Повеќе:

http://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/2017-balaklija/

 

Твојот извор, Дево, сите ние го гледаме како нов Силоам, кој ослободува од болести, бидејќи на слепиот му се враќа видот, и сите ние примаме здравје за нашиот живот, постојано.

    Тропар од канонот на празникот

 

Денес го величаме чудотоворниот источник на Онаа Која и самата е непресушен источник на благодат и поток на сладост неискажлива. Се поклонуваме пред нејзиното милозливо, мајчинско срце од кое непрестајно се точат умилителни молитви за нас, тешко заболените од гревот и страстите, давајќи ни исцеление на душите. Го славиме и возобновувањето на нејзиниот велелепен храм во кој многу и необични чудеса станале и многу исцеленија од смртоносни болести се посведочиле. Оти, како што вели црковниот поет, На оние што пристапуваат со љубов, животочниот кладенец на бесмртниот Извор изобилно им дава неисцрпни исцеленија. Затоа, ние коишто сме осквернети од страсти, да притрчаме кон Отроковица и да ги измиеме.

 Во ова светло, петочно пасхално утро, Бигорската света Обител за миг се претвори во благодатна фонтана на радоста, каде присутните верни изобилно се насладуваа од силните изблици на пасхално веселие и благодат од таинственото присуство на Изворот на жива вода што мајчински љубовно ни ги погали душите. И природата побрза да ја сподели радоста на чудесната пасхална литија во чест на Живоносниот Источник – Балаклија, учествувајќи со веселото пеење на птиците и жуборот на водите и со блескавата светлина на празничното небо. Учествуваа во радоста и многубројните Светии, пред чии мошти складно наредени во манастирскиот двор се поклонуваа верните, додека воздухот се прелеваше од разнобојните цветни латици што уште повеќе го украсија овој свечен миг. Сѐ се претвори во една небоземна хармонична пофалба кон Онаа Која како извор ни Го истече Словото ипостасно, а и сега не престанува да ги лекува сите што пристапуваат кон неа за да нацрпат благодат од водата на спасението. Трогнати од денешната нежна Богородична прегратка, со восхит воскликнуваме:
Радувај се, извору на радост непрестајна! Радувај се, потопување на секакви страсти! Радувај се брану, кој лекуваш различни болести! Радувај се, од Бога излеана бањо и нектару! Радувај се, водо спасителна!

 

 

Повеќе:

http://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/2017-balaklija/