230.
Помислувајќи за тоа колку е издигната нашата природа со вознесението на Господа, да не дозволиме да ја помрачиме со нашето недостојно живеење.

Празникот на празниците за нас и празникот на Вознесението на нашиот Господ Исус Христос, кој е пред нас, кој претставува голема и натприродна тајна, зашто нашата телесна човечка природа е издигната зад пределите на видливото небо, како што е напишано: „Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживе со Христа Исуса (по благодат сте спасени); и не воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса“ (Ефес. 2, 4-6). „Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави глава на сите во Црквата, која е Неговото тело, полнота на Оној, Кој исполнува сѐ во сѐ“ Ефес. 1, 20-23). Гледате ли на каква висока слава е издигната човечката природа? Зар не е издигната од земјата на небото? Зар не од гниежливост во негниежливост? Колку некои луѓе се трудат да им станат блиски пријатели на земните и смртни цареви? А ние, „кои некогаш бевме одстранети од Бога, и Негови непријатели поради помислите кон лоши дела“ (Кол. 1, 21), преку дар сме не само измирени со Бога и Отецот преку нашиот Господ Исус Христос, туку сме издигнати и до посиновување. И сега нашата природа е на небото и на неа ѝ се поклонуваат сите видливи и невидиви созданија. Таква е неискажливата големина на човекољубието на нашиот предобар Бог! Откако помислил за тоа, а знаејќи колку е тоа несфатливо за човечкиот ум, блажениот Павле се моли: „Бог на нашиот Господ Исуса Христа, Отецот на славата, да ни даде дух на премудрост и откровение, за да Го познаеме и да ги избистри очите на срцата наши, за да можеме да видиме, во што се состои надежта на повиканите од Него, какво е богатството на слвата од наследството Негово во светиите и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Он ја покажа во Христа“ (Ефес. 1, 17-20). А така и било! – Дошол Он преблагиот при нас преку девственото раѓање, им се покорил на законите од природата, се издигнал на крстот и на него го приковал списокот на нашите гревови (Кол. 2, 14), слегол во длабочините на земјата, разрешувајќи од смртната болка, воскреснал, задржувајќи ја во Себе човечката природа, а, на крајот, се вознел во слава, откако се објавил наш Закрилник пред Бога и Отецот. – Такво е накусо значењето на овој празник. Созерцавајќи го и разбирајќи го ова, дека сме тело Христово, побожно да го почитуваме овој дар, да го пазиме нашето благородство, да не ја предаваме благодатта, „да не ги направиме членовите Христови членови на блудница“ (1. Кор. 6, 15), туку да се очистиме од лоши помисли и од лоши дела, да се ослободиме од телесните похоти, кои се борат против душата, имајќи го нашиот живот добар во себеси (1. Петр. 2, 12): мирен, покорен, послушен, смирен, добро среден, ваквиот живот е вистински блажен. Задоволствата и забавите, смеите и невоздржливоста треба да им ги оставиме на оние што ги сакаат телото и животот, кои гледаат и не видат, слушаат и не чујат; нивното срце е скаменето и ушите им се глуви, за да не ги разликуваат доброто од злото, светлината од темнината и животот од смртта. А ние браќа, да се држиме за верата, во која стоиме и се фалиме со надежта во славата Божја“ (Рим. 5, 2), да се зафатиме за нашите подвижнички трудови, во кои се подвизувале светиите, во чиј број е и сега празнуваниот блажен Пахомиј, - да гледаме добро, да слушаме добро, добро да допираме, да се користиме добро со сите наши членови, за да бидеме наследници на ветениот вечен живот.

231.
1.  Во вознесението на Господа Исуса Христа го празнуваме и вознесението на нашата природа; да го почитуваме овој дар и да се украсуваме со секакви добродетели.


   Го празнуваме Господовото Вознесение, крајот на домостроителното воплотување на нашиот Господ Исус Христос. Откако заврши сѐ што било по волјата на Отецот, се вознел во слава, и нас нѐ совоскреснал и нѐ издигнал на небото во своето Тело. Какво богатство на Неговата слава! И колку е неизмерна величината на Неговата сила! (Ефес. 1, 18-19). Он ја издигнал нашата смирена и ништожна природа и ја поставил на Својот божествен Царски престол и сите сили небесни Му се поклонуваат Нему. Кога помислуваме за ова, да се исполнуваме со страв и трепет, со побожност да ја почитуваме големината на овој дар и да живееме достојно спрема нашата Глава, како членови Христови, како оние што имаат исто тело како Неговото и сонаследници „со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со благост, со Духот Свети, со нелицемерна љубов, со проповед на вистината, со сила Божја“ (2. Кор. 6, 6-7), со секоја послушност и смирена мудрост, со секоја загриженост и внимание, без да изговараме нешто неумесно и без да правиме нешто против заповедите.

2.  Кој не е таков, тој не е Христов член. Затоа, секој кој е поробен на некоја страст, нека се покае и нека се поправи; оној што, по извесно време, ќе потпадне пак под дејство на страстите, нека побрза да ја поправи својата духовна расположба.

   Па така, оној што го осквернува своето тело – тој веќе не е член Христов. И тој што има некоја страст, и тој веќе не е Христов член. И затоа е недостоен да се причестува со Светите Тајни. Затоа апостолот говори: „Човекот да се испитува самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој ќе јаде и ќе пие недостојно, тој ќе го јаде и ќе го пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина умираат. Оти, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме судени. Но, бидејќи сме осудени, Господ нѐ накажа, за да не бидеме накажани заедно со светот“ 1. Кор. 11, 28-32). Затоа, да се очистиме и да се поправиме, та достојно да се именуваме членови Христови и достојно да се причестуваме со светите тајни. Ако ни се случи од невнимание да се распалиме со лоша похот, или со гнев или со завист, или со омраза или со нешто друго што е омразено пред Бога, да се потрудиме што побрзо да се поправиме, да дојдеме до претходната добра положба, да се отрезниме и да не се задржиме во злото, зашто свесното и доброволно задржување во ова ја донесува неизвинителната осуда.

3. Да побрзаме, зашто смртта е секогаш близу до нас, а по смртта ги чека осудување непокајаните.


   Зар смртта не може да дојде неочекувано? Ете, вчера го посетивме нашиот епископ. Го најдовме во висока температура и истоштен: тој се вртеше таму – ваму, бараше помош, и никој не можеше да му помогне. Зар и ние не можеме одеднаш и ненадејно да се најдеме во иста состојба? – А што се овие маки во споредба со идните? Тие, во споредба со нив, се само како сон и сенка. Тој оган не изгаснува, тој црв не умира, тој мрак не се разнесува, тие вериги не се разврзуваат: и крцкањето со забите не престанува и сите други пеколни маки се вечни. Кога помислуваме сериозно за сето ова, браќа, да престанеме да ги сакаме страстите, да престанеме да завидуваме, да се гневиме, да осудуваме, да клеветиме, и да престанеме да правиме сѐ друго што е лошо. Напротив, да почнеме да создаваме мир, да ја пазиме нашата добра расположба, да се скрушуваме, да бидеме милостиви, да се сакаме еден со друг со чиста љубов, и сѐ што ни е заповедано, да го извршуваме усрдно и доброволно, - за да ги ибегнеме и вечните маки и да го добиеме вечниот живот.