1. Светото Писмо донекаде е биографија на Бога во овој свет. Во Светото Писмо Неопишливиот делумно се опишал Самиот Себе.

2. Светото Писмо на Новиот Завет е биографија на овоплотениот Бог во овој свет. Во него е опишано како Бог Отецот, да би им се открил на луѓето, Го испратил Бог Логосот (Словото/ Јован. 3, 16) Кој овоплотувајќи (вотелувајќи) се стана човек и како човек им соопшти на луѓето се’ што Бог има и каква е Божјата волја за овој свет и за луѓето во него.

3. Бог Логосот (Словото; Единородниот Син Божји; Исус Христос) на светот му го откри Божјиот план за светот и Божјата љубов кон светот.

Бог - Логосот со зборови им Го опиша Бога на луѓето, онолку колку што Бог може да биде опишан со зборови. Се’ што треба да знае овој свет и луѓето во него - Господ го има кажано во Светото Писмо.

На сите прашања Тој има дадено одговор. Нема прашање кое може да ја мачи човечката душа, а на него да не е даден посреден или непосреден одговор. Луѓето не можат да измислат повеќе прашања отколку што има одговори во Светото Писмо. Ако не најдеш одговор на некое прашање- тоа значи дека или си поставил бесмислено прашање или не знаеш да го читаш Светото Писмо и од него да го извлечеш одговорот.

4. Во Светото Писмо Бог има дадено одговор на најтешките филозофски прашања:

-. Што е светот, од каде е, зошто постои и како ќе заврши?

- . Што е човекот, од каде доаѓа, каде оди, од што е, зошто е и како ќе заврши?

- . Што се животните, што се билките, зошто се и за што служат?

- . Што е доброто, од каде доаѓа, кон што води, зошто е, како се стекнува?

- . Што е злото, од каде е, како постои, зошто постои и како ќе заврши?

- . Што значи да се биде праведник, а што значи да се биде грешник, како од грешник се станува праведник и од праведник - грешник, како се служи на Бога, а како на ѓаволот; целиот пат од доброто до злото, од Бога до ѓаволот?

- . Се’ од почеток до крај, целиот пат на човекот до Бога, од зачнувањето до воскресението од мртвите?

- . Што е историјата на светот, историјата на небото и земјата, што е историјата на човештвото, нивниот пат, цел и крај?
Се’ што требало човек да знае, е кажано во Светото Писмо.

5. Биографијата на секој човек - буквално секој, без исклучок - е во Библијата. Во неа секој од нас може да се пронајде себеси портретиран и детално опишан; сите оние доблести и маани кои ги имаме, кои можеме да ги имаме и кои не можеме да ги имаме.

Во Светото Писмо ќе ги најдете патеките на душата, патеките од гревот до безгрешноста. Ќе го најдете целиот пат од човекот до Бога и од човекот до сатаната. Ќе најдете начин како да се ослободите од гревот; ќе најдете историја на гревот и грешноста и целата историја на правдата и праведниците.

Ако си тажен - во Светото Писмо ќе најдеш утеха. Ако си ожалостен - во Светото Писмо ќе најдеш радост. Ако си гневен - во Светото Писмо ќе најдеш утеха. Ако си сладострастен - во Светото Писмо ќе најдеш целомудрие. Ако си немудар - во Светото Писмо ќе најдеш мудрост. Ако си зол - во Светото Писмо ќе најдеш добрина. Ако си злочинец - во Светото Писмо ќе најдеш милост и правда. Ако си човекомразец - во Светото Писмо ќе најдеш љубов. Во Светото Писмо ќе најдеш лек за сите твои пороци и маани и храна за сите твои добродетели и подвизи.

Ако си добар - Светото Писмо ќе научи како да станеш подобар и најдобар. Ако си чувствителен ќе те научи на ангелска нежност. Ако си паметен ќе те научи на мудрост. Ја љубиш ли убавината на стилот и зборовите - нема поубава и подопирлива од делата на Јов, Исаија, Соломон, Давид, Јован Богослов и апостол Павле.
============
Овде музиката, ангелската музика на вечната Божја вистина се облекла во човечки зборови.
============

6. Колку повеќе го проучуваме Светото Писмо - толку повеќе наоѓаме причини за уште подолго и непрекинато да го проучуваме. Според зборовите на свети Јован Златоуст - проучувањето на Библијата е како миризлив корен кој се’ повеќе мириса колку што повеќе го триеме.

 

Избор од ФБ на :

о.Ивица Тодоров