02.jpg

Свв. Кирил и Методиј – рамноапостолни благовесници на Христовата љубов и мир

03.jpg

11/24 мај 2015 лето Господово

Со Своето сесветло Воскресение и преславното Вознесение, нашиот Спасител Господ Исус Христос стави печат и ја заврши Своја искупителна мисија на земјата. Како Цар над сите цареви, Он целосно завладеа во срцата на Своите ученици – апостолите. Но тоа Царство Негово требаше да се прошири и по целата земја, за сите народи да ја видат вистинската светлина на богопознанието.

Токму затоа, после светата Педесетница, кога им го даде Светиот Дух на апостолите, Он ги испрати по светот, во земји непознати и туѓи, духовно мрачни и пусти, за во нив да го посеат семето на верата, да го распределат богатството на благодатта, да се умножи благообразието, да се јави светлината, да се познаат таинствата, насекаде да биде проповедана силата на горното Царство. Како јагниња среде волци, се подложија на секакви опасности Христа ради, трпеа секакви маки, како што самите велат: „ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов, но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нè укоруваат, ние благословуваме, а кога нè гонат – трпиме; кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе“ (1 Кор. 11-13).

Така било тогаш, така е и во поново време. Бог постојано си избира Свои садови за од нив да го излее Своето благо и спасително слово, па да допре светлината и таму каде што апостолите не стасале што поради долгиот пат, или поради многуте други поблиски земји што требало да се просветат. Такви сотрудници на апостолите и незгасливи светилници на големиот словенски род се и светите славни и сефалени, рамноапостолни отци, учители и духовни татковци наши, божествените Браќа Кирил и Методиј, кои Црквата православна денес ги слави. Тие, откако го примија од Бога дарот на Духот, и бидејќи послушни и смирени синови на светата Мајка – Црквата, како нови апостоли тргнаа по нивниот пат и положија темел на верата среде народи варварски, непросветени и диви, „и насекаде го растераа мракот на незнаењето, излевајќи духовна сладост од усните... И се јавија тие како разрушители на секакво паганство, непријатели на еретиците, изгонители на бесовите, светлина на помрачените, учители на младите...“ Не со меч и оган, туку со неодоливата сила на љубовта Христова, со словото Божјо, со неискажливо смирение, со проповедта на мирот Божји, ги освоија оние коишто живееја во „темнина и смртна сенка“, па тие доброволно станаа поданици на Царството Христово. И ете, на темелот кој тие богомудро го положија се издигна моќна духовна градба, како блескаво и неизбришливо сведоштво на верата и љубовта во Троичниот Бог.

Дел од таа непобедлива тврдина на верата е и нашата света Бигорска обител, зашто и нам, нивните смирени духовни потомци, ни се даде светото завештание, колку што можеме, да го следиме нивниот добар подвиг. Токму затоа нивниот спомен силно го просветлува нашиот манастир и нѐ побудува најпразнично да го славиме денот на нивното торжество. Благодатно прегрнати од нивната татковска закрила, со сето срце се внесовме во оваа сеноќна молитва во нивна чест, со топла благодарност за сите духовни плодови што ни ги оставиле во наследство, за нивните најусрдни татковски посредувања пред Бога за нас, грешните, и за целиот словенски род.

„Преподобни и вистински пастири, молете се непрестајно и срдечно за вашето избрано стадо, прогонувајќи ги нашите страдања и избавувајќи нѐ од беди и неволи. Просветлете ги очите н нашите срца и поткрепете го нашиот ум, за да ги следиме достојно вашите стапки. Земајќи ги на себе нашите слабости, дајте ни сила одозгора, та откако ќе поживееме достојно во Христа, да бидеме наследници на вашите подвизи и проповедници на правата вера што сте ни ја предале, та сите едногласно да Го прославиме Трисветиот Бог – Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, секогаш, и во веки веков. Амин“ (Извадок од Пофалното слово за свв. Кирил и Методиј од св. Климент Охридски).

04.jpg

06.jpg

08.jpg

09.jpg

10.jpg

14.jpg

15.jpg

16.jpg

17.jpg

Извор: Бигорски манастир