Свети Макариј Велики


Состојба на подвижништвото     


е)  Заради оваа цел, христијанските подвижници се трудат да не отстапат со својот ум од Господа; својата внатрешност да ја пазат средена, како што кормиларот управаува со својот брод или коларот со своите коњи.


221.  Бог е неискажлив и безграничен. Он е насекаде: и во планините, и во бездните, не преминува од место на место како што ангелите слегнуваат од небото на земјата. Он е и на небото, Он е и овде. Ако Го бараш Господа во длабочината, ќе Го најдеш и таму како прави чуда. Ако Го бараш во јама ќе Го најдеш и таму среде два лути лава како го запазува праведниот пророк Даниил. Ако Го бараш во огнот, ќе Го најдеш и таму – заедно со пророкот Илија и големиот Мојсеј. Господ е насекаде: и под земјата, и над небесата и во нас и насекаде.

222.   Христијанинот е должен секогаш да си спомнува за Бога зашто е напишано: „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце“ (5. Мој. 6, 5), а не само тогаш кога влегуваш во молитвен дом; љуби Го Господа и тогаш кога патуваш, и тогаш кога разговараш, и тогаш кога јадеш и пиеш. Секогаш спомнувај си за Бога, љуби Го и биди приврзан кон Него. Зашто Он говори: таму каде е твојот ум, таму е и твоето сокровиште (Матеј 6, 21). Она кон што е приврзано срцето на човекот, кон што го влече неговата желба, тоа станува негово божество. Ако срцето секогаш копнее по Бога, тогаш Бог е Господар на тоа срце. Кога фрлиме суви прачки во оган, тие не можат да ѝ се противстават на огнената сила, туку веднаш изгоруваат, така и демоните кога сакаат да го нападнат човекот што се удостоил со даровите на Светиот Дух, биваат изгорувани и уништувани од божествената огнена сила. Човекот треба секогаш да биде прилепен кон Господа и само во Него да се надева. Демоните, иако се моќни и неразнишливи како карпестите планини, сепак нив ги изгорува и уништува силата на молитвата и ги стопува како што се топи восокот пред силата на огнот.


223.  Божјите светии понекогаш седат крај прозорците на овој свет и ги гледаат неговите измами. Нивниот внатрешен човек разговара со Бога и се распрашува за она што станува во светот. Луѓето од овој свет се подложни на влијанието од страна на духот на лагата и мудруваат на овоземен начин. Христијаните имаат волја согласна со Божјата волја; нивниот ум е поинаков. Тие се жители на другиот свет – на небесниот град. Божјиот дух општи со нивните души.

 

224.  Свети апостол Павле пишува: „И така, мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите раце без гнев и сомневање“ (1. Тим. 2, 8), зашто, според Евангелието, човечките помисли излегуваат од срцето негово (сп. Матеј 15, 19). Затоа, пристапувај кон молитвата, внимавај на своето срце и на својот ум, копнеј по тоа, твојата чиста молитва да се издигнува кон Бога. Особено внимавај на тоа што ѝ пречи на молитвата, дали е таа чиста, дали твојот ум е исполнет со Господа така – како што умот на земјоделецот е исполнет со земјата, како што умот на сопругот е исполнет со мислата за својата сопруга, како што трговецот размислува за својата трговија. И кога коленичиш за време на својата молитва запрашај се, дали твоите помисли не талкаат на друго место.
    


225.  Напишано е: „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце“ (5. Мој. 6, 5). И ти говориш: Јас Го љубам, јас Го имам Светиот Дух. Но дали е точно, дека ти си спомнуваш за Господа, дека Го љубиш, дека Му припаѓаш? Дали си приврзан за Господа дење и ноќе? Ако имаш ваква љубов ти си чист. А, ако ја немаш, тогаш кога настануваат земните грижи, нечистите и лукави помисли, запрашај се: дали навистина сето тоа е така и дали твојата душа копнее по Божјата љубов и Му е верна на Бога? Зашто мислите на овој свет го расејуваат човечкиот ум, не му дозволуваат да Го љуби Бога и да си спомнува за Него. Често и оној човек што е духовно непросветен почнува да се моли, коленичи пред Бога и неговиот ум се смирува; и доколку ја отстранува од себе демонската злоба се вдлабочува во Божјата милост, дотолку од него се оддалечува демонската темнина, и таквиот човек духовно прогледува и добива божествена мудрост, која не можат да ја придобијат силните, мудрите и учените на овој век тие не можат да навлезат во длабочината на човековиот ум, зашто Него можат да Го познаат само оние, што се исполнети со Неговите тајни.

226.  Кога гори оган, под казан и почнеш да го засилуваш со додавање на суви дрва, она што е во казанот почнува силно да врие како последица на засилениот оган. Ако не се грижиме за огнот, ако не му додаваме дрва, тој постепено ќе намалува и најпосле сосема ќе изгасне. Ако се молиш, мислите предај Му ги на Христа. Тоа е слично со додавање дрва на огнот, кои се разгоруваат од дрвата што горат. На тој начин и твојата молитва потонува во Божјата љубов. Духот, иако се оддалечува и бива како да е надвор од тебе, сепак знај дека е во тебе, а се јавува надвор од тебе. Ако некој стане невнимателен, макар и кусо време ќе им се предаде на светските работи и почне да се расејува, тогаш гревот пак се враќа – се внедрува во твојата душа, се облекува во неа и почнува пак да те измачува. А душата си спомнува за изминатиот спокој и почнува да тажи и сѐ почесто да страда.

227.  Тогаш умот одново се обраќа кон Бога, одново почнува да се приближува кон Него и некогашниот спокој постепено се враќа во него. Тој почнува посилно да Го бара Бога и да говори: „Ти се молам, Господи!“ На Тој начин постепено се додва оган во неговата душа, и таа се разгорува и успокојува. Без ова, односно, ако душата не би ја знаела горчината и смртта, како би знаела да го разликува горчливото од слаткото, смртта – од животот – како би можела да Му благодари на животворниот Отец и на Неговиот Син и на Светиот Дух?

228.  Како што на коработ, ако е добро опремен, со целата посада управува капетанот на бродот: тој на секого му кажува и му наредува што треба да прави; така и нашето срце има свој раководител и заповедник – тоа се умот и нашата совест, како и нашите помисли, кои нѐ осудуваат или оправдуваат. И светиот апостол пишува и вели: „Нивната совест им сведочи за тоа и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат“ (Рим. 2, 15).

229.  Како што колата, дизгините, коњите и сѐ друго се наоѓа во рацете на кочијашот: и каде што сака тој – таму оди колата, кога сака, колата вози со најголема брзина, кога сака – ја успорува, ја свртува накаде што сака и кога сака – ја враќа назад. Целата кола е во негова власт. Така и човековото срце има многу природни помисли, кои се тесно поврзани со него, а умот и совеста му даваат совети и усмерувања. Тие ги смируваат и скротуваат природните помисли кои настануваат во нашето срце. Иако е душата една, во неа има многу составни делови.
 


230.  Луѓето, кога ги впрегнат коњите во своите борни коли и седнат во нив, тие ги устремуваат против непријателските војски и се трудат да ги уништат и да ги победат. И човековото срце е слично на бојно поле: во него се борат лукавите духови и ја напаѓаат човековата душа, а Бог и ангелите го следат подвигот на душата. Освен тоа, и самата душа секој миг раѓа нови помисли, а и духовите на злобата ѝ внушуваат грешни мисли. Зашто душата има многу свои скриени помисли; таа ги раѓа и создава, а и духовите на злобата постојано со разни свои помисли ја напаѓаат нашата душа. Нашиот ум е како јавач и кочијаш, кој ја управува колесницата на нашата душа, тој ги притегнува дизгините на нашите помисли и се устремува против колесниците на сатаната. Ова истото го прави и сатаната против човечките души.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подготви: Т.С.