логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba

Направете го вашиот дом место за утеха, прошка и разбирање

Многу пати слушаме од свештениците кога зборуваат за духовно напредување и велат: „Да се обидеме да станеме духовни луѓе“. Но, што значи духовниот напредок, што значи духовноста? Дали сме ги искривиле нештата во умот?


Кога Отците на Црквата зборуваат за духовност, тие не зборуваат за етика. Црквата ни дава духовност, а не морално усовршување. Духовниот човек е секако морален, но морален човек не значи дека е духовен.  За да станеме морално добри, истото можеме да го постигнеме и сами, но тоа не е целта,  етиката не е доволна само по себе за да ја привлече Божјата благодат. На пример, без оглед колку сте чисти, без разлика колку и да се воздржувате за одредени работи, без оглед колку е непорочен вашиот живот, ако живеете во девственост, без разлика колку сте праведни, накратко, сите ве сметаат за морална личност, ако немате смирение, не сте постигнале ништо. . . затоа што „Господ  на смирените им дава благодат“.


Да се вратиме на темата. Велиме дека Црквата ни ја дава духовноста. Што е духовност? Дали може да се измери?
Духовноста е состојба во која човекот ја надминува својата себичност,себељубие и егоизам, ги надминува световните работи и живее во покајание и смирение за Христа и  преку Христа.


Тој живее, со други зборови,не за да  гради добро име во општеството, не за да стане познат и сакан од луѓето заради чистотата на неговиот живот или заради неговите доблести, но тој живее за Христа, тој живее за другите, тој живее преку Христа, односно живее преку Таинствата на Црквата и стигнува дотаму што вели заедно со апостолот: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“.
Духовен човек не е оној кој ја истражува и црпи од светската мудрост, ниту морален човек, туку оној кој расте во Љубовта.
Ако се осмелам да кажам кој е духовен човек, би рекол дека тоа е човекот кој љуби. Бидејќи бесконечноста, за која сите сме повикани е љубовта во Христа, односно искрената љубов, несебичната љубов, љубовта која може да ја достигне жртвата на Крстот без да крие злоба во себе.
„Љуби и прави го она што го сакаш“, му рече старецот на еден монах. Затоа што ако љубите  вистински, незамисливо е за вас да го вознемирите соседот, да го повредите, да го осудите. Ако љубите, незамисливо е за вас да најдете мир во вашата себичност, во вашата удобност. . . ќе бидете обземени од „блаженото лудило“, како што вели Свети Јован Лествичник, во кое дури и кога телото е уморно и исцрпено од аскетските подвизи, во вас ќе бидат живи зборовите на Псалтирот: „Јас спијам“ , заради потребата на телото, ‘’но срцето ми е будно “од изобилството на љубовта кон Тебе.
Љубовта е целта на животот затоа што Бог е љубов. Човекот кој има за цел да се соедини со Бога се чини дека има за цел да стекне љубов.
Св. Јован Лествичник повторно вели дека „тој што сака да зборува за љубовта се чини дека се обидува да зборува за самиот Бог“.

Љубовта е вподобување на Бог. Со своето дејствување таа е ‘’опивање ‘’ на душата. По своите својства таа е извор на вера, бездна на долготрпеливоста, и море на смирението.
Затоа се осмелив да кажам дека на крајот духовна личност е личноста која љуби, која има љубов не само кон своите пријатели и роднини, не само за луѓето, туку и за целото создание!
Сето ова го спомнавме, не за да паднеме во малодушност и да се обидуваме да ги освоиме Небесните патеки набрзина, зошто притоа  можеби ќе бидеме разочарани по патот. Затоа, не смееме да го заборавиме следново: „како што не е можно оној што поминал низ долго боледување, да го врати своето здравје за момент, така не е можно да се надминат нашите страсти, па дури и една од нашите страсти за миг и одеднаш“ (Свети Јован Лествичник).
Потребна е упорност, трпеливост, молитва, внимание, смирение и покајание. Но, исто така, друга многу важна работа: секоја личност може да постигне многу работи во својот живот, но не може да ја достигне светоста далеку од Таинствата на Црквата.
Црквата е Христос кој се протега низ вековите. Црквата е Христос и затоа ние сме толку далеку од Црквата колку што сме  далеку од Христос. Тој што ја отфрла Православната Црква го отфрла Христа и е далеку од Христа, далеку од Светлината, Вистината , Љубовта и вечниот живот.
И никој нека не рече дека „ние не посакуваме да станеме свети“, затоа што оној, кој внатрешно свесно ја отфрла светоста, ја отфрла целта на своето создавање и постоење.
Сите ние сме создадени по образот и  Божјото подобие, односно ние сме создадени слободни, со умот, расудувањето и разумот, да се преобразиме од земен народ во Божји луѓе по благодат, во светии, во суштества кои живеат хармонично со Бог во вечна радост. Ако не сакаме таква иднина. . . самите сме виновни.
Духовниот живот е живот на простување и љубов. Ако не им простуваме на  другите не знаеме ли да љубиме. . . да не се залажуваме - тогаш не водиме духовен живот, без оглед колку сме „морално невини“, затоа што „секој кој љуби е роден од Бог и го познава Бога“.


Еднаш оженет, живеј како оженет. Ова го велам затоа што го набљудувам феноменот во кој, кај некои христијани кои избрале брачен живот, после неколку години се буди „божествена ревност“, што предизвикува мисли и однесувања што ги оттргнуваат од нивните брачни должности.
Додека тие се во брак, имаат дечиња, мислат дека е време да живеат како монаси. И за жал тие самите одлучуваат за ова, без согласност на сопругата.
Аскетизмот во бракот е, се разбира, неопходен, бидејќи во спротивно бракот нема да  ја постигне својата цел, а тоа е патот на сопружниците кон обожение. Но, една е аскетската свест во бракот, а други се крајните екстремни состојби на имитација на монашкиот живот. Не си монах, човеку, оженет си!
Некои од нив одат дотаму што ја игнорираат прошетката со сопругата како нешто непривлечно! Или одлучуваат сами да се воздржат од интимни односи.

Колку и да е правилно да го следиме нашето духовно правило толку е и духовно да се оди на прошетка со сопругата. Колку и да е духовно да одиме наоколу во манастирите, толку е духовно да се гали лицето на сопругот кој доаѓа дома уморен од работа, да и кажеме љубезен збор на својата сопруга за храната што ја приготвила.
За жал, постои мисла дека ако сте Божји човек, не треба да се грижите за вашиот изглед. Ова секако е делумно точно. Ако сте монах-пустиник, погоре кажаното може да биде вистина. Но, дури и ако сте монах во општожителен манастир, повикани сте да се грижите за себе, да се бањате (да не мирисате); имаше отци кои не се капеа, но јадеа оброк на секои два дена; некои луѓе си  јадат нормално, но не се капат, а резултатот е дека нивното присуство - заради невнимание - станува неподносливо. Ако ова се однесува на монаси, толку многу повеќе се однесува за луѓето кои живеат во светот и се во брак.
Св. Јован Златоуст вели дека жената мора да се грижи за својот изглед за да биде посакувана од нејзиниот сопруг ( не за да скандализира со однесувањето), а мажот мора да внимава на својот изглед за да биде допадлив  на својата сопруга. Ние ја гледаме големата расудливост  на Богоносните Отци на Црквата за овие работи.
Не е духовно сопружниците да го игнорираат својот изглед од „духовни“ причини. Таа те сака за нејзин сопруг, тој те сака за неговата сопруга, тој не избра да живее со тебе како со  своја цимерка! Кога влеговте во брак  имавте 70 кг, не 120 кг! Не го земајте ова за небитно. Вашиот став кон овие нешта  ја отсликува вашата духовна состојба. Кога другиот ќе рече дека ја сака својата сопруга, и откако се оженил, тој се здебелил со 50 кг, тоа покажува дека оваа љубов кон неговата сопруга станала прилагодување. Тој се прилагодил и се оддал на  јадење. Кога го сакате другиот, вие сте внимателни во сè, дури и во вашата тежина.
Значи, вашето спасение не зависи од тоа колку манастири сте  посетиле или колку долго сте се молеле. Вашето спасение доаѓа преку вашиот сопружник, преку вашите брачни одговорности, преку вашето семејство, преку вашиот брачен живот.
Мора да разберете дека сите што се во брак првенствено за вас пример се монасите, исто како што ангелите се пример за монасите. Но, исто како што монасите не можат да се качат на истиот покрив и да летаат, а Ангелите можат да го сторат тоа, така и вие, оженетите, не правете работи што  искрено  се само за монасите, како што се девственоста, воздржанието, затворништвото. Треба да го усвоите духот на монасите, кој  што е дух на послушност, прошка, понизност и љубов.
Брачните луѓе кои откако ја вкусиле радоста на бракот (кога биле млади) и одеднаш (по години поминати во брак) во нив се разбудил монахот или монахињата, не прават добро.
Како би се чувствувале ако некој монах би рекол: „И мене по толку  години ми е здодевно во расото, дозволете ми да се оженам а потоа  веројатно повторно ќе се вратам на монаштвото!“ Со право би го осудил неговото однесување. Истото важи и за оженетите лица кои сами одлучуваат да живеат како монаси.
Молитвите се добри, но исто така духовно е да се измие и по некоја чинија; добро е да го читате словото Божјо, но исто така е духовно да патувате со сопругата. Посетите на манастирите се добри и благословени, но исто така е корисно да организирате романтична вечера со вашата сакана личност.

Духовна храброст не е да станете монах во брак, туку никогаш да не ја разочарате вашата сакана. Нека вашиот брак, вашиот дом стане место на еднодушност, утеха, прошка и разбирање.

Откако сте во брак, живејте како брачни во послушание еден кон друг, така ќе бидете спасени.

Се надевам дека ќе го "разберете" духот на она што е напишано и не му пристапувајте научно.

 

3.angeli.so.truba

Автор: архим. Павел Пападопулос

 

21ви септември 2020 лето Господово


Превод на бугарски: Константин Константинов


Превод од бугарски на македонски: Симеон Стефковски

 3.angeli.so.truba

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie