туку, чуди се на Мене, зашто ќе ти дадам жива вода која го води човекот во вечниот живот и постанува извор во срцето негово". Тогаш жената побарала да ја напои со таква вода и да не се мачи повеќе да доаѓа на бунарот да црпи вода и да се мачи. Но, Господ Христос таа благодат посакал да ја даде и на нејзиниот маж, па и рекол да го повика својот маж. Таа Му одговорила дека нема маж. Господ Исус Христос, како сезнаен Бог ѝ одговорил: „Право кажа дека немаш маж, зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече."(Јн.4, 17). Тогаш таа признала дека навистина пред неа е пророк, кој знае сѐ за неа, но, жената покажува голема разумност, не побарала богатство и чест, туку, покажала интерес за верата, па затоа кажала: „Нашите татковци се клањаа во оваа планина", на која што Авраам сакал да го принесе на жртва својот син Исак, „а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме" (Јн. 4, 20). Тогаш Христос ѝ рекол: „Жено, верувај Ми дека доаѓа време кога ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот. Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во Дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат" (Јн. 4, 21 и 23). Христос тука зборува за вистинското поклонување на вистинскиот Бог. Поклонување со дух и со душа. Затоа, ние, христијаните не се поклонуваме на Бога на едно место како Евреите во Ерусалим или, пак, Самарјаните во Самор, туку, по целата вселена, каде што има христијани. Затоа Бог не бара од нас жртви сепаленици, туку, бара „смирен дух, срце понизно и смирено"(Пс. 50, 17).


Преку ова евангелско четиво, нашата света Црква нѐ поучува, дека пред Бога сите луѓе се еднакви и нема никакво значење дали некој е од царски род, или, пак, од најсиромав. За Бога нема важност дали некој е од учен или од прост род. Сите сме Негови деца и подеднакво сме одговорни за својот живот. Доколку искрено веруваме во Бога и Му се обраќаме со молитва за помош и поткрепа во нашиот секојдневен живот, подеднакво ќе ги добиеме благодатите Божји. Само со таква вера и со скрушен дух ќе можеме да се надеваме на милоста Божја. Само со таква вера ќе можеме да се напиеме од живата вода од којашто не се жеднее, од водата за вечен и блажен живот.


Ние денеска, исто така го прославуваме и светиот великомаченик Георгиј Победоносец, кој го жртвувал својот живот за науката Христова, но, со тоа спечалил вечен живот во царството Христово, од каде што им помага на сите христијани, кои со вера, надеж и љубов му се обраќаат за помош.


Свети Георгиј, моли Го Бога за нас. Амин.



 

 

5. недела по Воскресение – на Самарјанката
06. 05. 2018 год.
Храм „Св. вмч. Георгиј" – Охрид

 

Повеќе:http://www.dke.org.mk/index.php/3083-2018-05-06-10-24-43