Воочи празникот на свети Василиј Велики, најмалите од с. Водоча, кои ги посетуваат часовите по веронаука што со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум ги одржува о. Григориј Јакимов, ги поздравуваа жителите на селото со радосниот поздрав: Христос се роди!, и рецитираа стихира од Вечерната служба на свети Василиј Велики.

На денешната Литургија се причестија со Светите Христови Тајни, а во спомен на чудото на свети Василиј Велики, о. Григориј на сите деца им раздели од лепчето со паричка.

„Сѐ во Црквата е соборно-лично (љубовно и слободно) и може да се организира само во заедница. Како што лепчето со паричката нема смисла да го дели или крши само еден човек, така и благословот на свети Василиј не може да биде само за еден човек – тој кому му паднала паричката, туку е за сите што учествуваат во она што се организира во негова чест и во негов спомен.“ (Митрополит Струмички Наум)

 

 Извор: Струмичка епархија