Библијата воопшто нема за цел да укаже на начинот како е создаден светот и човекот, туку дека овој свет има свој Творец, тоа е главната цел. Бог твори од љубов, а „љубовта е самиот живот на Света Троица„, вели свети Григориј Ниски. Бог љуби и твори, останува на нас дали ние таа љубов ќе ја возвратиме во Христа или ќе ја одбиеме во себе. Да бидеме ли сотворители во љубовта Божја или сотворители во гордоста човечка? Првата пресоздава и сè ново создава и созданието е украс (космос), а второто, го троши создаденото и од созданието прави хаос.


“Што може да биде нешто по бедно и побезумно од луѓето кои дрско тврдат дека целото постоење настанало само од себе и целото создание го лишуваат од Божјата промисла? Како би било можно стихиите да не се управувани од Господарот и Заповедникот на вселената? И бродот не може да плови по морските бранови без кормилар, ниту војникот не прави нешто без дозвола од својот командант, а камоли овој свет и ова устројство на стихиите да постојат сами по себе, случајно, без Оној кој ги управува сите и со Својата мудрост ги одржува? Зошто повеќе се трудиме да го објасниме тоа и да го докажеме тоа што е видливо и за слепите? Ние нема да престанеме да им го изложуваме учењето од Светото Писмо; ќе ги употребиме сите можни методи како би ги оддалечиле таквите луѓе од заблудата и би ги приближиле кон вистината. Иако тие се робови на заблудата, сепак и тие имаат иста природа како нас и поради тоа треба да се грижиме за нив и со големо внимание да правиме се што е наша должност, да им го дадеме потребниот лек за и тие да бидат здрави. На Бог ништо не му е помило од спасение на човековата душа. Поради тоа Он ја создал оваа природа, поради тоа создал се за нас - да не би не погубил или казнил, но да би не спасил и ослободил од заблуди и да ни дари среќа во Царството небесно”. – св. Јован Златоуст.