Скопје, 4-ти октомври 2015 год.- храм на св. Јован Крстител

 

 

  На 4-ти  октомври  2015 година,  кога Светата Црква  молитвено  го прославува споменот на   Собор на сите македонски Светители; Св. ап. Кодрат ,   во овој  храм на св. Јован Крстите,  во скопската населба Капиште,  свештеникот   Зоран Велковски во сослужение на ѓаконот Слободан Сарделиќ  одслужи  Божествена Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

 

 

 

 БЕСЕДА

о. Зоран Велковски:

ОСУМНАЕСЕТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Благочестиви христијани драги браќа и сестри, секој од нас сака да успее во овој живот, секој посакува зад себе да има успешна кариера, добро семејство, убаво воспитани деца, сигурна работа. Сите ние се трудиме добро да го осмислиме својот живот и да достигнеме успеси благодарение на нашиот ум и разум на сопствените сили и способности, без помош од Господа Бога и неговиот благослов.

Но токму исклучувањето на Бога и Неговиот благослов од нашите животни активности е причина за нашиот целосен неуспех. Ние успехот го немаме, бидејќи не го бараме на вистинското место. Во контекст на ова, светиот апостол Јаков говори „ Посакувате и немате, а немате бидејќи не молите. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти ,,(Јак. 4.. 2-3)

Ист таков успех сакале да постигнат и светите апостоли, кои едни, според својот обичај ги фрлале рибарските мрежи во Генисаретското езеро, но цела ноќ ништо не уловиле. Кога Господ Исус Христос го видел тоа, им рекол повторно да ги фрлат мрежите. Апостолите го послушале, ги фрлиле своите мрежи, па уловиле голема количина риба, та дури и мрежите им се скинале. Иако тие цела ноќ се труделе нивниот риболов да биде успешен, иако времето било благопријатно, иако езерската вода била мирна и погодна за богат лов, сепак нивните мрежи останале празни. Очајни од ваквиот резултат тие се пожалиле на Спасителот „ Наставниче цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме!,, Но кога по наредба на Спасителот ги фрлиле мрежите и кога сватиле колку вреди и значи Божјиот збор, тогаш се сетиле дека не смеат да работат ништо без Божјиот благослов. Ова е доказ и за сите нас колку многу значи Божјиот благослов, без него сите наши животни активности пропаѓаат. Не треба многу сила или напор да се вложува, ако пред секое започнување на било каква активност, се прекрстиме, се помолиме и да речеме ,,Господи благослови го мојот труд,, сигурно многумина од нас тогаш го почувствувале Божјиот благослов.

Царот и псалмопејач Давид говори: „Ако господ не ја изѕида куќата, залудно ќе се трудат градителите нејзини, ако Господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата. (Псал. 126-1).
Но уште еден момент од денешниот евангелски настан ни остава длабок впечаток. Апостолите иако ловеле цела ноќ и ништо не уловиле тие не паднале со духот, не се предале на мрзеливост, туку со трпение продолжиле и следната ноќ, па Господ откако го видел таквото трпение ги наградил со голем успех.

Евангелието ни сведочи дека Христос влегол во Петровиот кораб и му наредил на Петар да се оддалечи од брегот па почнал да го поучува народот од коработ. Христовото словесно семе се сеело наоколу и се таложело во човечките души, кои го слушале. Петар тогаш и не забележал што говори Христос, но кога спасителотму рекол: „Заплови во подлабокото“, па кога собрал огромен лов на риби, дури тогаш петар го почувствувал плодот од семето на Христовите зборови. Тогаш Петар почувствувал страв, но ја почувствувал и својата ништожност пред Христа, па затоа рекол:,,Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!“. Но Христос го смирил:,,Не бој се! Од сега ќе ловиш луѓе!“. Од сега нема да ловиш риби туку во големата Господова мрежа ќе ставаш живи човечки души кои ќе ги извлекуваш од бурите, од секојдневните несреќи и искушенија воведувајќи ги во спокој. И навистина Петар оставил сè и тргнал по Христа.
Затоа да не се плашиме туку да сееме врз сите срца, зашто ни претстои да собереме богата жетва, иако и семето и жетвата е Господова. И навистина ќе дојде време за кое и во Евангелието се говори, дека заедно ќе се радуваат и оној кој сее, но и оној кој ја собира жетвата. Амин!

 

 

 

 

 Preminportal (к.т)