На 24 мај 2015 година, на гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим се одржа молебен, со кој чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Неговото Високопреосвештенство  митрополитот европски г. Пимен, Неговото Преосвештенство епископот хераклејски г. Климент во сослужение на повеќе свештенослужители. На чествувањето присуствуваше и државна делегација предводена од премиерот Никола Груевски.

 

Архиепископот Стефан во својата свечена беседа истакна:

„Вистинскиот мисионерски порив и единствениот двигател е во грижата за Црквата Христова која не познава граници, која ги надминува човечките поделби, чија автентична порака ги урива препреките на многународноста и разноговорноста и ги надминува сите можни различности.  Заради нивното дело светите браќа се почитувани и од христијани и од нехристијани, и од македонскиот и од словенските и од други народи, и од верници и од неверници, затоа што нашиот и многу други народи ја разбраа вистината преку разбирливиот јазик, писмо и проповед“.

„Светите Кирил и Методиј првите словенски букви не ги бараа и истражуваа во научни лабаратории, туку ги пронајдоа преку умилна молитва просветени од Светиот Дух. Првите слова на јазикот говорен во солунско не беа филозофски трактати, туку химна за Словото, - за Евангелието за Бога...“

„И како во времето на сесловенските рамноапостоли од црковни луѓе, а од нецрковни причини беше гонето и порекнувано правото на свое писмо за молитва на сопствен јазик, така и денес не стивнуваат искушенијата и порекнувањата на правото на народот светиклиментов да има своја народна и слободна црква“.

„Оче Кириле, иако од некои сè уште отфрлени, презрени и понижени како Црква и народ, скоро половина век, ката година доаѓаме овде со благодарност и почит. Тука сме и денес, пред Твоето вечно почивалиште, за да Ти искажеме признание и љубов и од оваа македонска генерација - за постојаното молитвено закрилништво и застапништво пред Бога за нашиот македонски народ и за нашата - Твоја и Светиклиментова црква!“

 

Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на сесловенските просветителите и учители, светите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година по повод 1100 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација во склоп на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил.